среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Карантин или COVID19 – СДС20

Карантин или COVID19 – СДС20

При вака сериозни ситуации како што е избивање на пандемија како што е случајот со корона вирусот секоја сериозна Влада мора итно да реагира и тоа ригорозно и одлучно. Ова реагирање покрај декларативното со одлуки на Владата и препораки од Министерството за здравство, како и активирање на институциите согласно законските одредби, пред се мора да значи преземање на практични и конкретни теренски мерки.

Токму тука е главниот проблем во контекст на спроведувањето на мерките превентивни и активни за спречување на ширење на вирусот. Владата на СДС се однесува како и самата да е во карантин и ништо не ја интересира што се случува и што граѓаните преживуваат на терен. Според СДС доволно е да се донесат одлуки и одредат мерките за превенција, а од тука натаму секој нека се снаоѓа како знае и умее. Всушност, на Владата и е доволно да го активира МВР за контрола и блокада на патиштата, а внатре во карантинското подрачје на оние што останаа Господ да им е на помош. Мислам дека се нема претстава ниту колку луѓе има во карантинското подрачје, од каде се тие луѓе, колку е домицилно население, а колку случајно се нашле во карантинот, колкумина се со хронични болести, колкумина се возрасни, колку е потребна редовна лекарска помош и на колкумина им е потребно да бидат снабдени со храна и основни средства за лична хигиена?

Сите овие прашања не се хипотетички, туку напротив, тие се суштински. Затоа и нема да цитирам законски одредби и обврски на Владата, МВР, Министерството за одбрана, Министерството за здравство, ЦУК и ДЗС, но секако и локалната самоуправа која има клучна улога, ако сакате и според одредбите на ЕУ каде што тежнееме. Токму затоа, врз основ на законските одредби ќе се обидам накратко да ги предочам практичните постапки кои оваа Влада на СДС и таква каква што е мора да ги преземе, без разлика на нејзината корумпираност, неспособност и дезориентираност. Во овој контекст пред се апелирам да не се шири паника, а како пример ја имаме Швајцарија која граничи со најкритичниот регион на Италија, но и покрај појава на вирусот на нејзина територија не го поремети животот на граѓаните иако ги активираше мерките за заштита. Ќе ви дадам уште еден пример на брза и ефикасна реакција и тоа од минатото. Повозрасните се сеќаваат на појавата на „вариола вера“ во тогашна Југославија, а како резултат на брзите и организирани мерки за заштита на населението се изврши вакцинација на над 18 милиони луѓе, а при тоа не се престана со образовниот процес ниту се поремети економијата или создаде паника. Едноставно неопходно е да се менаџира состојбата или да се познава кризниот менаџмент и неговото моделирање за да може ние да влијаеме врз состојбата, а не состојбата да влијае врз нашето поведение.

Сега неколку совети за практична реакција. Како прво, да видиме што треба да направи локалната самоуправа. Неопходно е да се поправат сите градски чешми особено на фреквентните места и на истите да се инсталираат дезинфекциони средства или барем течен сапун, да ги дезинфицираат и оспособат јавните тоалети и тоалетите во сите институции, а со што ќе се исполни првиот заштитен предуслов – одржување на лична хигиена и често миење на рацете. Локалната самоуправа би требало да изврши снабдување со маски на граѓаните, а доколку неможе самата да побара поддршка од Владата за увоз на доволен број заштитни маски и истите да бидат ставени на располагање на граѓаните по редовни цени.

Посебно е потребно да се води грижа за возрасните групи граѓани и хронично болните, односно без разлика дали се заболени од вирусот или не, бидејќи се работи за критична група. Не треба државата да се потпира исклучиво на активностите на Црвениот крст, напротив АРМ и Полицијата заедно со волонтери треба да се вклучат во дистрибуција на храна и основни средства за хигиена до овие ранливи категории граѓани. Особено е важно ова да се направи во изолираните региони каде што во дел од планинските села Лазарополе, Тресонче и Росоки кои не се под општина Дебар, но се во карантин, се наоѓаат случајно затекнати граѓани кои отишле на викенд и истите не се подготвени за подолг престој. Со овие екипи за достава на храна и хигиенски средства потребно е да оди и медицинска екипа и да се дистрибуираат лекови за хронично болните, а потребно е да се направи и патронажна обиколка на сите оние кои веќе се во изолација. Би било добро кога би се направило тестирање на вирусот за целото население, бидејќи од пред десетина дена се започна со примената на мерките за заштита, а веќе е познато дека периодот на инкубација трае 14 дена најмалку, така што нема да изненади доколку во текот на оваа недела се појават нови случаи. Неопходно е да се преземат мерки за згрижување на сите лица кои не се домицилни во изолираните подрачја и тоа може да се направи на два начини:

Прво, да им се обезбеди сместување и од државните резерви им се обезбеди храна, облека и средства за лична хигиена за да останат во изолираното подрачје и

Второ, да им се изврши лекарски преглед и доколку немаат позитивен тест за корона вирус со медицинска и полициска придружба да бидат испратени дома во изолација.

Во прашање е само желбата и размислувањето за тоа како да преземеме ефикасни и корисни мерки, а во исто време да не предизвикаме поголеми материјално-финансиски последици врз државата. Максимата дека најважно е моменталното здравје на луѓето не нѐ оправдува да го загрозиме подоцнежниот живот на граѓаните на било кој начин.

Со оглед на тоа дека веќе поминаа седум дена од првите мерки за прекин на наставата на сите нивоа на образование, а по се изгледа дека постои можност оваа состојба да потрае, неопходно е Министерството за образование да преземе итни мерки за организација на наставата во основно и средно образование преку интернет или јавниот сервис МТВ без разлика дали постои законска можност. За ова е потребно Владата да донесе одлука со времен карактер, бидејќи доколку наставата е во подолг период во прекин ќе треба да се надомести истата или да се повтори годината, а тоа е дополнителен проблем и верижно влијание врз многу други работи.

За жал не слушнав дека Владата во оваа кризна состојба формираше Управувачки комитет на чие чело треба да биде Претседателот на Владата, а чии оперативни активности ги спроведува Центарот за управување со кризи. Не видовме ниту едно соопштение во врска со проценката на состојбата издадено од „групата за проценка“ составена од државните секретари и директори на ЦУК, АНБ, БЈБ, АР, ДЗС, заменик началникот на ГШ на АРМ. Всушност Управувачкиот комитет, групата за проценка и ЦУК ги координираат силите и ресурсите со цел да му помогнат на населението во кризни состојби, а прогласувањето на карантин во дел од државата, затварањето на училиштата и забраната за одржување на јавни настани и работа на угостителски објекти не е ништо друго туку кризна состојба во која Владата мора брзо и одлучно да реагира со што ќе се намалат штетите, а не да се дума што да направи, кога и како, а при тоа состојбата да ја користи за политички маркетинг и спин вести за нивната светска способност и ефикасност. Вака како што се одвива работата се  е оставено на локалните одделение на ЦУК, а за жал тие не по своја вина немаат доволно кадровски и материјално-технички и финансиски ресурси.

Во рамките на националните платформи за ризици и закани, една од нив е „здравствени ризици“ и истата има координативен совет со кој претседава ресорниот министер, а овој совет е во директна координација со Главниот штаб кој се воспоставува во ЦУК во соработка со ДЗС и надлежното министерство, а кој е надлежен над регионалните и општинските штабови (локална самоуправа) како и над оперативните тимови на терен. Сите овие институции имаат за задача меѓудругото и да го смират населението и ја спречат паниката, а тоа ќе го направат со самото свое организирано присуство на терен и активност во непосреден контакт со граѓаните и покажана грижа за нив.

Ете ја рамката во која согласно законот и уредените правила треба да се однесува Владата и на тој начин да има потполна контрола над состојбата и увид на теренот со што ќе ја менаџира состојбата, се останато е инвентивност и користење на расположливите ресурси на најдобро можен начин, вклучително и волонтерско работење на граѓаните според планот и укажаната потреба кои ги дефинира координативниот совет. Во овој контекст неопходно е и користење на државните резерви со кои располага Дирекцијата за државни стокови резерви, секако доколку ги има и истите не се фиктивни.

На крајот, а требаше да биде на почетокот, би сакал јавно да се заблагодарам на Орка Холдинг за нивниот хуман гест. Уште одамна Едвард Бернајс напиша дека: „компаниите мора да ја имаат поддршката на општеството за да имаат успех“, или скратено, тие покажаа „општествена одговорност“, а Аџибаден Систина и Ибис хотел токму тоа и го направија и од се срце им благодарам!

На денот на Св.Григориј Палама (Втората недела од Великиот пост) 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов