петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Како најдобриот устав на Балканот, стана најлошиот?

Како најдобриот устав на Балканот, стана најлошиот?

Кога Македонија на почетокот на 90тите реши да истапи од федеративната заедница Југославија, како самостојна и независна држава, тоа успеа да го направи без ниту еден испукан куршум, законски, правно издржано и со по многу нешта светски устав, по критериуми кои светски интелектуалци и политичари го пофалија. Еден од нив беше токму светски признаениот Робер Бандитер.
Робер (Роберт Бадинтер) (Париз, 30. Ⅲ 1928) – француски адвокат и политичар. Човек кој ги завршил своите студии по литература и право во Париз. Магистрирал на Универзитетот Колумбија (САД, 1949). Докторирал компаративно право во Париз (1951). Бил адвокат во Апелациониот суд во Париз (1951–1981), министер за правда на Франција (1981–1986) и претседател на Уставниот совет на Франција (1986–1995). Бил и претседател на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија (формирана во 1991), која, под негово претседателствување, констатира дека Република Македонија ги исполнува сите општи и посебни услови за меѓународно признавање. Поради тоа тој подоцна е прогласен за почесен доктор на правни науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1996).
Во време на конфликтот во 2001 година, тој два пати ја посетува Македонија. На 26–27.06.2001 година, тој го отфрлил албанското барање за трансформација на Македонија во мултиетничка држава, концепт кој се заговараше и истера до крај, за да со време истиот се трансформира во бинационален концепт кој се турка.
Од друга страна, една Хрватска влезе во крвава војна. Излегувањето од Југословенската Федерација беше пропратен со воени дејствија на нивна територија, кој подоцна се прели во Босна и Херцеговина, а претходно започна во Словенија. Хрватска дури и спроведе акција „Олуја“ по која голем број на население со српско потекло ги напушти своите вековни огништа. Таа војна остави длабоки траги кај сите жители во Хрватска.
Која е компарацијата? Ние сме имале светски Устав, и сме на буништето на Европа со дисфункционална држава и се уште внатрешни поделби, Хрватска е дел од Европската унија, а ни се вели дека хрватскиот устав бил добар и пример за нас. И не од било кого, туку од евро дипломати.
Знаете што? Јас во целост се сложувам. Апсолутно комплет! Во целост, до точка и до запирка. Сметам дека Македонија треба да има идентична реплика на хрватскиот устав. И во истиот да се наведат сите, па и Бугари, Црногорци, Хрвати, Израелци (Евреи или Јудејци), па дури и Еѓипќани, Пољаци, си секој жив кој ќе изрази желба.
Ама сите добро знаеме кој тоа ќе го блокира, нели? Вечно обесправените, апартхејдни владетели, кои си ја начекаа оваа абортирана СДС, па со неа се влечат скоро 7 години на власт. Напред со „шумарите“ од „дуинг бизнис“ кои се трансформираа во зелена партија, а при реконструкција прво го дадоа министерство за екологија. И сите оние несреќни ликови кои овој тандем ги ротира во власта на секои 2 години, давајќи им по малку да се почестат и да некого вработат и да наплатат.
Мислам дека е дојдено време за отстапка. Таа отстапка ќе мора да направат „жртвите“ кои цело време се на власт, а си ги лажат своите гласачи за тешкиот живот на сите, и за некаква обесправеност. Сакате да гласа цело Собрание? Сакате опозицијата да поддржи? Одлично! Бујрум да го направиме нашиот Устав како хрватскиот.
Така ќе се смират страстите, ќе се почнат преговори за ЕУ, Бугарите ќе бидат дел од истиот, а на Македонија конечно ќе и се гарантира унитарноста, но и тоа дека македонскиот народ е конститутивен народ и дека е негова национална држава, во која рамноправно се живее со сите делови од други народи, како Албанци, Турци, Срби и уште десетина други или колку да се.
Штом времето покажа дека Бадинтер не знаел ништо, и чим тој устав го силувавме и го менувавме 5-6 пати, ајде да се оди на устав „европски“ кој дипломатите ни го посочија,нели, и одма да започнеме со европските интеграции.
Прилагодувањето и пристапот кон ЕУ бил тежок, време е „екологистите“ и тие да покажат „европски вредности“ и заедно со овие час владини, час опозициски привезоци, да излезат од тесно етничките стеги, локал патриотизмот, етно шовинизмот, верскиот фанатизам, и да покажат дека нема да ги кочат европските процеси.
Сепак нели, малку е смешно дека се глуми обесправеност од позиција на власт. Неодамна група провладини госпоѓи и функционерки излегоа на марш. Драги мои, маршира народ, невладин сектор, опозиција. Власт решава проблеми. Ама толку долго бевте во аут, што не ви се верува дека ваша беше задачата да оправате, а не да марширате. Токму затоа и се зрели пак за во опозиција , за да се вратите на она во што сте добри (а и платени), штрајкување и мерење улици.
Кај „зелените“ е обратно. После нивни 20 години власт, не може опозицијата да е таа која покажува конструктивност и да прави отстапки. Време е отстапки да правите вие. Владеете со се’, држите се’, ќе потрошите (најверојатно, како што тргнало) цели 2 милијарди евра за автопати, иако уште ги чекаме оние само 2 километри кон границата со Косово. Вработивте и шуто и рогато, направивте директори од секакви ликови, сега е време да покажете дека стварно ви е „стало“ до евро интеграции.
Ајде, хрватски устав на маса и да почнеме преговори со ЕУ! Може ли?

Александар Ристевски