вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Го полудевте и разболевте народот

Го полудевте и разболевте народот

Не ми е јасно какви се тие луѓе кои се спремни да направат се’, да се откажат од сето она за што нашите дедовци и предци животите ги дале, за власт, моќ, за позиција и за пари.

Трагично е како се случува таа негативна селекција. Избор на луѓе без национално чувство, луѓе кои се спремни на се’, само за да некој ги потчукне по рамето, или да имаат можност да си ги „ухлебат“ најблиските и дел од „екипата“ или да објават и спроведат некое „мрсно“ тендерче, со низок квалитет, а со „најдобра понуда“. Полтрончиња без став, климачи со главата, а да биде трагедијата поголема, добар дел од нив со солидни биографии, звања, многу често и „деца од фамилија“ со бекграунд од нивните родители или предци, кои биле и темелот на оваа држава.

И што се случува? Не можејќи да ги пополнат чевлите на своите родители и предци, а за да го повторат кариерниот успех и желбата за општествена етаблираност, еден куп ликови влегоа во процесот на македонското и етничко и национално обезличување. Дел од нив ги гледаме како се покајуваат, па излегуваат на протести, на телевизиски настапи плачат и кукаат, пишуваат колумни, држат говори… Да биде по трагично дел од овие ликови уште цврсто ја тераа северџанската агенда, обвинувајќи не сите останати дека не сме за европска интеграција, дека сме ретроградни, па дури и про руски, мислејќи дека така ќе го покријат сопственото велепредавство.

Не, драги мои! Огромното мнозинство македонски народ ја гледа државата сплотена со обединета Европа, но ваквото унаказување кои ни се случува, е строго поради сурати како што сте вие. Луѓе на кои не им е ништо свето, кои сакаат да бидат некаква градска или општествена елита, а не се ни бизнис, ни интелектуален фактор подалеку од Ниш, Ќустендил или Приштина. Само сплетки, роварења, потценување на конкуренцијата, уништување на се што не е дел од „екипата“ и само се шантате по партиите од лево до десно, но власт и моќ мора да се има.

За жал, не успеавме да се средиме и потфрливме во агендата да створиме функционален систем и институции. И тие кои некои ликови ги создадоа и ги кренаа на одредено ниво дел од нив, одредени шупелки кои дојдоа по нив, ги уништија. Ретко за која институција можете да кажете дека може да функционира дури и директорот месец дена да не се појави на работа.

Е, токму тоа е поради негативната селекција. Истата повторно се дозволува поради овој тип директори кои ги потенцирам, и секоја владина гарнитура која сака директно да има влијание секаде и врз се.

И да се вратиме на ова што ни се случува деновиве… Ликови кои во нормалниот свет не би можеле ни такси да возат, тука се утовени на грбот на државата или зависни од парите кои ЕУ ги дава, креирајќи фиктивни проекти кои неретко немаат никаква додадена вредност, а нив ги прават сервилни поданици на туѓи агенди.

Еден од главните аргументи кои ги прочитав деновиве од ликови од тој тип е дека мора францускиот предлог да се усвои, ќе имало многу пари од ЕУ за проекти. Ете, драги мои! Тоа е агендата да голем дел од квази елитата. ЕУ проекти. Тезгиче. Тоа што не лажат, и мавтосуваат евро бирократи кои имаат само една агенда, а таа е да си ја завршат задачата и да им се пише дека решиле проблем, е тоа долгорочно е наш проблем. Немаме цврстина, немаме компетенција, немаме правилна селекција, немаме мерит систем, и здрава национална матрица. Родољубие нула. Квази патриоти и про европски релативизатори.

А народот? Народот поболе! Душевно, ментално, психички, здравствено. Болни легнаа еден куп луѓе од тоа што ни се прави. Пинокио ги прелажа, се клешти ко зелен и постира на фејсбук, а Ќурката дозакопа! Перхан народот го исвиркува, а он глуми дека му е сеедно, а пати од внатре во душата, дека за цел живот е бележан ко предавник.

Обичниот народ изгуби волја и за протест и за борба. И самиот пишав пред две години дека тоа што истите успеаја да формираат Влада по втор пат, ќе не погребе и уништи. Сега беспомошно молевме пратеници од човек-партија да се смилуваат, а тие не мафтаат дека ќе поставеле услови. Да, поставуваат услови, но тоа нема врска до државните интереси. Чисто лично тезгарење и борба да се остане уште некое време на власт.

Разочаран сум од помалите партии на Албанците во Македонија, но и од останатите пратеници од помалите заедници. Кога веќе видоа која е агендата на ДУИ, за почекување беше да се даде поддршка на ставовите на опозицијата, но и на македонското мнозинство. Сепак доколку тераат политика, треба и да размислуваат и долгорочно, но и со кого утре би соработувале. Вака самите пропаднаа во бунарот на СДС, а како презерватив на ДУИ. Кога ќе сфатите бре луѓе дека тркалото се врти, и што некому правиш, ќе ти прават.

Во моментов македонскиот народ трпи етничко понижување, а со самото тоа што се зазема страна против него, навлекуваат гнев на мнозинството, со што ќе ги разниша внатрешните односи, но и меѓусебната доверба. Знаете, не можете да глумите големи европејци, и големи американци, а да поддржувате власт која безмилосно краде и не задолжува.

Го поболевте народот! Сево ова кое се случува остави траги кај луѓето. Нема да ви се заборави и сметката ќе ви биде испорачана со камата, сигурен сум!

Александар Ристевски