Започнува ли крајот? Завршува ли почетокот? Две прашања кои се однесуваат на актуелната власт. Започнаа, најавувајќи крај. Крај на „режимот“, крај на партизациите во институциите, крај на неправдите… Останаа на самиот почеток. Можеби е подобро да се констатира дека, не ни започнаа, а стигнаа до крајот. Затоа и овие две прашања кои, навидум спротивни, а сепак се со исто значење. Бидејќи, со комбинацијата СДСМ-ДУИ не видовме ниту почеток, а веќе се ближи крајот…
Периодот на владеењето на оваа најштетна антимакедонска коалиција останува запишан во најтемните страници на македонската демократија, дипломатија и историја. Започнаа со Заев, продолжуваат со Ковачевски, а само Ахмети останува во позадина и цинично порачува и суфлира дека продолжуваат како до сега. И, жално, ама вистинито, навистина продолжуваат исто.
Заев беше тој „надежен“ политичар на новата генерација кој се колнеше во жици и деца, кој потпиша и изјава дека нема да работи во спротивност на македонските државни интереси, но истиот тој постапи сосема спротивно. Ги прелажа сите. Жедни ги пренесе преку река и денес повторно им се смее на сите и царува со бизнисите за марихуана и струја.
Неговиот пат го фати и неговиот спроведувач на матните зделки – Филипче кој останува запишан на најцрните страници од македонското здравство. Неговата несовесност и незаинтересираност за вистинското здравство, особено за јавното, ни умре еден цел град од Ковид-19. За сметка на овој помор, тој замина без ниту трошка морална одговорност и денес и тој им се смее на своите колеги во јавното здравство, оставајќи ги без ветените 100 илјади денари плата и без реализација на ветениот покачен капитационен бод за матичните лекари. Го остави јавното здравство да се распаѓа и на најмала временска непогода, да се распаѓа од необезбедени основни услови за работа на вработените и од необезбедени основни услови за пружање нега на болните. Ги остави сите на милост и немилост и, без око да му трепне, сега се префрла во приватно здравство. Остави Македонија да тоне во бедата на јавното здравство, што во превод значи дека само богатите граѓани на Македонија и богатите странци од соседните држави имаат право на пристојно здравство. Сите останати ги остави во рацете на Господ. Овде, за да биде комплетен овој пасус, да го наведам и селективното пензионирање на врвните здравствени експерти, со што нашите граѓани веќе ни во Клинички центар нема да можат да се обратат кај најдобрите, туку кај почетници кои, за жал, ќе нема од кого да го научат нивниот најхуман и најодговорен занает.
Пожарот во Тетово, несоодветната и ненавремена реакција при несреќата кај Ласкарци, Шахпаска и Анѓушев… никој веќе не смее да ги спомене или сето ова е оставено да се заборави со времето. Тешко на оние кои беа засегнати и изгубија членови од своите семејства. Тешко на сите кои им паднаа во рацете на овие егзекутори на „современото“ македонско здравтсво.
Во се’уште актуелната власт егзистираат уште многу егзекутори, покрај овие – здравствените. Не може тука да не се набројат Османи, Николовски, Маричиќ, Костадиновска-Стојчевска, Шаќири, Бектеши, Спасовски, Петровска… Или да се изостават веќе бившите Димитров, Шеќеринска, Царовска… Актуелни или бивши, остануваат како потсетување за сиот срам и криминал кои им ги нанесоа на сопствените сограѓани.
И кога, после сево ова, граѓаните се обраќаат до ВМРО-ДПМНЕ, и за арно, и за лошо, тоа значи дека ама апсолутно немаат ниту верба, ниту надеж, во овие властелиниве кои се удараат во гради и се убедени дека остануваат до ’24-та. Нели им е срам? Нели им е страв? Нели имаат трошка совест?!?
Граѓаните не гледаат спас во дуото СДСМ-ДУИ. Тоа, колку добро или лошо да го глумат, сепак, многу добро го знаат властелините. Но, сепак, мораат да издржат и да продолжат со реализација на ветеното. Ама, не ветеното на граѓаните и на нивните гласачи, туку ветеното кон оние останатите. Ветеното за конечно разнебитување на се’ што е македонско и што значи македонска држава. А, тоа е се’, само не европска вредност и европска демократија. Да ветиш дека ќе го промениш Уставот е исто како да ветиш дека месечината ќе изгрева наутро, а сонцето навечер. Да ветиш, после случувањата во 2018-та, и да се надеваш на нивна реприза, е како да се надеваш на успешна пародија од светски бестселер.
Денес сме лето господово 2022-ро и во пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ нема криминалци, ниту материјалисти. Менување на Устав НЕМА, ниту годинава, ниту догодина, ниту таа потоа (ако се’уште успеваат во лепењето на кревката им владеачка коалиција). И, наместо да не’ прозиваат нас, нека си се погледаат меѓу себе и нека се запрашаат каде се нивните пратеници и зошто ги немаше сите, кога гласаа за усвојување на информацијата за срамниот протокол?!? Во нашите редови нема колебање, ниту дилема. Во нашите редови има само цврста волја за уривање на оваа ненародна власт. А, во нејзиното уривање ни треба и поддршката и помошта на сите чесни, добронамерни и лојални граѓани на Република Македонија. Нека не ве плашат или уценуваат. Нека не ве убедуваат дека ние сме исти како нив. Покажавме и докажавме на дело дека не е така. Нашите градоначалници за само една година сработеа колку што нивните за цел мандат, па и повеќе.
Им понудивме и откажување од барање на предвремени избори, само за да се откажат од срамниот бугарски ултиматум. Одбија. Сега им нудиме Референдум. Останува на нив дали ќе прифатат или не. Прифатиле или одбиле, останува на нив теретот и стравот од вас – граѓаните, а на нас – должноста да ви докажеме дека и во двата случаи, губитници и криминалци ќе останат само тие. Ако одбијат Референдум – значи дека се плашат од јасно изразената народна волја. Ако прифатат – ќе значи дека самите себе ќе се порекнат и ќе потврдат дека во 2017-та потпишале Договор за недобрососедски односи.
ВМРО-ДПМНЕ, заедно со сите коалициони партнери, останува на ставот дека оваа владеачка гарнитура е дилер со македонските национални интереси и со македонските граѓани. Сите не’ осиромаши, испокраде и продаде. Колку побрзо тоа го сфатиме и реагираме, толку поскоро доаѓа нивниот незапочнат почеток или конечен крај.
Бидете убедени дека НЕМА пратеник во мојата пратеничка група кој има дилема во вашиот став по однос на срамното распродавање на нас кон источниот сосед. Немајте ни вие дилема по однос на тоа, како секој еден пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе постапи по однос на менувањето на Уставот, без разлика на тоа дали ќе има или ќе нема Референдум и, доколку има, а не се охрабрите да излезете на него, дека некој од нас ќе ги изневери вашите очекувања од нас. Впрочем, Референдумот од 2018-та, иако официјално прогласен за неуспешен, сепак не го испочитуваа токму пратениците на власта. Е, па, karma’s a bitch, така ли?!?
Имајте верба, прво во себе. Македонија била и ќе биде. Само со вистинските и со оние кои веруваат во она што го прават. За мене честа не е на продажба и јас НИКОГАШ нема да ги изневерам оние кои верувале во мене. Пратеничката позиција е минлива и менлива. Вечни се честа и Македонија!
Дафина Стојаноска – пратеничка