Секој пат кога ништо не функционира, секоја власт наоѓа начин да ја дефокусира јавноста со некоја тема која ќе ги поларизира односите, ќе креира табори, и ќе се занимава со се, само со тековните предизвици, не!
Ако зборуваме за државно ниво, да видиме до каде сме со инфраструктурните проекти, со реализацијата на капиталните инвестиции, субвенциите и развојот на земјоделието, до каде сме со здравството, болниците, Клиничкиот центар (виртуелен очигледно), заштита на македонскиот јазик и самиот идентитет на Македонецот, историјата, културата, еднаквиот развој на државата и што ли уште не.
На локално ниво, барем кога Скопје е во прашање, средувањето на јавниот превоз, алтернативниот превоз, загадувањето, нови булевари, тунелот под Кале, раскрсници на две нивоа ради поголема проточност (кај Судска палата), нова Градска куќа, регулирање на бучавата (клубови, кафулиња, верски објекти итн.), Луна забавен парк, нови паркови, севкупна хигиена, обезбедување паркинг простор и ставање во функција на неискористени или пренаменети паркинг места, дисфункционалните и мегаломански урбанистички планови (Расадник, Ѓорче, од претходно Карпош, делови од Центар, Аеродром, Чаир, а сега веќе и Бутел)…
Тоа се проблемите и предизвиците со кои народот се соочува, а се обврска на локалната и централната власт да ги реши, среди, санира, преуреди и направи свој приоритет. Петта година централна власт, четврта локална. Може ли било кој да излезе, да поднесе отчет и да каже, што ветив, започнав, реализирав, и гордо го промовирам. Вршење тековни активности, не се брои. Тоа можат и самите вработени, без директор или министер.
Што ни се случува нам? Во време кога нема вакцини против КОВИД 19, кога рејтингот и поддршката паѓа, кога владее општа летаргија, ни се случува да се занимаваме со образование реформи во кои главна агенда е менување и бришење на националната историја и релативизирање на она што е, кој е и од каде е македонскиот народ, но и борбата за формирање на македонска нација како заедничко јадро на сите, над етничко, национално, додека пак на градско нив во Скопје, дебата за промена на имињата на улиците, или враќање на старите кои пред 9-10 години беа сменети. Навистина небулозно, и во најмала рака скандалозно.
Гледам дека го споменуваат името на Иво Лола Рибар повторно да се врати. Според него се нарекуваше една од најважните сообраќајници која денес се вика Митрополит Теодосиј Гологанов, патем, улица на која и јас лично живеам. Кажете ми, со што Иво Лола Рибар за задолжил Македонија? Со што? Кое е неговото значење за Скопје и Македонија, и дали ако го вратат, ќе биде тоа на истото место, и ќе ја применуваат Гологанов, или ќе најдат алтернативно решение на споредно место. Според мене, тргање на името Митрополит Теодосиј Гологанов би било шамар за севкупниот македонски народ. Глупост, без преседан.
Во листата на имиња гледам и имиња на лица, кои на ниту една основа немаат врска со Македонија, ниту пак се значајни за светската историја, наука, култура. Имам впечаток дека се тера некаков „рамковен концепт“, во смисла ти толку од твоите, јас толку од моите, тој од неговите…
Луѓе, држава сме! Не селска кооперација. Никој не е против никого, ниту пак смета дека не треба да има улица која е битна со ликови и настани битни за албанците, турците, србите, власите, ромите и сите други. Но тоа мора да се важни личност за ова поднебје, па дури и локални херои со помала државна важност, но битна за заедницата или локалниот развој. Никако луѓе познати по воени конфликти или луѓе кои можеби за некого се херои, но за другиот се асоцијација за немир, злосторства и други недела. Памет, пракса е улици да се именуваат според починати лица. Чудно е што помеѓу предложените има и живи лица. Јас би сакал искрено, барем во средините или населбите кои живееле, ако нема можност во потесното градско подрачје, улици да добијат и еден Зоран Џорлев, Драган Вучиќ, Гоце Арнаудов, но и еден куп универзитетски професори, иноватори, креативци. Мислам дека токму со имиња на улици со луѓе од естрадата и науката и образованието ќе донесеме нов квалитет. Но сите тие не смее да се бираат со цел да нечие туѓо име се промени, посебно не на некој кој е македонски деец.
Еве, до ден денес, не ми е јасно зошто централната улица во Топанско поле се вика Благоја Паровиќ? Не ме сфаќајте погрешно, но со што Благоја Паровиќ за задолжил Македонија за да тој во неа носи име на улица. Човекот загинал 1937 борејќи се во Шпанската граѓанска војна. Тој е само еден од многу нелогични имиња на улици, а дискутираме за промена на имиња на македонски дејци. Смешно.
Ако зборуваме за улиците, кажете сите што имате за улиците во ден два, замолчете ги спинерите, истото направете го за школството и квази реформите, и ајде да се вратиме на секојдневните реални проблеми.
И да, водиме дебати до бескрај, се расправаме, објаснуваме за улици, херои, празници, историја, додека во меѓувреме тонеме. Зошто? Затоа што веројатно тоа и сме го заслужиле. Самите ние граѓаните, сме криви што дозволуваме во континуитет да не водат неспособни и џаболебари.
Инаку ќе биде онаа: „Нека ни е на здравје!“ Додека не си ја промениме свеста, и дека не престанеме да бираме кој ќе не води низ призмата на личната корист, нема напред драги мои.
Во секоја колумна ќе го повторувам истото, се додека не видам дека барем малку народот не престане да е себичен, туку почнува да гледа на нештата низ призмата на општо, заедничко добро. Се дотогаш, ќе бидеме и останеме, дно!
Александар Ристевски