Изминатите неколку години се навистина години на искушение за секој Македонец. Она што ни се случува за да опстоиме и како народ, а и севкупно како држава, е навистина комплексно.
Од една страна сме жртви на неодговорното работење, поткопувањето на самиот систем и држава од внатре, но и на надворешни напади и влијанија, за кои доколку бевме единствени и одлучни, полесно ќе се справевме со истите.
За среќа, можам да кажам, државата се ослободи од стегите на Пинокио, кој изминатите 5 години направи непоправливи штети за државата, самото општество, економијата, но и севкупниот систем. Обедувајќи не сите дека ги релаксирал односите, и внатрешно меѓуетничките, и со соседите, и класните, и што ли уште не, само ќе констатирам дека полошо никогаш не било. Тоа за кое Пинокио велеше дека е со добра намера, ги заостри односите меѓу сите страни, и ги поларизира до максимум. Главната причина – ЛАЖЕЊЕТО! Кога зборуваш едно, правиш друго, и се смешкаш, на подолг рок го добиваш токму ова.
Ајде директно и конкретно за она што се обидуваме како држава да се направи. Идејата е Бугарија да дозволи да почнеме преговори со ЕУ. Да не заборавиме дека рампата сепак прво ја спушти Франција, а не Бугарија. А таа нема проблем јазичен, етнички или историски, туку со тоа каква држава сме. А ние сме корумпирана, класно раслоена, дисфункционална држава.
Бугарија има целосно нова влада. Ги нема Захариева, Каракачанов, но и ликови како Џамбаски и Ковачев кои веќе не се во преден план, како ни покојниот Божидар Димитров. Сите се плашевме за ставовите на Бојко Борисов, кој пак, јас лично го сметам за многу по вешт и по разумен од еден Радев. Петков покажува желба, но изјавите кои до сега ги дава, многу не ветуваат, освен доколку Македонија целосно не капитулира и даде и се откаже од се’!
Се уште не можам да сфатам зошто никако не се развива инфраструктурата? Скопје Софија треба да се вози за два и пол часа, а не за дупло повеќе. Зборувате за авионски линии? Скопје Софија не е решението, поготово доколку самиот лет не барем два пати секој ден и со симболична цена,а не како ова кое се најавува. Потребна е и секојдневна авионска линија (посебно во летните месеци) на дестинација Охрид – Софија – Охрид, но и Скопје – Варна – Скопје. Токму тоа ќе ги развие односите меѓу народите, но и туризмот. Џабе зборуваме за било што, штом не сме поврзани директно со пруга, која ја градиме цела вечност.
Нели се постигна договор за медиумска размена? Кај нас веќе се емитуваат еден куп приватни бугарски канали, а од неодамна и еден канал од Бугарската национална телевизија. Дали на бугарските граѓани им се прикажува Македонската телевизија, или било кој друг каналод Македонија?
Митовите кои бугарската држава и нивната научна јавност го гради изминатите стотина години ги гради се со тези и идеи кои се надминати и не соодветствуваат со реалните состојби. Имено, во тој период Македонија била територија со население пред се рурално, со печалбари кои тогаш оделе до Влашко (денешна Романија), а подоцна и се распрснале низ светот (прво кон Северна и Јужна Америка, подоцна и кон Австралија). По Балканските војни таа територија е поделена, но самосвеста на народот останува. Тоа население се смета себе си за Македонско. Голем дел од населението кое беше од Егејот (сегашна Грција), де факто е во денешна Бугарија. Но, да ги видиме тогашните историски конотации. Во тие моменти изборот бил, или Бугарија во која веќе има воспоставено критична маса на Македонци пред се во Софија, или да одат во денешна Македонија која била тогаш под силното влијание на Србија и дваесет илјадната српска жандармерија, која вршела терор на овие простори меѓу двете Светски војни. Трето чаре било туѓина, „преку барата“. Самиот факт дека Грција меѓу двете војни печати буквар, поточно Абецедар на Македонски народен јазик, говори доволно кое било населението таму и како се чувствувало и декларирало. Тоа што повоено Георги Димитров на само еден дел од Бугарија (во Пирин) попишува Македонци, се факти после кои за одредени теми нема потреба и простор да се преговара. Тоа се се’ издржани аргументи кои не смее да се заобиколат како историски факти.
Бугарија за почеток треба да ги релаксира односите, да тековно се работи на теми како што е култура, спорт, образование, инфраструктура, екологија. Македонија да започне со интеграциониот процес кон ЕУ, а она кое ги ограничува двете држави да се преговара и тера, и да се постигнат компромиси, кои ќе бидат градени врз взаемен реципроцитет.
За почеток Бугарија, нивната интелектуална јавност, но и обичниот народ, мора да сфатат неколку работи за да им биде полесно на душата, и за да не живеат во заблуди, како порано, зад челичната завеса:
- Македонци има, постојат, засебен се народ и нација, со сопствени херои, дејци и јунаци, иако дел од нив, доколку сакате, нам не ни пречи и вие да ги чествувате.
- Македонците не се сметаат себеси за етнички Бугари. Ве гледаме како соседен народ, кој говори сличен јужнословенски јазик. Живееме едни крај други, паралелно сме се развивале, иако за некои историски факти имаме испреплетеност, прашање е на толкување, кое не смее да е основа за делби и кавги.
- Македонскиот јазик е засебен, светски признат и кодифициран јазик. Не е никаква норма, дијалект или било што. Да, точно е дека е оформен 1945 година, затоа што тогаш сме добиле државност во една федерација. Државата кодифицира јазик. И претходно сме имале говорен јазик, но сме се служеле со грчко, бугарско, руско или црковно словенско писмо. Факт. На тие јазици населението се школувало. Такви биле времињата и околностите.
- Во Македонија има Бугари. На последниот попис беа нешто на 0.1 проценти. На овој ќе видиме. Се согласувам дека доколку иницираат треба да им се дадат малцински права. На крајот на краиштата, така и ќе се направи официјална дистинкција меѓу Македонец и Бугарин. Дали сте спремни да го направите истото и кај вас? Доколку не сте, тоа ќе биде знак на лицемерие. Затоа што има Македонци и во Бугарија. Па макар бил тоа и еден човек.
- Авторски права. Дали некој ќе преземе нешто околу препевање на македонски фолк нумери, и претставувајќи ги како бугарски, особено песни кои имаат автори, како дела од Васка Илиева, Бадев, Сариевски, Јонче Христовски, Војо Стојановски, затоа што народот во Бугарија ги слуша, ужива во нив, но некој ги лаже дека тоа се стари народни бугарски песни, кои со ист или изменет текст му се пласираат на народот.
- Бугарија во Втората светска војна била на страната на фашистите. Македонија ја анектира од тогашното Кралство Југославија, воведува своја управа, но се само со администрација, туку и со силна војска и полиција. Регрутира принудно војска, која ја испраќа на фронт. На спомениците на кои има мисла во врска со тоа нема лаги. Стои: тој и тој, тогаш и тогаш, е убиен од страна на бугарскиот фашистички окупатор. Прашање до сите: Како сметате дека треба да стои, а да биде по политички коректно?
Драги соседи, од соседна Бугарија. Време е некој да ви ги отвори очите и да сфатите дека долго време некој ве лаже. Не се секирајте, и тука во Македонија се пласирале лаги и невистини, но очигледно побрзо ни се отвораат очите. Злата крв мора да исчезне. Европска Унија е место во кое сите живеат обединето, но грижејќи се своите специфики и вредности, јазик и култура. На Македонија местото и е во ЕУ. Само така Македонецот ќе може да се обедини во една држава, и да се натпреварува културно со другите, како што сонуваше големиот Гоце Делчев, апостолот на Македонците.
Триесетина години по распадот на Југославија и менувањето на општествено – политичкото уредување во двете земји, со постапките на бугарските политичари, односите меѓу двата народи се полоши од оние во 1991 година. Бугарија иако е членка на ЕУ, не би рекол дека во многу аспекти напредува. Населението масовно се иселува, класната раслоеност расте, селата се уништени. Во таа немоќ за средување на внатрешните состојби се покажува сила на најмалиот сосед. Време е да севкупниот народ на Бугарија излезе од стегите на минатото, да престане да се труе со пропагандите кои им се сервираат и да дозволи Македонија да се интегрира кон ЕУ. Се додека се настапува деструктивно и окупаторски, иднина нема.
Македонците и Македонија, ниту ќе исчезнат, ниту ќе престанат да постојат. И нов Пинокио да се појави, и сто нови Јуди да се појават, Македонскиот дух и име нема да загине. И не сме само тука. Не има секаде! И во Грција, и во Бугарија, и во Турција, и во Албанија, и на Косово, и во Србија и низ целиот свет. Не има низ цела Европа, Америка, Канада, Австралија…
Македонецот е како пиреј. Каде нема да го насадиш ќе никне. Изминатите години многу пелин влее во душите на Македонците, па се караме псуеме, колнеме. Се делиме и меѓу себе. Локациски, статусно, верски… а нас не обединува јазикот, културата, фоклорот.
Туѓо не сакаме, свое не даваме! И да, светот го разбираме како поле за културен натпревар меѓу народите, ко што велеше Гоце!
Македонија пред се’! Македонија обединета во Европа!
Александар Ристевски