Ситуацијата е како чиста и јасна. Политичкиот врв на бугарската држава е во паника по притисоците да го откочат процесот за интегрирањето на Македонија за пристап кон ЕУ.
Во нивната логика, многу поедноставно е да го ризикуваат разнебитувањето и распадот на оваа држава, отколку да го доведат во прашање опстојувањето на она го зацртале како догма и бугарска национална политика.
Имено, Бугарија е, била и претпоставувам ќе биде место каде Македонците се собирале, егзистирале, се организирале. Земја прибежиште, во која се ковале плановите за излез од притисокот на Турција, Грција, Србија. Софија е ден денес е центар на едно тврдо и силно македонско ткиво. За жал, дел од тоа ткиво Македонската мисла и идеја ја смета за дел од бугарштината, што доколку се земе како лојалност кон државата е сосема чесна и легитимна. Но секој Македонец, каде и да е, си има своја земја мајка, своја татковина, а тоа е Македонија, без оглед дали е фиромизирана, посеверџанета, елинизирана, словенизирана или со било каква додавка.
Стравот на бугарската политичка сцена и на нивната самодевалвирана интелектуална јавност, дека македонизмот ќе ги растури догмите и дека концептуално, тие на среден рок ќе мора да ја реформираат државата, прави да изнесуваат радикални фашистички ставови, непознати за современа Европа. Имено, на тема Македонија ќе се знае дали Европската Унија воопшто ќе постои.
Да се разбереме. Јас не сум анти ЕУ, ниту пак некој изразен евроскептик, туку еврореалист. А реализмот е дека на Македонија и на Македонецот изминатите 30 години им се поставија куп сопки и услови, кои апсолутно на никој друг не му беа наметнати. Му се наметна и квинслишка влада и своевиден апартхејд во владеењето, кој прашање е на време кога ќе експлодира. Државата е на колена, во долгови до гуша, нема никакви инфраструктурни инвестиции, превработеност, фирми пропаѓаат, каматите растат, цените забегаа, а власта не продава. Народот врие, и прашање е кога ќе претече лончето!
А што прават „соседите ни мили“, од државниот врв на исток?
По средбите со германскиот државен врв во Берлин, бугарскиот претседател Радев најави дека нема да дозволи легитимација на македонизмот во Европа. Ајде бе?
Тој од Берлин уште еднаш сигнализираше дека нема намера да отстапи од ветото за Северна Македонија во ЕУ. По средбите со германскиот претседател Штајнмајер и канцеларот Шолц во Берлин, Радев на брифинг со бугарските новинари соопшти дека позицијата на Софија наишла на разбирање од неговите германски соговорници. Види мајката?
„Исклучително сум задоволен од разбирањето на кое наиде аргументираната бугарска позиција во врска со Северна Македонија. Во ситуација кога работиме за заедничката европска позиција и за европските институции не треба да дозволиме нашата национална позиција за Северна Македонија да стане заложник на конфликтот во Украина и оваа тенденција да се засилува”, изјави Радев. Тој смета дека почетокот на преговорите на Северна Македонија во ЕУ би било напуштање на европските принципи.
„Неверојатно е како, Европа, која се изгради како пример за останатиот свет во однос на демократијата и човековите права, во толерирањето на јазикот на омразата, е подготвена да им сврти грб на тие принципи и вредности. Не треба да дозволуваме легитимација на македонизмот, на идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната, да си најдат место во ЕУ“, порача Радев од Берлин.
Другарче, после ова искажаното од тебе, од позиција на Претседател на држава, заедно со се што треснаа Јотова, Џамбаски, Ковачев, но и една Захариева, Каракачанов, вашите научници, преговарачи и политичари, вие, за жал се поставувате како душмани и непријатели на Македонската држава, македонскиот народ, македонскиот јазик и се што е врзно ткиво, но и мост на пријателство меѓу двете држави, двата народи. Јадна му душа на Петков со вакво опкружување. Како ќе се справи, не знам, ама очигледно казната ќе ја добијат од Западот сите во Бугарија ради вашиот иредентизам. Ги вративте состојбите и позициите 30 години назад. Го закрвивте народот. Место меѓу Скопје и Софија да има пруга и автопат, вие промовирате фашизам. Место да има авион до Варна и Охрид, вие правите народот да се мрази. Арам да ви е!
Ако имавте ум и разум, ќе се присетевте на се она што го рекол и напишал големиот Крсте Петков Мисирков
„Мојот македонски патриотизам и тука го победува бугарскиот патриотизам. Македонците ѝ се нужни на Македонија; само со Македонци Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив. Македонците или треба да си останат на родните места, па ако сака и ѓаволот да ги владее, или пак, ако им е судено да се местат, тие треба да се преместат од едниот крај на Македонија во друг крај, но пак на Македонија, а не на Бугарија, Србија или Елада. Изгонети од грчка Македонија, Македонците требаше да отидат во српска Македонија, да образуваат воени населби и да го дочекаат денот кога би можеле да се вратат на родните пепелишта. Ќе речете: така не може да размислува еден Бугарин. Да, но така може и треба да размислува еден Македонец.“
„Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија. Јас сум Македонец, со македонска свест, и како таков си имам свое македонско гледиште врз минатото, сегашноста и иднината и на мојата татковина и на целото јужно словенство и затоа сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува сѐ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.“
…„И во Бугарија и во Србија треба да помнат едно: во Македонија има население со огнено патриотско чувство и со определена национална свест за која треба да се води сметка… Србите и Бугарите треба добро да помнат дека тоа национално чувство и свест кај Македонците постојат не од вчера… туку од пред основањето на Охридската архиепископија, за време на целото нејзино постоење и по нејзиното уништување, сѐ до ден денешен.”
…„Време е да го отстраниме бугарскиот параван што ни го преградува патот за непосредно обраќање кон совеста на цивилизирана Европа за помош и соработка.“
…„Формирањето на македонскиот литературен јазик е духовна потреба кај нас, со која се мислит да се стави крај на злоупотребите на пропагандите со нашите интереси…”
А еве што напиша само една година пред смртта:
„Како Бугарин јас одамна би рекол: Каква ти Македонија! И тука ми е добро, нема зошто да мислам за она што е веќе загубено. Но како Македонец, јас во Бугарија се чувствувам како на туѓина, каде што навистина се наоѓам меѓу родни браќа, но не сум си дома, во својата татковина. Таа е таму, каде што сум се родил и каде што јас треба да си ги оставам коските, каде што треба да отиде мојот син, ако не ми биде судено да отидам јас лично. …Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов. Македонецот не треба да се слева и да се обезличува живеејќи меѓу Бугари и Срби. Ние можеме да ја констатираме близоста на српските, бугарските и македонските интереси, но сѐ треба да биде оценувано од македонско гледиште. …Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам, изјаснет преку „простачките умувања на еден човек што уште не си ја знае народноста“ („Мир“ – „Самоопределување на Македонците“, 25.3.1925)
Тешко болен, умира во Софија на 26 јули 1926 година. Погребен е на Централните софиски гробишта.
До целата бугарска влада: Отидете на гробот на Мисирков, запалете свеќа, и покајте се! Се надеваме дека нема гробот да му го уништите!
Александар Ристевски