понеделник, 25. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Црвениот хипокрит

Црвениот хипокрит

Сакав да Ви глаголам за нашата судба, несреќа, чемер и јад, поради што Ви пишував за потребата од нашето ридање до небо. Она што сите не ничкоса, гледајки го срамот кој го нанесе нашата политичка олигархија, бестидно онанирајки на нашата, македонска, „голгота“, нашето распетие. Но, мислам дека на „нашиот“ Херостат мора да му ја дадеме неговата слава-заборав.

Проблемите кои не навјасаа бараат сериозен пристап, одговор кој мораат да го дадат најповиканите, академската заедница која „мудро“ молчи. Веќе не е проблем инфантилното и вон здрав разум скандирање „северна-северна“ на Мечкин камен од група слепи војници на Заев и не само слепи во очите туку уште повеќе и во умот, не е проблем ниту циркусот со Катица (која патем кажано „пуштена е низ вода), ниту бранењето на криминалот продуциран од СДС, некапацитетноста на газда Заев и неговата свита со која некој си белосветски мајтапчии се мајтапат, а со тоа се мајтапат и со сите нас и Македонија ја имаат на потсмев, ниту „реформите“ во безбедносниот сектор (за што посебно ќе пишувам). Сето ова не е проблем, бидејќи се вкупно се е проблем.

Потребен е целосен интердисциплинарен пристап за да направиме сеопватна анамнеза и ја поставиме соодветната дијагноза на нашата држава – Р.Македонија, со цел да се изнајде решение односно соодветен лек за оваа чума која ништи се што ќе допре. „Црвениот хипокрит“, според мене е вистинското име, всушност употребено како еуфемизам, за нашиот болен. Како што би рекол почитуваниот Емил Алексиев „она што припаѓаше на жанрот „политичка фантастика“ денес е наша ужасна стварност или она што неможевме ни да го сониме како најкошмарен сон денес е наше јаве кое го живееме. Македонија денес е: „криминална, клептократска, корумпирана, клиентелистичка, мафијашка и декадентна држава (само за едно поколение расипани селани) со која владее опскурна политичка организација која себеси се препознава како влада.“

Искрено, на почетокот мислев дека станува збор (мислам на нашите „владетели“), за луѓе кои се наоѓаат во delirium tremens поради зголемено консумирање на ферментирана улична демократија по долгото децениско апстинирање од државните процеси. Но, кога тоа помина станав свесен дека сите ние сме во шок, едноставно мислевме дека тоа нам не ни се случува, од силниот шок и неверување останавме парализирани (ефект што во психолошката војна се постигнува преку фрагментација воведување во самоонеспособување и синоптички идеализам кој завршува со дисасоцијација). Што тие го искористија бесрамно и потполно и сеуште го користат. Само како мала дивергенција од темата, а како потсетување. Дали колеги, безбедносни бранители на Заевата жртва во „хибридната војна“ сакате да дебатираме за делот на психолошката војна, манифестациите и тоа од каде и како доаѓа оваа стратегија наречена „шок на иднината“?

Ова ме натера на целата работа да гледам низ призма на болни личности кои свесно вршат уништување на сопствената нација и држава, да ги согледам појавните облици на манифестирање на болеста за точно да детектирам за каква болест се работи. При тоа, не се определив за класична безбедносна или сигурносна анализа и тестирање, туку исклучиво на психолошкиот профил кој несомнено има силно влијание врз нивното политичко-безбедносно поведение и директно влијае врз сигурноста на граѓаните.

Зедов неколку елементи на нивното владеење како лакмус за утврдување на нивниот апокриф. Патолошки лажливец, глумци за Оскар или најмалку за Нобел, параноичен страв од се и сешто, а најмногу од тоа да биде разоткриен нивниот страв, задушување на индивидуализмот и креативноста, апсолутна моќ, уништување на сите морални вредности во општеството, корупција, централизација, правен волунтаризам, девастиран правосуден систем, контрола на медиумите, контрола на вистината, конвертивизам (политички, сигурносен, економски, финансиски, религиски и од секаков вид), конверзија од голем патриот кој не дозволуваше да му се допира по жицата на гитарата од Македонизам и кој додека дише ќе ја брани Македонија, во ПРЕДАВНИК во секој поглед. Покрај толку лакмус хартии кои ги набројав што да се каже, која нема да покаже дегенричност?

Одговор на овие елементи и како тоа може да го толкуваме стручно и научно поткрепени најдов во книгата „Политичка понерологија“ на полскиот психијатар Андреј Лобачевски. Всушност, тој се занимава со истражување на „политиката преку злото во политиката“, а поголемо зло од ова нас што не снајде, тешко ќе се најде. Врз основа на нашите лакмуси најдов многу допирни точки со она што Лобачевски го нарекува „ПАТОКРАТИЈА“.

Тоа е болеста која ја имаат нашите владетели. Односно, „тотален облик на владеење во кое апсолутната моќ е во рацете на психолошки дискутабилно стабилна (психопатска) елита и под нивен надзор целото општество е изопачено, така што го водат и движат патолошки вредности“ (цитат од Лобачевски). Имајќи пред вид дека, според Лобачевски патолошките лажливци меѓу себе се препознаваат и пронаоѓаат, нашиот пример со, за жал по нас, трагично и патетично наречен „РЕКЕТ“ дава јасна потврда на тезата која ја изнесува Лобачевски. Имам мало несогласување (со Лобачевски) со констатацијата дека припадниците на ПАТОКРАТИЈАТА се придржуваат кон Декарт и неговот „Cogito ergo sum“, што пак во основа е платформа за Ничевиот „над човек“, а теоријата и нејзиното практично создавање на „над човек“ имавме можност историски да го искусиме како проект на нацистите, па така ги знаеме и последиците од оваа платформа. Не мислам дека овие лица под маска некогаш чуле за Декарт или Ниче, но во основа прекрасно интуитивно (или суптилно водени) ја спроведуваат ПАТОКРАТИЈАТА.

Очигледно дека оваа патолошка болест е автоимуна, што значи дека сами треба да пронајдеме лек, додека се уште постојат здрави, не метастазирани, ткива во општеството. Лобачевски предлага, за да се заштитат луѓето од сомнителни психолошки профили во политиката да се спроведуваат психолошки тестови врз оние кои сакаат да владеат, во ред, но за нас во оваа фаза е доцна. За некои научни авторитети егзорцизмот е единствено решение. На знам, можеби, не сум имал искуство со егзорцизам, а не ми е познато дека Светата Православна црква го третира егзорцизмот како борба против демоноиманоста и на кој начин го прави тоа, но ете ќе се распрашам кај некои црковни духовни големини, можеби ќе помогне, впрочем и МПЦ треба да биде дел од решението иако понекогаш и понекој од нејзините редови се дел од проблемот.

Тешко прашање и согласно тоа и тешко ќе се дојде до соодветен и најдобар одговор, но не постои прашање на кое нема одговор, единствено ние во моментот може да не го знаеме одговорот. Од таа причина, предлагам да се направи конзилиум од македонски научници, од разни научни области и можеби еден збир на умови ќе успее да пронајде некој лек. Тој лек ќе има за цел пред се да го заштити македонското население од биолошко истребување (бидејќи мнозина и масовно бегаат од државата), а и државата Република Македонија како организиран меѓународно признат политички субјект со сите атрибути на државност.

Вонреден професор д-р Оливер Андонов