вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Избори, а не уставни измени!

Избори, а не уставни измени!

Ако ништо друго, барем пред денешаната собраниска седница работите се чисти и се на маса. Впрочем тоа е така веќе извесно време: СДСМ сака уставни измени веднаш, ВМРО-ДПМНЕ бара тие да стапат во сила по влезот на Македонија во ЕУ со сите можни гаранции за македонскиот народ добиени претходно, вклучувајќи ги тука ЕУ и САД. А бидејќи во ЕУ ќе сме влегле на голема врата до 2030 година, нели така не убедува власта, тоа и не е така многу долго време за да се побара трпение од Бугарија.

Како и да е, работите се на чисто. Но, од друга страна, двата става изгледаат непомирливо, настрана медиумската и пропагандата војна и морето од спинови што ги нуди власта со извртување на зборовите. И за да се помират двете страни, двата става, единствен разумен компромис, што би рекол екс претседателот Иванов, е прашањето да се реши на избори на кои ќе се измери тежината иа ставовите на двете партии, но и на помалите партии од кои некои се против влегувањето на Бугарите во Уставот во било која варијанта. При тоа, сосема прифатливо звучи есенскиот датум што за избори го понуди Мицкоски уште во јуни.

Во сето ова нема голема филозофија. На страната на СДСМ и ДУИ, без кого СДСМ очигледно не може, се медиумите, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обидува да парира, но во овој случај се чини дека мислењето на граѓаните е изградено и дека пропагандата не може многу да влијае врз тоа. Како и шишињата со масло за јадење и вреќите брашно што ќе ги дели СДСМ пред изборите. Останува проблемот со полнењето на кутииите, но тоа ќе треба да го реши ДИК.

При тоа, сосема разумно е барањето на ВМРО-ДПМНЕ, поразениот на изборите да ги поддржи ставовите на победникот во врска со ова прашање. Изборите би требало делумно да го решат и проблемот со притисоците од страна на меѓународната заедница, која сосема очекувано, во предизборниот период ќе биде на страна на актуелната власт. Но, како што стојат работите, ставовите на оној дел од светот што ние го перцепираме како меѓународна заедница, а тоа е Западот, имајќи го предвиди расположението на јавноста, може само да биде контрапродуктивен и да и одмогне на власта во нејзиниот поход кон итни уставни измени и внес на Бугарите во Уставот пред започнување на преговорите со Брисел кои досега ги почнавме барем десетина пати.

Изборите истовремено би дале одговор и на економската криза во која се наоѓа Македонија и која е до тој степен изразена што дојдовме до ниво кога се смета дека на граѓаните за здравствени потреби им се доволни само 800 денари месечно (200 денари по член на семејството од четворица) и дека за храна на истото семејство му се доволни нешто над 600 денари дневно. Сето тоа, во услови кога функционерите добија 78 отсто повисоки примања за кои, на пример, наставниците или медицинарите, можат само да сонуваат, што само ја продлабочува депресијата и страшната апатија во која се наоѓа зомбираното македонско општествено ткиво кое е веќе почнува да мириса од сопственото распаѓање. И од што може да биде извлечено само со избори и кампања во која и онака разјаснетите работи уште еднаш ќе им бидат предочени в лице дури и неверните Томавци.

Се разбира, тука е и прашањето за криминалот на власта и владеењето на правото (заборавените Кацарска и Рускоска како симболи на гниежот на судството), нешто што сосема извесно би не блокирало во преговорите со ЕУ дури и да не е бугарскиот став. Изборите ќе покажат дали граѓаните се задоволни од сегашната состојба или се подготвени да се потпрат на ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе го реши ова прашање. Изборите ќе покажат и кој пат граѓаните сакаат да го одберат – оној на СДСМ кој не носи во прегратките на Бугарија и во прегратките на тезата за вештачки македонски народ, или патот на ВМРО-ДПМНЕ, а ќе дадат можност да се измерат и некои други опции кои се нудат.

Се друго, освен ова, води во натамашна агонија на веќе агонизираната Македонија која забрзано останува без својата популација, што не може да го сокрие ниту пописот. Пред шест години, во третиот квартал 2017 година, во Македонија имало 950 000 работоспособни лица, а во третиот квартал 2022 година имало 808 000 работoспособни лица. Така велат податоците на Државниот завод за статистика. Со други зборови, во меѓувреме, без оглед на розевите очила на власта, под водство на Црпко нобеловецот и Таче, сме останале без 150 000 согрaѓани кои својата среќа очигледно ја побарале надвор од Македонија. Тоа објаснува и како е можно да имаме 50 000 помалку вработени отколку во 2017 година, а стапката на невработеност да се намалува. Генијално решение на власта зар не? Ако вака продолжи трендот, наскро ќе останеме без невработени, а просечната плата ќе се вивне на словенско ниво, зашто од државата ќе си заминат сите со ниски примања и сите кои не работат, а кои се способни тоа да го прават во друга држава. Да не зборувам за тоа дека, како тргнала работата, наскоро за нас и Бугарија ќе стане Елдорадо, односно место каде ќе можеме да одиме на гурбет.

Се разбира, изборите не се волшебно стапче. Тие нема да ги решат сите проблеми. Но, тие можат да бидат клучниот момент кој што ќе ја симне Македонија од респиратор и ќе ја извади од вешатачката кома во која се наоѓа. Значи, на изборите ќе имаме избор. Затоа и така се нарекуваат, зар не!?

Дарко Јаневски