вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

JOHN LENNON “LIVES” IN MACEDONIA

JOHN LENNON “LIVES” IN MACEDONIA

Појдов до Тетово, да си купам еден нов електричен автомобил. По новиот автопат, за 7 минути бев веќе во салонот. Ме пречекаа на англиски јазик, оти веќе македонскиот не е во мода. Се разбравме некако. Автомобилот го одбрав во црвена боја.

Се мислев на каде да тргнам со првото возење, накај Скопје или накај Охрид?! Се одлучив за Охрид. Автопатот го “летав”, небаре ја возам новата формула патека (добар избор за следната авантура со мојов нов електромобил). По пат, допрев до “Лидл”, новиот маркет на излез од Кичево. Си купив кафе и вода.

Проаѓам низ Зајас и гледам развеани македонски и ЕУ знамиња. Овде-онде, и по некое албанско, ама најголемите беа оние на САД. Тајната била што во Зајас се спремало отварање конзулат на САД. Го избрале местово заради добрата гео-стратешка положба.

Во Охрид стасав за нецел час. Ми беше нешто чуден влезот… Отпосле се сетив дека не ја видов Самоиловата тврдина. Место неа, охриѓани изградиле ново спомен-обележје: Радев, Јотова, Таче и Бујар мавтаат од горе, насмеани и со Устави во рацете.

Се паркирав кај поштана и тргнав пеш до чинарот. Гледам, и него го нема?!?

На негово место – споменик од Заев, Ципрас и Ники. Насмеани и без кравати. Ох, си велам на умов, колку брзо се менувале работите, кога ќе се стане членка на ЕУ.

Се напив едно бугарско кафе без шеќер (такво имаше во менито), платив 5 евра и си тргнав накај електромобилот.
Возејќи се за назад, добив некој алергиски напад (сигурно од кафето). Морав да побарам помош во Кичево, до таму бев најблиску. Ко ќе видам, има што да видам… новата клиничка болница “Венко Филипче” во сиот европски сјај и стандард. Веднаш ме примија и ме услужија. Да платам? – прашувам… Нема овде плаќање, госпоѓо – ми одговараат. Сѐ имаат (на)платено Заев и Филипче.

На зајдисонце стасав во мојот Гостивар. Дури и сонцето беше некако чудно. Се загледав поубаво… наместо на запад, заоѓаше на исток (најверојатно, заради источниот сосед). Чуда се случија, навистина, откако станавме членка на ЕУ.
На легнување, пуштив да ги видам најновите вести на телевизија: учебници испечатени, пензии покачени за 90%, утре се отвара нова фабрика во Делчево, земјоделците со плакета го пречекаа Николовски – во знак на признание за неговото заложување за нивните барања, Спасовски свечено ќе се обраќа во Собрание…

Таман задремав, ми заѕвони телефонот… Непознат број, непознат глас, говори (поточно пее) на англиски: “Imagine” – John Lennon.

П. С. Сето погоре напишано не се ни замислува, само се сонува.

П. П. С. Сите случајности се намерни, а оние кои се препознаа или почувствуваа прозвани – така и треба.