Со самото тоа што актуелнава власт успеа за шест години, да назначи дури пет министри за култура, зборува за тоа што таа мисли за културата.
Едноставно, успеаја се она кое се креираше, да го доведат на максимално ниски гранки, за кои ќе требаат години опоравување. Оној потег со прифаќањето на колективниот договор, и негово врзување со минималната плата, сметам дека на самата власт и беше превид, а одличен потег на „културњаците“, иако во од се направија и бројни утки, пропусти и недоследност (во кои самиот јас, лично сум засегнат, а за што имам неколкупати пишувано).
Каде е уназадувањето, девастацијата и ретроградноста?
Се прекина со капиталните инвестиции. Градба на предвидени нови објекти, реконструкција на постојните и заштита на оние кои се споменици на културата. Се е веќе со години козметика и крпење. Нема напредок, нема енергетска ефикасност, трошоците се огромни.
Намалувањето на средства за теренски истражувања и археолошки ископувања. Со овој чекор во огромна мерка се прекина континуитетот на презентирање на македонското културно богатство, но и потврда на некои историски факти и докази, за сите оние кои не негираат. Добиваше туризмот, културата и културните работници, но и науката и образованието.
Не пополнувањето на дефицитарни и испразнети места. Самото покачување на платите, предизвика и застој во растот и напредокот на одредени институции. Огромен број од струните кадри заминаа во пензија, направен е прекин и во трансферот на знаење, и во пренесувањето на обврски, но и континуитетот во работењето. Секако, секогаш има пари за некој административец, за некој измислен кадар и позиција која е се,само не приоритет во моментот. За такви инцидентни решенија, и за „договорци“ (за кои за годинава конечно се даде забрана) пари секогаш имало. Дури и кога нема, се наоѓале.
Оваа власт нема никаков концепт за културата. Никаков. Не може бре буџетот во последните 5-6 години да се дуплира, а вие средства да намалувате. Нема логика! Тоне продукцијата, тоне квалитетот, а и со тие покачени плати, правите огромен дел од вработените да дремат ко мисири, непродуктивно и запуштено. Целосна летаргија!
Она што го правите со конкурсите е смешно. Рамковно делење на културата, со балансери, проценти и квоти, со партиски и етнички делби е одвратно. Одбивате проекти кои се од национално добро, од национален интерес, одбивате македонска музика, текст, поезија, театар, слика, скулптура, ама пари има за концерт на странски пејач во Битола, поп пејач, кој и така пазарно би наполнил сала, давате пари за партиска „госпожа“ да славела јубилеј, иако жената немала една песна барем 20 години, а и тие кои ги има ретко кој и ги памти. Кратите пари од фестивали со 30-40 години традиција, а давате три четири пати повеќе за фестивали кои се строго етнички и не продуцираат никаква државна ниту квалитативна вредност. Кај изложбите правите салата. Не е битно дали една институција прави 20 изложби, а друга само пет, и двете добиваат исто пари, само различно расцепкани. Тие кои сакате да ги откачите свесно, им давате само 10 до 20 отсто од побараната сума. Смешно! Смешно и навредливо.
Единствено човек треба да ве пофали само за едно нешто. Што конечно воведовте електронско пријавување, и прекинаа оние идиотски редови и дремење пред Министерство и по ходниците, и чекање бројче.
Ама џабе дигитализацијата, кога ликовите кои сечат, делат, распределуваат се со изместен аршин. Кога има подобни и неподобни, и оние третите на кои им се фрла нешто, колку да не се без ич! Кога јасно пред да излезе самиот конкурс не се каже кој е приоритет и поради кои причини. Ние секоја година имаме приоритет, ама партиски, лоби, етнички, ваши/наши, другарски… што нема никаква врска, ниту со култура, ниту со национален интерес.
Едноставно, делење на јавни пари, по блиски и познати. Мене не ми е јасно, врз основа на кој критериум се бирани членовите на комисиите, и врз кој критериум тие го бранат изборот на проектите и предложените суми? Јас сум бил дел од такви комисии и тела, на локално ниво пред 10тина години, и здраво сум се потел за да објаснам, образложам и пресечам околу секој можен аргумент. Дури и детално бодување по десетина категории, а според бодовите вкупни колкава поддршка.
Кога ќе видите како актуелната власт ја води културата, како посрамно и дрско се расфрла со парите, товејќи ги своите пулени, сфаќате дека деновите им се одбројани и дека се трудат само да наплатат што можат пред заминување.
Ако! Само напред кон провалијата, и среќно! Бевте и да не се повторите! А искрено се надевам дека за многу брзо потоа, ќе си излезат на виделина сите недоследности.
Александар Ристевски