понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ЧУДНА СПОЈКА

ЧУДНА СПОЈКА

Во последните десетина дена, многу работи чудно се поклопуваат и се препокриваат една со друга. Убија младо момче, а настанот го поклопија со веста дека опозицијата барала амнестија за криминал (а единствен амнестиран и аболициран за криминал до сега во државава е единствено премиерот ни). Ги открија дека лажат, па тоа го преклопија со доделување на грантови за иновативни бизниси. Ама грантовите наместо кај младите со одлични иновативни идеи за бизниси, завршија кај најблиски соработници на премиерот ни, што кај вице премиерот Анѓушев, што кај прилепскиот пратеник Локвенец, што кај разноразни Цветанки, Димевци и какви ли уште не заслужни партиски градоначалници, советници и војници (па овој излезе да не убедува дека тоа било законски, ама по малку не било баш етички). За да не ги збори подолго време народот, ова го поклопија со наводното апсење и експрес – лонец судењето на Новоселскиот ес-де-есовски градоначалник (Мал)Боро, кој ако не го фатеа во шверцот, сакал со заработените пари да им донесе Живот на сограѓаните (тука ме мачи едно прашање, дали цигарите му растеле на дрва на човеков, бидејќи истрагата на полицијата и обвинителството не утврдила ниту нивно потекло, ниту пак каде требало да завршат). Па оваа афера се обидоа да ја задушат повторно со референдумот, но и со најави дека полицијата трага по организаторите на повикот (хаштагот) за бојкот на референдумот. И, се додека сите се занимаваат со референдумот и прашањето кое ќе биде поставено, некои портали срамежливо навестија дека рудникот Иловица сепак ќе се гради, па некој ќе мора да врти до камионите таму. Излезе дека бизнис интересите се сепак поголеми од дадениот премиерски збор.

Две нешта, две изјави, сепак отскокнаа во една чудна спојка. И двете се однесуваат на промената на името.

Радмила Шеќеринска, некогаш силно надежен, но сега веќе пропаднат наследник на најцврстата тупаница на СДСМ – Бранко Црвенковски, а сега на чекор до реализација на нејзината мечта за уништување на Република Македонија, без да ја поткрене веѓата, најави дека владата нема намера да го почитува резултатот од претстојниот референдум. Ако народот не им даде поддршка на гласањето, они тоа (промената на уставното име на нашата држава) ќе си го спровеле институционално. Е па, ви кажувам дека ќе има институционалана разрешница ова велепредавство, но не како што посакувате, туку во правец на она од кое најмногу стравувате. И тоа за брзо време.

Исмет Рамадани, пак, поранешен пратеник на кого зенитот на славата почна да му згаснува кон крајот на деведесеттите години од минатиот век, самопрогласен “експерт” за не знам што, се закани јавно со албанците. Демек, албанците ќе се радикализирале ако не сме влезеле во НАТО (читај, Ако не го смениме уставното име на Република Македонија).

Има две работи, Исмет Рамадани, во врска со албанците кои живеат во Република Македонија, а кои треба да ги знаеш. Првата е дека и тие се граѓани на оваа држава и како такви и тие се должни да ги почитуваат и Уставот и законите, а мнозинството од нив тоа и го прават. Втората е дека поттикнуваш меѓу етничка нетрпеливост, што само по себе е кривично дело и казниво по закон. Во секој случај, уште една работа која треба да ја знаеш, е тоа дека албанците не те почитуваат. Дури не те ни приемаат како албанец. Тие со кои се закануваш, за тебе коментираат: “Исмет е едно гомемо ништо и тоа помножено со нула”. Затоа, би ти дал една добронамерна, сожителска препорака, заканите да ги задржиш за во кругот каде, како што се збори, се собирате на пијанки со другите “експерти”, каде што сте “храбри” и гласно се смеете на вашите лукавости и итроштини до рани зори, поттикнати од вкусот на дабово дрво кој се чувствува во алкохолот кој ви дава сила.

Порака до последниве двајца: Не се заканувајте, никој не ви се плаши. Напротив, ако некој треба да се плаши, правете го тоа вие. Оти, крчмарот веќе го прави есапот, па некој ќе треба и да го плати.

Колумна на Димитар Димовски,

Член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ