четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Демонтажа на човекот- тероризам врз достоинството

Демонтажа на човекот- тероризам врз достоинството

Индивидуализмот е мртов, да живее индивидуата. Колективитетот станува галиматијас, кој што од сите страни го напаѓа човекот и силно го турка во негово отчовечување. Индивидуата во ова време на привидна слобода, самата се оковува во синџирите на „слободата“, првенствено преку наједноставниот начин што е во позиција директно и непосредно да учествува во јавно кажаниот збор и мислење, да тоне во нејаснотијата на разумското расудување, да талка по логиката, а да е постојано далеку од смислата.

Рациото и идејата во основата барем, се спротивставени по својата природа, а со молњевитото модернизирање на технологиите, глобализацијата, се нарушуваат сите правила на комуникацијата, а таа безмалку се одвива со такви шумови, кои на крајот завршуваат со комплетна глувост. Финалето од сето тоа е оневозможена комуникација, отсутен дијалог, невозможност за восприемање на било какви информации, зачауреност во личните убедувања, осуденост со комплетно отсуство во процесот на расудување, а не дај Боже да стане збор за учество во процесот на носење одлуки, преземање чекори или било која форма на некаков personal management.

Тоа не постои, особено не, во опкружување каде пеењето на химната на родената држава е највисок терористички чин, каде политичката одмазда се сведува на најсуптилни форми на притисок, од кои највисоко рангирана е обвинение за тероризам. Механизмот е понижување, кастрација на чувствата, убивање на достоинството, убивање на човекот во човека. Страв и немир, кој што постојано те држи во состојба на стрес, со последици врз комплетната психофизичка кондиција (здравјето го заменува болеста).

За примери се одбрани, како во литературен текст, вистински јунаци, личности, кај кои е потврден индивидуализмот (пеачи, глумци, доктори, режисери, хејтери, пратеници и ликови во своите средини препознатливи по своето дејствување), зашто во показната вежба целта е ние „малите“, „обичните“ луѓе да посегнеме по старото правило и да бидеме поучени од туѓите грешки, а тоа веќе знаете што значи. Молк, стутканост, апатија.

Сето ова, ме упатува на расказот на Петре М. Андреевски „Мост“ (како си го минирав татка). Овој текст ги сублимира можеби сите болки на нашава сегашна животна сцена, зашто она што се случува како сегашнина, може комплетно да се именува преку толкувањето на текстот. Книжевноста првенствено, нели е еден од начините да го претставува животот и човекот, да ги адресира прашањата, недоумиците, а често и ги најавува одговорите. Краткото фабуларно претставување на „Мост“ (како си го минирав татка) е ова: во војна кога непријателот треба да биде задржан во повлекувањето, еден од ревносните младичи, добива задача да го урне мостот. Но, уривајќи го мостот, тој е директен извршител на чинот таткоубиство. Тоа во моментов, почитувани, ни се случува сега и овде, ни се случува нам.

Најраспространетата симболика на мостот е средство што овозможува премин од еден до друг брег. Тоа е премин од земјата на небото, од човечка во натчовечка состојба, од минливост во бесмртност, од чувствителен во натчувствителен свет (Ганон) … Преминот преку мостот често има значење и на иницијациско патување. Кај Шевалие и Гербран, мостот, исто така, се идентификува со оската на светот во различни облици, а особено во облик на скалила, во случај каде тој треба да се смета за вертикален. Опстанокот во целост по идентитетска линија е во прашање, преку прецизен личен атак врз човекот, а со тоа и колективитетот станува мртов.

Со рушењето на мостот, со таткоубиството, веќе нема сомнеж за финалниот исход. Нам, на сите без исклучок овде, се прави обид да ни биде одземена можноста да го минеме мостот, зашто со сите репресии сега, па и движења, сите сили се концентрирани да ја уништат, неутрализираат силата на вербата, од која пак, е директно условено преминувањето. Според Куранот, некои го преминуваат мостот за сто, други за илјада години, само што овој пат интензивно се работи на негово минирање и се чека на моментот да се активира детонаторот. Овде, станува збор, за однапред одземена можност, преку чинот на себеоткажување. Во една Велшка митска приказна Кралот Бран легнал во магичната река Шанон, од едниот до другиот брег, а преку неговото тело поминале војските.

Оттаму, можеби потекнува сентенцата „нека секој водач е мост“. Ама, за жал на сите, Заев ни оддалеку не е водач, туку растроен лик, кој што од петни жили се обидува да го повлече детонаторот и да го сруши мостот. А, што претставува чинот таткоубиство, е повеќе од јасно. Убивање на генерацијата, поседувањето, вредноста. Симболички таткото ја претставува и свеста наспроти инстиктивните пориви, спонтаното воодушевување, несвесното; тоа е светот на традиционалниот авторитет наспроти новите сили на промената. Свеста овој пат е конструираниот план и намера што Заев ги спроведува за да го негира, основниот човечки порив, инстинктот на ниво на несвесното – спознатиот идентитет, потврденото самопознавање, бидувањето. Во митовите за потеклото, таткото се воздигнува во творец на културата, во еден сеопшт, широк контекст на идентитетското прашање.

Во расправата на Пол Рикер „За толкувањето“ (Париз, 1966) богатството на симболот на таткото му го припишува особено на неговиот потенцијал за трансенденцијата. Таткото – лик во симболиката е помалку како творец еднаков со мајката, а повеќе  како законодавец. Тој е изворот на институцијата; како господарот и небото, тој е слика на организираната, мудрата и праведната трансенденција; според вообичаената инверзија во симболиката, првиот татко станува Бог кој доаѓа; истовремено им припаѓа на минатото и иднината; генерацијата станува регенерација, потомството раѓа ново потомство со сите аналогни значења на терминот. Таткоубиецот Заев, ги разнебити институциите (од прва до последна – особено оние чие номинално постоење се правото и правдата), со сите сили секојдневно работи на менување на минатото и уништување на иднината, за да ја оневозможи за навек регенерацијата. Операцијата е опасна, колку ќе успее, повторно зависи од секого од нас, поединечно. Никој од нас не може да биде поштеден и отповикан од одговорност за „сопствената смрт“.

Со таткоубиецот Заев Македонија оди напред кон сопствениот амбис, затоа треба што побрзо тој да биде оневозможен да остане „политички жив“. Не треба повеќе ниту ден да потроши на обезбедување економски раст, повисок животен стандард, слобода, демократија, владеење на правото, добрососедски односи и интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО, тој дефинитивно покажа, дека тоа НЕ МОЖЕ и НЕ ЗНАЕ, да им го обезбеди на граѓаните на Република Македонија.

д-р Анита Ангелевска

(авторот е доктор на Филолошки науки и

советник во Советот на Општина Битола

од редовите на ВМРО ДПМНЕ)​