Како наближува изборната кампања и самите избори се поевидентно станува дека актуелната власт е во слободен пад, а чекорите кои ги влече се знаци на давеник.
На социјалните медиуми ја гледам изјавата која тогаш лидерот на тогашната опозија З.З. ја приложил и доставил до тогашниот Претседател на Македонија, Иванов. Во неа тој писмено се обврзува дека ќе ги штити и брани македонските национални интереси, уставниот поредок и се она што животно важно му беше на просечниот Македонец. За жал, ништо од тоа!
Се случи класично силување на Уставот, на државниот поредок, и на се она што се создавало. Опомената дека без системски реформи, средување на самиот систем, самата држава, вложувањето во кадри, професионализација, нема напред, ни се удри од глава. Власта на СДС, заедно со нивните коалициски партнери од ДУИ, еден куп помали сателити, сметаа дека самата промена на името на државата, и бројните договори на штета на државата ќе го отворат патот за Македонија кон Европската унија,а со самото тоа, можноста да се „лапаат“ европски пари, фондови, инвестиции и можност за брзо богатење на елитите.
Што добивме на крај?! Добивме членство во воен сојуз како што е НАТО, со што е гарантиран некаков територијален интегритет, но што внатре во таа територија? Македонецот е понижен и сведен на обичен дел од нацијата, со додавка со коса црта, дообјаснување во кое стои дека е граѓанин на Република Северна Македонија, со самото што ги прекинува врските со сите останати Македонци во соседните земји и низ светот кои не се „граѓани на Република Северна Македонија“ , туку се едноставно МАКЕДОНЦИ.
Добивме накажување на имињата на бројни институции, добивме преговарање на нашите национални дејци и херои, добивме газење врз нашето достоинство. Се што некој потпиша и вети дека нема да е предмет на пазарење и договорање, го поништи, погази, ИЗЛАЖА!!!
Од денешна перспектива, зарем има некој кој му верува нему и целата негова свита? Македонија веќе 15тина години имаше едно правило: Што предизборно се вети, тоа и да се оствари! До точка, до запирка. Повторно влеговме во центрифугата на лагите од 90тите, и оние од 15 септември 2002. Ветуваш едно, работиш друго. Секако, се на штета на обичниот народ, а само за лична корист, и со цел да се задоволат барањата и интересите на тие кои ве довеле на власт.
Целосно го разбирам народот! Го сфаќам незадоволството, индиспонираноста, разочарувањето, летаргијата. Тоа што го мислат за власта веќе и на малите деца им е јасно. Не помагаат ни ваучери, ни пакети, ни социјална помош, ни било која форма на предизборно поткупување. Дури и ќе речам, за оние најсиромашните и најзасегнатите од кризата и немаштијата, се она што власта ви го нуди, земете го, насмејте им се, заблагодарете, на 15 јули излезете и гласајте ПРОТИВ НИВ!
До промена МОРА да дојде. За да државата се исчисти од оние кои докажаа дека се лажговци и работат за себе. Македонија МОРА да биде држава во која секој ќе стои до својот збор, држава во која ќе има ред и закон, држава во која најдобрите ќе одат напред, ќе бидат горе, и ќе ги воспоставуваат правилата на игра, а не кодошите, полтроните, медиокритетите.
Македонија треба и МОРА да биде држава на еднакви права и можности, држава на македонскиот народ и еднаква за сите етнички заедници кои живеат во неа. Држава го граѓански,а не етнички (племенски) концепт. Држава во која првиот предуслов за напредок ќе е личниот квалитет, а не партиската или етничката припадност. Еднаквите можности ќе се остварат со поттикнување и наградување. Ова што ни се случува е класичен распад-систем и девастација на целокупното општество. Штетите кои се направија, ќе треба години за да се оправат за жал.
За сите оние кои рефлексно ќе ми одговорат дека претходната власт имала криминали, дека се украле милијарди и слични приказни, само ќе ги прашам: Каде се милијардите, каде се криминалците, колку вративте во буџетот, и кого правосилно осудивте? Имавте не цели 4 години. Покажете малку доблест и објективност. Си се здруживте, станавте исти како тие за кои зборувате, па дури решивте и да приграбите од тие пари за лична корист. Во буџетот, ништо!
Како мали деца на скопските улици, имавме една поговорка која ја повторувавме сите: Кој лаже, тој и краде, „пеца“ вошки, па ги јаде!!!
Колумна на Александар Ристевски