Поминаа четирите години мандат на актуелните градоначалници и локални совети. За нешто помалку од два месеци од денес ќе одиме на нови редовни локални избори.
И што може да кажеме како севкупен впечаток? Слабо, лошо, разочарувачки. Дотолку повеќе што очигледно се’ се уште зависи од централната власт. Како што и самите гледате единствените покрупни капитални проекти кои ќе се тераат се со средствата кои турски ТАВ ќе ги даде како компензација за не градењето на аеродром во Штип.
Малку општини во државата можат да добијат преодна оценка. Ова е дотолку по поразително земајќи во предвид дека централната власт во два наврати им ги чисти долговите на општините. Значи, двојно лошо. Ем не се работи ништо капитално и конкретно, а се таложат долгови. Се испоставува дека „локалците“ немаат контрола над состојбите во своите општини и дека таму владеат локални шерифи и лоби групи, и дека личниот интерес е на прво место.
Актуелната власт, предводена од СДСМ и ДУИ во најголем дел оди со истите кандидати. Добар дел од кандидатите ќе трчаат за втор, а некои и за трет мандат. Навистина ми е нејасно, како поддршка и од партијата и од нивното членство добиваат луѓе кои со прст не мрднаа, не направија ниту еден по сериозен капитален проект, дури и со исчистени долгови и ветар во грбот од извршната власт. Од друга страна, голем дел од она што нивните претходници го изградија и создадоа, секојдневно се уништува. Убеден сум дека огромен дел од нив ќе загубат и ќе бидат запаметени како само лошо минато во средините од кои доаѓаат.
Проследив со кои кандидати излезе опозицијата предводена до ВМРО ДПМНЕ ќе настапи вo добар дел од општините. Што предлага најголемата опозициска партија? Генерално млади луѓе во своите триесетти или рани четириесетти години, но со богато и професионално и политичко искуство. Во главно луѓе познати во своите средини, со чисто минато, а најголемиот дел и со стаж во локалната самоуправа, во локалните совети. Исклучително ќе биде битно и со каква програма ќе настапат, кого се ќе престават во сопствените тимови, пред се во поголемите градови, како лица кои потенцијално би ги воделе јавните претпријатија и установи, затоа и тие ќе бидат составен дел од идната локална власт. Секако, како ветар во грб од истата политичка опција се и листите за советници, тие ќе бидат овој пат пресудни и одлучувачки.
За жал, морам да кажам дека во најголема мерка битката за градоначалничките места ќе се води помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, и ДУИ и Беса, против Алтернатива и Алијанса, искомбинирани со гласовите на најголемите македонски партии. Левица, како и голем број мали партии, како и најавените независни граѓански здруженија ќе водат битка пред се за советничките места. Истото во основа и не е така лошо земајќи во предвид дека главните одлуки и битки се носат во општинските совети, а до сега неретко имавме исклучително црно бели совети кои беа само гласачка машина за актуелниот Градоначалник. Очигледно дека многумина сфатија дека советите исто како и Собранието се местата каде доколку има по вешти и способни советници, дека и со само еден глас може многу да се направи или спречи.
Загрижува она што се губат авторитативни кандидати, јавни личности, бизнисмени или интелектуалци кои веруваат дека на избори можат да одат сами, или преку некоја помала партија, па да извојуваат резултати како Фуфо или Трифун Костовски, како Стефчо Јакимовски и некои други. Повеќето чекаат да добијат поддршка од големите политички субјекти, иако во неврзани муабети сите се силат што би презеле или направиле, само доколку некој им даде шанса. Шансата е секогаш тука, но очигледно сите овие кои се чуваат во градите за тоа колку знаат колку се способни и што се можат, немаат образ пред народот, најмногу поради своето минато.
Каква локална власт сакаме? Во Скопје сакаме контролиран раст и развој, со повеќе зеленило, без дивоградби, настрешници, застаклени кафичи, киднапирани тротоари. Без бучава во станбени објекти, без луди возачи, со сообраќаен ред, со коли прописно паркирани, со функционални гаражи и санкционирање на прекршителите. Го сакаме Скопје со помалку бучава од летни дискотеки, концерти меѓу згради, верски објекти и било каква форма на самоволие. На Скопје му фалат повеќе спортски терени, квалитетни и издржливи со мали трибини, му фалат базени во секоја поголема населба. На Скопје во одредени приградски населби му фалат детски градинки и тоа многу. Му фалат мали културни центри на периферијата и предградијата, како оној во Илинден или во Кисела Вода. Му фали брз превоз, добри конекции, железница или автобус до Скопскиот аеродром. На Скопје му фалат чисти и средени тротоари, квалитетни велосипедски патеки, но по стандарди, а не про форма. Му фалат неколку подземни сообраќајници и раскрсници на две нивоа, подземни премини, но и раст и средување на подземната инфраструктура. На Скопје му фали целосно поврзување на цел град на парно и на гас. Смешно е да во главен град на држава некој се грее на дрва. На Скопје конечно му фали ред со нелегалната градба. Пола ќе се легализира, вака онака, но многу од тоа какво што е, драги мои, МОРА ДА СЕ РУШИ. Тоа е за моето драго Скопје. Пола да се среди во еден мандат ќе е многу.
Внатрешноста на Македонија има многу проблеми. Самото тоа што огромен број луѓе секојдневно доаѓаат со се доселуваат во Скопје, зборува за тоа како се живее таму. И во помалите градови и во селата. Новите градоначалници ќе мора да излезат од шерифскиот филм, да глумат дека се главни, и не само што ќе треба да се слуги на народот, туку и да донесат урбанистички решенија и планови каде ќе мотивираат наши од странство, странци или луѓе од Скопје кои сакаат повеќе мир или комоција, да се доселат во нивните средини. Само треба да сакаат и да послушаат совет и да имаат визија. Справување со дивоградбите. Да донесат инфраструктура (струја, вода, газ, канализација), да направат урбанистички планови, со целосни проекти и техничка документација, и тврдам дека одредени села и гратчиња ќе направат бум за само 2-3 години. Да научат како да си го соберат данокот, да предвидат и нови даноци за субјектите кои прават пари, истовремено да стимулираат и мотивираат нови дејности, и најбитното за крај: Ред, поредок, инспекции и закон. За се! Школство, екологија, урбанизам, здравство. Помалите средини се непривлечни затоа што во нив има мали богови, кои се недопирливи за законот. Додека тие не е средат, напред нема.
Се надевам дека овие мои зборови ќе поттикнат некакво размислување и дека и на потенцијалните кандидати ќе им ги отворат барем малку очите. Народот е на прво место. Гласачите не ви се должни, туку вие ним. Немојте да прераснете во мали богови како многумина до сега, туку понизни слуги на народот, први помеѓу еднаквите. Да ја направиме Македонија едно убаво место за живеење кое ќе привлекува други да доаѓаат и сакаат да останат, а не да се раселуваме низ светот.
Александар Ристевски