четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Кој се‘ е за на Црна листа и што фајде од неа?

Кој се‘ е за на Црна листа и што фајде од неа?

Интересно е што почетокот на летото започна со некаква иницијатива околу актуелните властодршци. Ставањето на струшкиот градоначалник Рамиз Мерко и целото негово семејство на Црната листа на САД, ги размрда и медиумите и народот и политичките партии. Малку е смешно и наивно, знаејќи дека човекот е власт цела вечност, веќе четврти мандат, од 2005 навака (со пауза од 2013-2017 кога Струга ја водеше Зијадин Села). Медиумите велат дека човекот имал 14 кривични пријави и ниту една до крај не истерана или процесуирана. Што повеќе да се рече?!

Навистина ми е симпатична и реториката на странците, на амбасадите и бирократите. Мислам дека треба да пуштат анкета меѓу народот за да сфатат дека апсолутно никој ништо не им верува. Секако, освен полтроните кои држат функција, па се лигават, даваат комплименти, кршат јазик на некој странски јазик кој мислат дека го знаат, наместо дипломатите гости малку да се помачат во комуникацијата.

Како летото се наближува, не престануваат пресовите и изјавите, со реториката, интеграција или изолација! За каква изолација бре зборувате? Дали мислите дека народот е малоумен? Дека интелектуалците и останатите се толку мутави, за да настапувате со ваква форма на заплашување и апокалипса? Еве, Швајцарија и Норвешка не се во ЕУ. И нив ова им го зборувате?

Да се разбереме од старт, и многу пати од мене и кажано и пишано: Македонија треба да се стреми кон остварување на својот евро интеграциски сон. Македонецот ќе биде обединет само во Европската унија, земајќи во предвид дека неговите браќа во Бугарија и Грција, но и останатите Македонци низ Европа се 95% во земји членки на ЕУ, а и Албанија и Србија, каде има не така мал број Македонци, кон тоа членство се стремат. Но, ова што ни се случува, отстапките без крај, лажењето и матните одлуки на Европа (а неретко и на САД), мораат да престанат и да им се стави крај.

Народот веќе не ви верува. Меѓународната заедница, евро амбасадорите и бирократите, па и претставниците на САД, во очите на обичниот народ веќе се некредибилни, за жал. Се испоставува неконзистентност во ставовите, но и лицемерие во постапките. Имено, политички се поддржуваат оние кои крадат, лажат, прават злоупотреби, оние кои со сплетки, фалсификати и бројни аномалии се на власт, за да потоа на народот му се зборува за право, правна држава, владеење на закон.

Црната листа е сосема „о кеј“ механизам, ама има еден проблем. Вие со години имате владини партнери – лидери на мали партии, кои се на црна листа! Вие имате функционери во еден куп највисоки институции и тела кои токму вие ги третиравте како терористи. Вие имате цели политички субјекти кои свесно не ги почитуваат државните обележја на државата знаме, јазик и химна, а ги третирате како партнери за соработка, а никако не го осудувате ваквото однесување. И потоа сакате обичниот народ да ви верува дека ни мислите добро, и дека сакате да ја придвижите државата кон ЕУ? Тешко!

Да не заборавиме како се направија уставните измени. Да не заборавиме дека на тој референдум на кој имаше само 600.000 гласови, сигурен сум дека барем за едно 200.000  беа полнети кутиите. Зошто? Прво затоа што немаше набљудувачи како што има на избори. Второ,затоа што во руралните средини во западниот дел од Македонија имаше излезност по 90-95%, во места каде народот е иселен по Европа, а каде што за локални избори гласаат 20-30%. И дури и после тој фалц реферeндум, се дозволи да со една мала група компромитирани, уценети или купени политичари, да се стигне до бројката 80 пратеници. Плус се направи еден преседан, каде на купче се ставија сите пратеници кои не се етнички Македонци (мислам дека од немакедонците не гласаше само Стоиљковиќ) без оглед од кој коалициски кампус доаѓаат, и „кренаа рака“.

Кои се реперкусиите? Недоверба, разочараност, огорченост, лутина, бес, па дури и омраза. После се ова што му се случи на македонскиот народ, некој друг е време да направи отстапки, за да топката се спушти, и за да има состојба на еквилибриум.

Хрватска форма на уставот тоа ќе го стори. Нели, тоа било европска вредност, модерно, современо, а се потврдува националниот статус на македонскиот народ. Секако, и на сите до еден, останати кои ќе бидат наведени. Македонските Албанци не би имале проблем, тие се интегрирани системски, плус јазикот им е во севкупна официјална употреба. Со хрватската форма на уставот ќе влезат и Бугари и сите останати. И секако, чекаме Европа да биде правична и да и наложи на Бугарија да почитува човекови права и права за самоопределба на Македонците кај нив. Историја не смее да е предуслов за евро интеграции. Грците полека попуштаа околу прават за здружување на Македонците во Грција, но не сменија ниту една ознака, ниту една табла. Секаде стои дека сме ФИРОМ или Скопиа.

Време е и ЕУ и САД да си ги исправат утките, пропустите и недоследностите. Да, Македонија во ЕУ, ама како средена, организирана, функционална, правна држава. И без оваа владејачка багра. Вакво дно не сме имале ниту во 90тите. Дно кое е покриено со скап пи ар, со сплетки, притисоци и заплашување. И секако, со очигледна поддршка, инаку истото не би се случувало. Добар ви е почетокот со црната листа. Ама доколку нема наскоро уште два триесет други ликови, со цели нивни семејства, ништо не правиме! А убеден сум дека знаете и имате докази кој-што-како прави, има и злоупотребува.

Искрено, повеќе сакам да верувам дека притисокот и завршниот удар ќе биде кон феудалците од власта, отколку кон опозицијата, затоа што во нема структури кои се против европската интеграција, туку против македонската национална деградација, но и против овој неспособен владин апаратчик. Не сакам да верувам дека повторно, како многу пати до сега, месецот јули ќе се користи за да на народот му се забие нож в грб, како многу пати до сега. Се што лошо се случува во Македонија, до сега се случуваше среде лето. Жешко е, сите се по дома или на одмор, нема дебати, нема анализи, нема емисии, како створено за анти државни одлуки.

Почитувајте го ставот на народот. Не ја силувајте Македонија и Македонецот. Ќе се врати се‘ како бумеранг. Народот си има сопствени црни листи!

Александар Ристевски