недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Каде се парите?

Каде се парите?

Едно нешто сум сфатил низ годините. Без оглед што и да се случува во јавноста, без оглед која и да е тема на дневен ред, што и да форсираат медиумите, Собранието, Владата …секогаш внимавајте и следете каде одат, кој ги добива и за што се трошат ПАРИТЕ.

Деновиве на дневен ред беше ребалансот на буџетот. Да правиш ребаланс во ноември е знак дека нешто не оди како што треба, дека проценките биле лоши, дека касата не се полни, а дека предвидените капитални инвестиции не се реализирани. Плус на тоа и новите задолжувања од над 1 милијарда (или 1000 милиони евра, да сфати обичниот народ колку е тоа) кои беа со цел да се ублажи Ковид19 кризата, но излезе дека во најголема мерка беа за предизборен поткуп или помагање на бизнисите на подобните. Реалната слика е ужасна, поразителна, тешка.

Туристичките агенции 90% пропаднаа. Едноставно ги нема. Освен поголемите кои имаа пари на страна, но и тие рационализирани, оние помалите, веќе ги нема. Слично е и со сместувачките капацитети. Опстанаа оние кои сместуваа луѓе во карантин, кои најдоа модалитет да наплатат од некоја друга дејност. Останатите се готови, банкротирани, под хипотеки, се пренаменуваат. Слично е во угостителството, игротеките, теретаните, спортските друштва.

На колена се музичарите, пејачите, целата естрада. Претпоставувам, нема зима само за оние подобните, оние кои шуруваа на промена на името на државата. Сега до душа им останува само да живеат на помош и субвенција некаква, затоа што дури и да нема криза, кај народот нема да пројдат, па дури и да си истетовираат и амбулатни возила.

Дури и лаик знае дека во криза круцијални се капиталните инвестиции, во инфраструктурата. Преку градежништвото, се развиваат и стимулираат над дваесет други дејности. Но што имаме во изминатите 4 години?

Во сферата на инфраструктурата, нема буквално ниту еден нов проект, туку само се споро привршуваат проекти оставени од претходната власт, но и тие нигде ги нема, ниту се близу до целосна реализација. Удрено е на тековно одржување, санација, гребење асфалт и ставање нов слој …толку.  Автопатот Кичево Охрид не ни близу до крајот на реализација. Експресниот пат Градско Прилеп го нема. Автопатот Скопје Косово, почна со работа на само 2 километри од делницата, никој не известува за некаков напредок. Нема никаква најава за пуштање на пругата од Битола за Грција, а самата железничка инфраструктура е во катастрофална состојба, возови се помалку место да ги има дупло. Целосно е исфрлен железничкиот превоз. И останатите експресни патишта кои се на истокот, не гледам дека наскоро ќе бидат пуштени.

Слично е и капиталните инвестиции на општините. Имавме најава за тунел под Кале. После три години, нема ништо. Се најави пробивање на булевар со мост од Саем до Аеродром. Почна со градба на мостот, за волја на вистината, да видиме дали и кога ќе се реши и расчисти трасата. Единствено во голема мерка е готов делот на Христијан Тодоровски Карпош низ Бутел, до обиколница, како продолжение на она што го започна претходникот Трајановски. Со цела должна почит за санирањето на многу од улиците, но тоа е само тековно одржување. Другите градови не вреди да се споменуваат. Народот ќе си каже што има следната есен.

Во сферата на здравството нема ништо. Се откажа огромниот објект за Клинички. Се вратија парите кои беа добиени, а сега имаме паркинг. Кога ќе одите на некоја од скапаните клиники, целосно руинирани, помислете дека сега можевте да имате една голема болница и срушени десет стари и грди згради. Сега имате паркинг. Болницата во Штип, претпоставувам чека некои подобри времиња. Се уште се чека новиот Клинички центар кај Кондово. А нели ќе беше Злокуќани, Бардовци, па не знам каде? Очигледно тоа било желботека, а не сериозен план.

Во сферата на образованието, уште полошо. Кој проаѓа на Бит Пазар, знае. Новите објекти за ФИНКИ и за Факултетот за физичко образование, спорт и здравје стојат нечепнати на ниво на карабина, исто како и прекрасната Универзитетска сала, позади Комплексот Факултети. Жално! Се уште ги чекаме трите нови студентски домови кои беа најавени. Очигледно е дека се нема ни желба, ни намера нешто да се сработи. Сите кои се крстеа на УКИМ, го исплукаа.

Во културата не е ништо подобро. За 4 години, уште толку министри. Се укина проектот за нов Драмски. Градбата требаше да започне, а до сега ќе имаше нов театар. Место тоа, го закрпија кровот. Нема нов Театар во Прилеп. Се закочи градбата на оној во Струмица. Нема ништо од нов Центар за култура во Охрид. Албанскиот театар се реконструира веќе 6 години. Турскиот театар остана карабина. Куќата на Личеноски е заборавена. Се укина одлуката  на Владата за градење на нов објект на Националната галерија на Македонија. Ова се само дел од еден куп проекти кои ги снема или се заборавија.

Зошто ги изнаредив сите овие набројувања во неколку ресори? Сите овие проекти ја држеа или раздвижуваа економијата. Се користеа машини, песок, железо, бензин, луѓе патуваат, се сместуваа, работеа хотели, автобуси, ресторани, се правеа оброци. Немаше град или регион во кој немаше локално население ангажирано. Да е уште по интересно буџетот секој година расте. Поголем е, а ништо од ова нема. Прашањето е на што и како се трошат средствата?

Да, знам ….го знам муабетот. Споменици се ставале, врбите во Вардар и имало стиропор и лажен барок. О кеј. Мислам дека некоја од следните мои колумни ќе ја посветам токму на оваа тема, па и за тоа ќе полемизираме. Сега се враќаме на денес, на изминатите четири години. Ако имало пари за сите проекти кои ги напишав, со предвидена сума и динамика на реализација, каде се парите и на што се трошат? Каде отиде целото задолжување за справување со Ковид19 кризата и кои се ефектите? Ќе излезе ли некој со бројки? Да тешки времиња се, во светски размери, но тоа се изминатите 7-8 месеци, што се случување изминатите 3 и нешто години, ќе прокоментира ли некој?  Без етикети, фронтални напади, извртување на факти… строго бројки и ефекти! И да, не се повикувајте на пад на невработеност. Таа не е добрите политики, таа се должи на иселениот народ во странство. Повеќето се времени „гурбетџии“, но прашање на време е дали засекогаш ќе се иселат.

 

Александар Ристевски