вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Генерални секретари како најава за генерален ремонт на Македонија

Генерални секретари како најава за генерален ремонт на Македонија

Наградно прашање: Кој ќе биде следниот генерален секретар во Владата? По фатумот на Рашко и Зекири, велат дека по ова прашање во СДССС настапувал громогласен молк. Северна штама. А, со судбата и функцијата деновиве народот ги плашел непослушните деца. Баба рога заминала во пензија. Ја заменило новото детско плашило. Новиот македонски „буги мен“ се вика ГЕНЕРАЛЕН СЕКРЕТАР ВО ВЛАДА. Кога ќе биле немирни, родителите остро им свикувале на децата: „Биди мирен, ајван, да не станеш генерален секретар во влада на СДССС!“ И молк, немиркото веднаш се смирувал и со плачење бегал во соба. И сонувал кошмари, со денови…

А пустите генерални секретари само ја навестија и потенцираа насушната потреба од генерален ремонт на владата. Ѓоамити кокичињата пролетта…

За функцијата, пак, осакатена за век и веков, велат дека најверојатно ќе се нафател некој од ДУИ. Таму немале проблем со историја на „генералната“ леплива болест, со македонската историја уште помалку. Артан нежно ќе ја изберел „десната рака“ на Заевиот престолонаследник Ковачевски. Па и онака, сите останати делови и органи му биле од интегративната сцена и генетика. Дури согласно фиктивниот попис, тоталка неоправдано, ама велат, долгови си биле долгови…

Да, Македонија има „чест“ да влезе во аналите на светската политика со двајца последователни генерални секретари со максимално лепливи рачиња, нешто што не се случило во старата светска и поновата македонска историја. Едно другарче и еден кумашин на Заев. Токму по ова и ќе ја паметат и раскажуваат краткотрајната „северна“ историја, која со Господ напред, а народот уште понапред на улица,  набргу со ступидната придавка ќе замине во историјата…

Ќе се памети и по хиерархијата на СДССССовските функционери. Поделени на три ешалони и касти на Црпковци.

Првата е најмала, се состои од оние црпнати поданици за една употреба кои правдата ги фатила со сите нишани. Таму, пак, да ти биле само Боки 13 и Катица. Добро, само Боки, Јанева е во измислен домашен затвор. И Боро Малборо е еден од ретките кои згрешиле и макар минимална казна одлежале. И толку…

Втората, огромна и актуелна група Црпковци е од повисоко позиционирани неолиберални ајвани кои во моментот преку најдолгите процеси во историјата му бегаат на законот. Таму се најновиот Мухамед, постариот Рашко, па Димова и уште една цела бригада партијски обвинители на СЈО, кои го сркаат она што го надробиле.

Третата е најголемата и највисока Црпковска каста. Составена е од оние кои успејале да и избегаат на правдата. Ја предводи три пати аболираниот лидер од сенка и неприкосновен муртински водач Заев, гуру и урнек  за претходните чеда кои ја немаа неговата среќа. И големина на чадор, де.

Во првите редови се соселанецот му Дончев кој јавно броеше пари од рушвет и Павле кој сите го чувме како купува „бело“ за црни денови, Ременски на Бокија другачката, Кирацо кој никој веќе не го ни спомнува, Филипчо кој се извади на кабел и редица други успешни бегства од правдата. Сите си дадоа оставка и куртулија од правдат. Или не е баш така?!?!

Наградното прашање за 2022-та година е: Ќе останат ли „за навек“ помилувани од црпнатиот лидер и неговите судски потрчковци?

Дојдоа протести, цените се вивнаа в небо, престолонаследникот Таче мати вода со о’баче Петков, владата одбива да го слави Гоце Делчев, криминалците крадат ко улави, пописот позабеган здравје. Да, дојде и пролетта.

Време е, крајно, за обединување околу една, единствена цел и конечно уривање на оваа антимакедонска влада, рушење кое ќе обезбеди и една нова „преселба на народите“. Двонасочна. Македонските патриоти од затвор дома, а криминогените, забегани владејачи во обратна насока…