среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Гоце Делчев – 120 години подоцна

Гоце Делчев – 120 години подоцна

Денес (4 мај 2023 година), навршуваат 120 години од смртта на великанот на македонска револуционерна борба, еден од идеолозите на Македонците за сопствена културна и интелектуална засебност и самостојност. Делчев на 4ти мај 1903 година, во селото Баница, Серско (денешна Грција) прерано го заврши неговиот исклучително краток, а плоден живот.

Гоце Делчев со своите идеи и ставови беше пред своето време. Размислуваше космополитски, интелектуално, прогресивно, а истовремено се бореше за исправање на неправдите нанесени кон македонскиот народ, кој беше заборавен при конгресните делби на големите сили, каде сите освен Македонците добија можност за креирање на сопствена национална држава.

Што да се каже освен дека ништо не сме научиле од него. Дека повторно си потврдуваме дека сме пре меки, пре попустливи, пре пасивни и дека прелесно простуваме. Дека не научивме дека без силни институции и систем, нема држава, туку некаква хибридна импровизација, некаков си трул протекторат, кој секој ќе го ремети, малтретира и потценува.

„Јас не ги мразам Османлиите како народ, јас војувам против османлиската тиранија како владејачки систем…“ — вели големиот  Гоце Делчев. Во слична таква тиранија живееме денес. Понижени, потценети, осакатени. Со скршен идентитет, обележја, јазик…

Еве едно нараќање на мојата колумна „Да беше Гоце жив…“ од пред нешто повеќе од две години. Се што сум напишал пред  две години и три месеци, буквално и денес стојам зад истото, до збор:

Да беше денес Гоце жив ќе ви кажеше да си го почитувате семејството, жените, мајките, сестрите, да се грижите за старите.

Да беше денес Гоце жив ќе ви кажеше да не се делите. Да не правите кланови, да не лепите етикети, туку луѓето да ги привлекувате и врзувате околу една идеја.

Да беше денес Гоце жив ќе ви речеше да не го делите народот според верата, јазикот, етничката припадност, туку да ги сплотите сите под ова македонско сонце, а македонскиот јазик да е мост преко кој сите сложно ќе живеат. Ќе ви речеше дека идејата и борбата за слобода е поголема од личните фрустрации и предрасуди кон некој друг.

Да беше денес Гоце жив ќе ви речеше да учите и да се школувате. Затоа што само учен човек е слободен човек. Нему мислата му е слободна, голема, широка, длабока. Наоѓа решенија, не чувствува страв.

Да беше денес Гоце жив ќе ги казнеше безмилосно сите лопови, измамници, кодоши, предавници кои си поиграа со добрината и наивноста на обичниот народ.

Да беше денес Гоце жив немаше да дозволи идиоти и медиокритети да водат држава, институции, школи, општини. Секој ќе беше каде му е местото.

Да беше денес Гоце жив сигурно ќе се прашуваше каде згрешил. Знаејќи во какво време дејствувал, ќе се вџашеше кога ќе видеше дека денешниве го коцкаат така лесно она нешто за кое генерации се бореа.

Да беше денес Гоце жив ќе ви кажеше дека револуцијата, борбата за сопствените права и кревањето на националната свест не се води на фејсбук, ниту анонимно на твитер, дека не се води од по дома на топло со коментари и пораки, дека не се води со плукање, вреѓање и простотилак, туку на терен, меѓу народот. Со добра мисла, со чесност, правичност, со цврст став, и волја и решителност.

Да беше денес Гоце жив ќе ве подучеше да не се мешате во туѓата работа, и секој да го работи тоа кое најдобро го знае, или за кое учел школо. Имено, дури и пред сто и кусур години се знаело кој делел памет, кој бил в шума, кој набавувал храна, кој се борел, кој градел. Денес сите знаете се. Само затоа што имате интернет и гугл, и затоа што мајките од дома ве фалат дека сте најубави и најпаметни, затоа сме на ова дереџе.

Да беше денес Гоце жив ќе ви кажеше дека на Македонецот непријател не му е ниту Албанецот, ниту Бугаринот, ниту Турчинот, Србинот, Гркот, Влавот, Американецот, Русинот, Англичанецот …никој од нив, туку вашата поматена свест, изместени вредности, неодлучност, површност, злобата, поделеноста, нерешителноста и кукавичлукот. Другите не ни се криви, самите сме си.

Да беше денес Гоце жив ќе ви кажеше да престанете да ширите полу фабрикувани информации кои некој ги напишал на анонимен профил на социјалните мрежи, туку да прочитате некоја книга од релевантен автор. Целата! А потоа уште една, и уште една. А дури и тогаш дека не глумите дека сте интелектуалци, туку само дека сте пристојно информирани.

Да беше денес Гоце жив ќе ви кажеше да почитувате култура и уметност. Да отидете на изложба, да отидете во Филхармонија, на опера, на балет, да ја нахраните душата со убаво, со нежно, со нешто што ќе ве направи по длабоки, по промислени, по големи. Ќе ви кажеше дека се труете со шунд и кич.

Да беше денес Гоце жив ќе ги избркаше и пратеше на Завод сите мрзи и паразити од државната и јавната управа, ќе им ги провереше дипломите на еден куп морони кои држат позиции, ќе го вратеше назад пак тестот за интегритет и потребата од психолошкиот тест за функционери, но ќе го воведеше и за пратеници и министри.

Да беше денес Гоце жив ќе го ресетираше судството од корен. Шарените велеа „Нема правда, нема мир“. Правда не добивме, а тие се смирија чим добија власт. Правдата остана само надеж и идеал за сонувачите.

Да беше денес Гоце жив ќе ги заштитеше докторите од насилници и будали, ќе се обидеше секој оној кој сака да се врати од Германија да дојде да работи во подобри услови, а за секој неспособен, приучен и лош доктор, ќе му ја одземеше лиценцата.

Да беше денес Гоце жив ќе му се одмилеше животот, затоа што денес Македонецот има се, има коли станови, храна, одмори, дребулии, но нема душа, нема чест, нема образ, нема храброст, нема срце.

Не знам дали сево буквално исто би го направил доколку денес е Гоце жив, ама знам дека тоа е мој став, моја кауза и моја борба!

Слава ти Гоце!

 

Александар Ристевски