Колку сака актуелната власт да тврди дека оди напред, и дека процесите кои се одвиваат отвораат некакви перспективи, суровата реалност е дека сме уназадени до крај и дека се креира меур кој чека да пукне!
Да, членството во НАТО те штити од агресија надворешна, насилна промена на граници, но со ништо не ти ја гарантира внатрешна стабилност и тенденцијата за менување на државниот систем и поредок.
Цели 30 години функционираме на принцип на некаква консензуална демократија, и место политиката да биде идеолошка, или едноставно со принципот 61 пратеник (мнозинство),а „бадентеровото мнозинство“ да биде заштита од мајоризација, ни се сведуваме да бираме обврзно партнер од некаков си албански блок, кој место да се осовремени, и да зборува за реални животни проблеми, само ја радикализира реториката, иако за разлика од пред 20тина години состојбите се дијаметрално различни.
Видете ги само изјавите на претседателите или високо позиционираните претставници на БЕСА, Алтернатива, но и Алијанса на Албанците, па и новите парии на Изет Меџити и Аријанит Хоџа, и ќе сфатите дека разлика нема. Ист шаблон, иста матрица, иста реторика. ДУИ воопшто не ги споменувам, ниту полумртвата ДПА на Мендух Тачи, затоа што и ставовите и матрицата е позната.
Во основа тоа не кореспондира со реалноста. Со ставовите на еден куп Албанци од Македонија кои можете да ги сретнете во маало, на пазар, во парк, на кеј, во чаршија. Нивните потреби се однесуваат на одобренија за градба, легализација, паркинг, инфраструктура, вода, канализација, бучава, проблеми со институции, мито, непотизам. Се она што мака е за секој човек. И тие се засегнати кога слушаат дека неписмени или со купени дипломи влегуваат да работни места во државни институции, но тоа не се однесува на нив, на обичните луѓе, туку тие места ги лапаат партиските војници. Оние обичните луѓе имаат иста мака, без оглед на етничкото потекло. Можеби токму затоа изминативе десетина години Албанците во Македонија гласат со многу помал процент од остатокот од државата. За лаж, ниту една од политичките партии ова не го сфаќа, и промовира политики на делба, на табори (ваши/наши), и на етничка, јазична и верска поделба.
Слично е и со улициве, мостовите и школите. Поради хирови и каприци од некои претходни одлуки, последната локална власт на СДС и ДУИ, предводена од Шилегов, направи попара, па смени имиња на стотици улици во град Скопје, и пазете како: Врати имиња на ликови и места кои немаат никаква врска со Македонија, само поради инает на некои претходни промени (за кои и јас ќе се сложам на места беа и непотребни), но исто времено го направија Скопје поделено на ваше и наше, на Македонско и Албанско. Класична поделба! Јас не сфаќам која е поентата да тргнете име на Македонец, и да го вратите Жарко Зрењанин? Зошто во пречи Павел Шатев? Како тоа во општина Чаир остануваат улици со имиња како Благоја Паровиќ, а се менува Втора македонска бригада, или Лазо Трповски? Што на вашето дете ќе му пречи што одредено школо се викало на пример Рајко Жинзифов, или Цветан Димов?
На крајот на краиштата, сите тие улици се изградени во одредено време и за одредна намена, а биле именувани со одредена причина. Во Скопје има школи кои се викаат Јохан Хајнрих Песталоци и Јан Амос Коменски кои биле странска донација за градот по земјотресот, па никој не се осмелува да ги преминува. Има и гимназија Јосип Број Тито, па се уште го носи истото име. Се сменија имињата само на оние кои идеолошки беа наметнати и директно не беа поврзани со Македонија, како Борис Кидрич, Моша Пијаде. Скопје дури има гимназија со има на бугарски претседател, Георги Димитров. Човек кој ги признаваше Македонците и е историска потврда за македонската етничка и национална засебност.
Дали ме сфаќате драги политичари, пред се вие од албанскиот политички блок?
Почитувајте го се она што е направено. Работете со народ и за народот, и оние кои ве гласале, и оние на кои сте им надлежни, а не ве гласаат. Да се дојде на власт не е само прашање на византиски игри, туку мора да се слуша народот. Народот од вас бега и се сели. И во други општини и вон државата. Со овие политики кои ги терате, само го делите и карате народот, а во нормална држава обвинителството би ви шлапнало еден куп кривични или ставило забрана за дејност.
А која сме околу именувањето на школи, објекти, улици и мостови… без „бадентер“ двонасочен ништо не правиме. А ова што Шилегов и неговите го изгласаа пред две години, јас и секој совесен скопјанец, ќе им го префрла до крајот на животот на овие продадени души.
А вие драги мои властодршци, ако сакате нешто да именувате, изградете го од нула, па дадете му име. Да си играте со историјата и нешто што име значење за вашиот сосед, воопшто не е во ред. А знаете како се вели: Што правиш, ќе ти прават!
Народот е уморен од интриги, од делби, од селски етно шовинизам. Џабе и во новите субјекти сте ставиле демократија и Европа, ова вашево ниту е демократски, ниту има врска со Европа. А околу химната. Кој неќе да ја пее, не мора. Но химната е основата на причината за оваа држава. Таа е мотивот, и во неа порака е многу јасна: ново сонце на слободата, и знамето на крушевската република, заедно со главните водачи! По обединителна химна нема. Прочитајте ги и преведете ги другите химни на било кој сосед, и ќе сфатите.
Ние во нашава си мила Македонија си имаме друг проблем. Со политика неретко се занимаваат ликови кои во реалноста не би требало воопшто да зборуваат, туку да ги засукаат ракавите и да работат, било што.
И да, не е воопшто европска агенда да живеете во хаос, со смрдени улици, со коли на тротоар, со дивоградби, без канализација, со бучава, со даночна евазија, со фиктивни вработувања, и купени дипломи, а да зборуваме за Европска Унија, во која ќе сме влезеле само ако Македонците пак капитулираат, сменат Устав и овој пат и на Бугарите им го направат ќефот. Не, нема да може! Токму беше! Време е за „ресет“ и за функционална држава!
Александар Ристевски