среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Кога политиката го руши правото

Кога политиката го руши правото

Мојата прва колумна ќе ја посветам на еден општествен феномен кој во континуитет го детронизира македонското општество, а тоа со една синтагма може да се дефинира како “кога политиката го убива правото”. Драмата “Парадоксот на Диоген” е четиво кое со задоволство го читав во средношколските денови и е една од најзначајните драмски текстви во македонската литература.

Авторот Томе Арсовски, меѓу првите го поставува проблемот за успиената општествена и лична свест, за поголемата одговорност не само на единката, туку и на пошироката општествена заедница во која опстојува таа. Впрочем, оваа судска драма најчесто во литературата се поистоветува со т.н. “судење на човековата совест”.

Накратко, драмата е конципирана како судски процес низ кој се иследува степенот на вината на главниот лик во оваа драма, младиот инженер Драшко Каровски. Како проектант на хотелот „Сплендид“ и негов непосреден изведувач, Драшко Каровски е обвинет за неговото уривање во кое ги загубиле животите двајца луѓе и е направена голема материјална штета. Јатката на целокупното драмско дејствие во драмата е прашањето дали воопшто е виновен Драшко Каровски и колку за својата вина е виновен самиот, а колку социјалната средина во која тој опстојува.

Не случајно се осврнувам на ова значајно дело од македонската литература, бидејќи колку и да е фикција, оваа тема е вонвременска. Практично, таа е актуелна и денес.

Бројните судски процеси, медиумските спектакли за апсење на поранешни високи функционери, промптност во решавањето на судските предмети, кое во голема мера се коси дури и со начелото на судење во разумен рок, пристрасноста во поведување на истражни постапки на СЈО и редовното обвинителство, никакво непочитување на уставното начело на пресумпција на невиност и бројните медиумски гафови на непрецизно толкување и пренесување на кривично-правните односи се дел од големата општествено-политичка рашомонијада и севкупниот разнебитен правосуден систем во нашата држава.

Но, најголемото негативно влијание на политиката врз правото и практичното подривање на неговите темели, најверојатно ќе биде разрешницата на судскиот процес за обвинетите од 27-ми април, кои се гонат за “терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста”, едно од најтешките кривични дела против државата за кое е запретена минимална казна затвор од 10 години.

И се ќе беше нормално, за приврзаниците на актуелната власт дури и совршено, овој судски процес во експресен рок да завршеше со осудителни пресуди каде 33-та обвинети ќе требаше да лежат долгогодишна робија, ако во целото сценарио не се вмешаше политиката. Како по сценарио на Тарантино, носечкиот обвинител Вилма Рускоска низ судскиот процес сакаше да ја докаже намерата, поврзаноста и организираноста на обвинетите во процесот дека секој со своето не/делување придонел да се загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија, предизвикал или сериозно се заканил со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните.

Но, колку и сето тоа да беше наизглед лесно и едноставно за докажување, од досегашниот процес, а особено преку изведувањето на доказите и испитувањето на сведоците, едноставно изгледа невозможно да се докаже вина за вакво кривично дело, а уште помалку да се докаже намерата или поврзаноста на обвинетите за вршење на ова дело, особено поради фактот што најголемиот дел од нив не се ни познавале меѓусебно, а првиот контакт им бил во притвор или во судската сала.

Да биде сценариото уште покомплицирано, дел од обвинетите се и пратениците, кои во новонастанатата политичка состојба во државата се клучниот фактор за затворање на уставните процеси во Собранието. Токму тука, се кршат копјата на правото и политиката. Со најавениот предлог-закон за “помирување”, помпезно најавен од премиерот и уште побрзо изготвен од работното тело за помирување од Собранието ќе се направи правен преседан во кој главната улога ќе ја имаат политичарите.

Амнестијата не е непознат правен институт во нашето законодавтсво. Уште се свежи спомените од Законот за амнестија за борците на ОНА во 2001 година. И тогаш, аргументацијата на властодршците за носење на ваков закон во Собранието беше еден вид помирување и релаксирање на затегнатите односи во општеството. Но, тоа беше генерална амнестија. Осолободување од кривично гонење на сите учесници во конфликтот од 2001 година. И тоа, од правен аспект (не од политички) беше исправно.

Од правен аспект, институтот “амнестија” има поширока, генерална цел. Во пракса, тој се доделува на сите оние што во едно кривично дело имаат утврдена вина и правосилна судска пресуда и претставува “ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, заменa на изречената казна со поблага казна, бришење на осудата или укинување на определена правна последица од осудата”. Целта е опфаќање на поширока категорија на обвинети или осудени лица заради постигнување на ефект на помирување и намалување на негативните политички ефекти во општеството.

Но, какви ефекти може да предизвика “селективната амнестија”? Каква порака ќе испрати во нашето, сеуште поларизирано општество. Дали, со предложеното законско решение за амнестија само на политички подобните лица за сегашната власт и преквалификација на кривичното дело за сите останати обвинети ќе се постигне целта на амнестијата? Одговорот е: НЕ!

Напротив, директно ќе се подријат темелите на правната држава. Легитимните прашања кои треба да се постават се следните:

  • По кој критериуми ќе се прави правната квалификација за определување на тежината на извршените дејствија од страна на обвинетите?
  • Дали ќе се случеа немилите настани во Собранието доколку некој одвнатре не ги отвореше? (согласно обвинението: тоа се дел од пратениците); и конечно
  • Дали, доколку пратениците не гласаат за уставните измени ќе подлежат на амнестијата?

Уште попроблематично ќе биде да се наложи на обвинителството да направи преквалификација на делото на оние обвинети, кои ја немаат привилегијата нивните два прста да носат одлуки во Собранието. Во услови на “заробена држава”, со какви насоки и присилби ќе се влијае на обвинителката Рускоска да го преквалификува делото, имајќи ја во предвид досегашната жестина со која се обидуваше да го убеди судот дека сите обвинети се виновни за ова тешко кривично дело?

Како правосудната фела ќе реагира на ова политичко решение и колку правната држава ќе се откаже од правото?

Затоа што, ако патот до пеколот е поплочен со добри намери, тогаш патот до вистината и правдата очигледно е поплочен со неразумни компромиси.

Марјан Спасески
Авторот е магистер по кривично право и криминологија