Токму тоа е објаснувањето за се што ни се случува. Новите состојби налагаат и нови термини. Идиократија е термин кој во еден современ речник го најдов со следното објаснување: Владеење исклучително врз основа на сопствениот став и мислење, без уважување на било чие различно мислење.
Има неколку примери од каде потекнува самиот термин ИДИОКРАТИЈА. На сите топло им го препорачувам филмот Idiocracy со Лук Вилсон од 2006, во која тој, како просечен човек од денешницата, е замрзнат и се буди 5 века подоцна, кога целото општество е комецијализирано и функционира врз принципот на нечиј профит, се е гледано низ призма на нечија заработувачка, без едукација, култура, етика, морал, а севкупното население е ограничено, отупено, моронизирано, до таа марка да не можат да се справат со основни мисловни предизвици.
Токму тоа и ни се случува. Самата политика, самата власт го релативизира образованието, културата, историјата, се истураат пари директно кај најниските слоеви, наместо истите да се поттикнат, заработат, едуцираат. Платите се креваат кај најниско платените, а минимално кај досегашната ниска средна класа, со што се релативизира нивното знаење, образование и искуство. Се маргинализираат одредени професии, а буџетот во голема мерка се троши за купување социјален мир и потези кои го смируваат незадоволството од лошите и анти-реформски политики.
Се што се гледа на државно, во целост е пренесено на локални ниво. Во изминатите 15 години бевме навикнати на големи инфраструктурни проекти, нови булевари, урбанизација и развој, нови училишта и градинки, зазеленување, облагородување на просторот, сега се задоволуваме со гребење асфалт и ставање нов слој, со столпчиња на тротоари, косење трева и садење цвеќиња, и чистење на ѓубре.
Се уште не можам да го разберам дел од народот дека државата или општината треба нешто да им даде. Исто, не ги разбирам оние кои бараат улици, канализација и водовод, а не платиле комуналии. Не ги разбирам ни општините кои и покрај платени комуналии, не ја средуваат инфраструктурата која им е во „при-пејд“ платена, а а населението кое купило станови моли да добие нешто што е платено уште при почетокот на градба.
Не ми е јасно како министер решава да прави целосна реформа на образование со соработници кои немаат никаква вредност во стручната фела, да укинува и спојува предмети, да ја затвара и ограничува дебатата, и да тврди дека има општа поддршка, иако сите стручни и научни установи се цврсто против, со исклучок на одредени инстант раководители, директори и функционери, приврзоци на актуелната власт, но и самите без поддршка од своите матични колективи.
Имате министерка која се фали дека купува чизми, чорапи, капи, ракавици, нешто што е нормално да се прави секоја година или секоја втора, и е потрошен материјал.
Фарса е сето она што се случува со здравството. Сите проценки се утнати, направија целосен хаос, а народот ако не се разболи од корона, ќе се поремети психички. Се створи целосна психоза, еден куп луѓе не излегуваат од дома. Лечењето е во супстандардни услови, луѓето паничат и од кога ќе видат во кои услови се третираат пациентите, даваат илјадници евра за лечење во приватните болници. Државата во ниту еден момент не направи тоа лечење биде барем малку поевтино, ниту да рефундира средства на луѓе кои се осигуреници на Фондот. Неспособност, целосно потфрлање. Вакцини се уште нема. Никакви! Ни кинески, ни руски, ни американски, никакви! Се нема план, се нема идеја, се нема концепт. Целосна хаотичност.
Во време на пандемија имаа простор барем да реализираат инфраструктурни проекти. Ништо! Сѐ се сведе на гребење асфалт и бележење улици.
И што предлага власта? Целосна либерализација на марихуаната, ганџа туризам и ганџа зони. Вели дека недела ќе е наработен ден, иако истиот повторно ќе е работен за 30тина дејности. Место да донесе закон дека никој во 7 дена не смее да работи повеќе од 40 часа, тие ја ограничуваат недела. Место да донесат закон според кој секоја минута над 40 часа неделно ќе се плаќа прекувремено, тие се фатија за недела. Селски популизам, без ефект, а ќе прави штета.
Повеќе од очигледно е дека бродот секојдневно тоне. Веќе и не станува битно дали ќе има избори, кој ќе победи, кој во кој ресор ќе влезе, туку други две работи: како ќе се извлечеме од кризата во која неспособните не втурнаа и дали некој ќе одговара за сево ова? Задолжени сме до гуша. Се уште има илјадници фиктивно вработени, се уште се нема јасен концепт со секоја дејност каде ни е целта и кон што се стремиме, се уште се работи стихијно, без план и концепт, и секој министер и директор мисли дека светот почнал од него, се нема стратегија, севкупна согласност и стратегија која се следи.
Идиократија драги мои! Класична. А народната вели, рибата смрди од главата! Кога власта ќе тргне против учените, против, институциите, професорите, интелектуалците, нема напред. Иако, за крај, морам да кажам дека вината за сево ова е и кај истите. Молчеа за името, за договорите, молчеа кога народот плачеше. Токму затоа и народот не ги брани, дури и кога се во право.
Порака до умните, учените, професорите, интелектуалците: Сите на „баци рака“ пред народот. Пред обичниот човек. Да се извините. Да се објасните зошто молчевте, зошто ги преќутевте сите предавства, сите лоши политики, изминативе години. Тогаш неспособните идиократи, кои и да се, ќе паднат за 3 дена.
Александар Ристевски