среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Кому му треба историјата?

Кому му треба историјата?

Кога на политичката сцена во Македонија се случуваат енормно многу, на дневно ниво политички глупости и изживувања врз менталната хигиена на граѓаните, веројатно една ваква колумна може да биде разбрана како дефокусирање. Сосема спротивно. Сакам да потенцирам дека оваа колумна почитувани читатели задира во суштествените прашања кои пак со помош на дневно политичките игри се дефокусираат од перцепцијата на сите нас. Во исто време на нашите властодрци устата им е полна со воспевање на европската им иднина, но под услов да ја заборавиме сопствената историја. Дел од таа историја или колективна меморија е секако и Охридската Архиепископија, денес во лицето на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија, чиј статус во рамките на Православната екумена максимално се злоупотребува за дневно-политички игри кои ја разурнуваат суштината на егзистирањето на МПЦ-ОА како помесна Православна црква.

Сепак, за ова прашање и обидот за негово медиумско подметнување низ призмата на собирот во Аман ќе напишам во друга прилика. Во оваа колумна сакам да се осврнам на насушната потреба од познавање на сопствената Македонска историја и потребата од тоа да ја имаме нашата сопствена Македонска историја која ни е потребна на нас денес и на идните генерации Македонци.

Можеби звучи стереотипно дека без историја сме како дрво без корен, но тоа е голема вистина. Што би разговарале во клубот на ЕУ доколку немате идентитет, историја како дел од севкупната европска историја. Народите-нациите во друштвото на народите се ценат по нивното учество во светското цивилизациско наследство, а тука се вбројува и религиското наследство и култура, колку и да зборуваме за одвоеност на црквата од државата, односно за секуларно општество.

Формулата е едноставна: „процент на население во согласност со процент на учество“. Не верувате? но, тоа се непишаните правила кои функционираат при мерењето на цивилизацискиот придонес на една нација во историјата на светската цивилизација и ги опфаќа сите аспекти на општественото живеење во позитивна конотација.

Токму овде можеме да ја лоцираме причината за притисоците на нашите соседи врз нас Македонците, да не обезличат и ја препишат нашата историја како своја, односно да го зголемат својот процент на учество во светското цивилизациско наследство. Филозофските расправи  од средниот век подоцна преземени и од Шуман, иднината на обединета Европа, денешната ЕУ ја поставуваат на три столба – христијанството, грчката античка филозофска мисла и македонската историја.

Во основа, на овие три столба се потпира и Хантингтон кога зборува за христијанска Европа и нејзините традиционални вредности. Доколку само малку размислите и без некое поголемо познавање на филозофската мисла или историјата на христијанството ќе видите дека Македонија е во фундаментот на ЕУ, христијанството во Европа, според Библијата дојде преку Апостол Павле и Лидија од Македонија, а се вкорени и институционализира преку Јустинијана Прима и Охридската Архиепископија. За Македонската историја на Филип и Александар Македонски да не елаборираме. Дури и Варварите поради хеленската култура, станаа многу сакани од нивните наследници Грците.

За еден мал народ како Македонскиот, колкав ли е овој процент во светското културно наследство?

Дури и во Западното христијанство историското влијание на христијанството од Македонија е видливо и денес. Западната цивилизација е растргната помеѓу католицизмот и протестантизмот кој доминира. Протестантизмот, за основа го има Богомилството кое потекнува од Македонија. Единствено во Македонија постои место – село кое се нарекува Богомила според поп Богомил кој ја започнува својата мисија од Македонија. Во 967г. според некои извори четворицата браќа, синови на Кнез Никола, комитопулите: Арон, Давид, Мојсеј и Самоил кренале востание покрај борбата против Византија и за одбрана на Богомилите и ја создале првата Словенска Македонска независна држава. Самоил имал толерантен однос кон Богомилите за разлика од Византија која била крајно насилна. Основа од каде започнува протестантизмот е раселувањето на Богомилите од Македонија низ Европа познати како Катарени или Патарени од чии идеи се раѓа протестантизмот во Европа.

Дополнително што внуката на Гаврил Радомир, Маргарита од неговата ќерка Агата која е жена на Едвард Прогонетиот, во 1130 г. се мажи со шкотскиот крал Малком трети. Синот на Маргарита, Дејвид, превнукот на Гаврил Радомир, познат како Дејвид втори им доделува имоти на темпларите околу реката Форд, денес Темпл.

Во 1690 г. светиот римски цар Леополд I издал заштитно писмо за Македонскиот народ од 26.04.1690 година, како благодарност за Карпошовото востание во кое меѓу другото вели:  „…Македонскиот народ во целост го примаме во секој еден поглед благонаклоно под наша царска и кралска заштита…“ (прв цитиран извор кај Ј.Радоњиќ во 1908 година). Дури и во не корегираната српска историја пред Балканските војни, видливо е дека нашите соседи во секој поглед знаеле за посебноста на Македонскиот народ.

Улогата на Ѓорѓија Пулевски како Балкански – регионален космополит, борејќи се за слободата на Балканските народи, но и промовирајќи го Македонскиот јазик како засебен јазик на посебен народ кој суштествува на Балканот, уште во 1873 година во Белград во својот „четворојазичник“ го издвојува Македонскиот јазик и народ како засебен.

Да се откажеме ли од брилијантниот ум на Љубомир Милетич (во списокот на студенти во Прага на Карловиот универзитет за него се вели дека е „од Македонија од градот Штип“), почесен член на 21 (дваесет и една)  академија на науките во почетокот на 20-от век, почнувајќи од Руската преку Хрватската, Српската до Германската. Или пак од Александар Балабанов првиот преведувач на грчката филозофска мисла на словенските јазици.

Да го заборавиме ли Вапцаров и неговата „Проштално“, убедливо најубавите љубовни стихови воопшто напишани.

Да го дополниме списокот со наше учество во светското цивилизациско наследство со двајцата нобеловци од Македонија, Мајка Тереза и научникот од Ресен со албанско потекло, дел од тимот на медицински научници кои направија револуционерен пронајдок во медицината.

Како да се откажеме од Александар Грличков (без идеолошки предзнак), брилијантен ум, светски признат теоретичар на социјализмот заедно со Мито Хаџи-Василев Јасмин. Сите нивни дела беа преведени во Кина, и моменталниот развој на оваа држава се должи токму на писанијата нивни, во кои докажаа дека е можен спој на социјализам (еднопартиско општество) и пазарна економија. Впрочем и експериментот кон крајот на 60 – тите и почетокот на 70- тите, основањата на Ге-Ге фирмите, процес затворен со уставот во 1974 г. беше плод на работата и генијалноста на овие двајца теоретичари.

Во 1977г. со цел да им се заблагодари, Кина која не е потписник на Декларацијата за авторски права, го поканува Александар Грличков со сопругата да биде две недели нивен гостин, по што тој е во посета на Кина со почеси на ниво на Претседател на држава.

Да се откажеме ли од Лазар Мојсов кој во 1977/78 беше претседател на Генералното собрание на ООН, со неговата забележителна улога, кој е во роднински врски со фамилија Буш, по ќерка му омажена во Буш фамилија.

Можеби треба да се откажеме од Горан Стефановски, авторот со чиј драмски текст „Хотел Европа“, се прославуваше 2000-та години или вториот милениум во Европа.

 

Да се откажеме … Навистина?? … Кому му треба историјата??

 

На денот на Св.Лав Катански (во Првата недела на Великиот пост)

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов