Кога пред речиси три недели пишував за Корона вирусот и се она што до тогаш знаевме и се случуваше, како да претчувствував каде и како ќе се одвиваат нештата. Потајно се надевав дека нема да сум во право, но очигледно искуството ми дава за право да само ги согледам нештата и преточам во пишам збор, колку и лично да не ми се допаѓаат.
Зошто на светот му претстојат тешки денови, пред се на Европа, САД и целата западна цивилизација. На еден дел поради неодговорноста на државите, кои целосно се потпрени на бизнисот, економијата и пазарната економија (земјите од централна и северна Европа) и целосната неодговорност на населението јужна Европа, Балканот и целиот Медитеран.
Кај нас, претпоставува ќе бидат и двете. И системскиот хаос и дефинитивно менталитетот на народот. Што сакате, кога лавината почна со целосно неетичко однесување токму на доктор специјалист кој ги загрози животите на стотици луѓе. Срамота.
Државата, ќе речам, ПРИСТОЈНО се справува со проблемите. Зошто само пристојно, а не добро или одлично?! Затоа што е општ впечаток дека се е ставено на грбот на министерот за здравство, Филипче, без конкретни и целосни анализи, за сите аспекти кои пропратно следат, пад на економијата, откази, немање капацитети за справување, замирање на образовниот систем, културата и се останато кое ќе повлече лавина други проблеми. Каде се другите министри од Владата, каде се нивните решенија и мерки?
Потоа следи недисциплината. Не ја гледам активноста на локалната самоуправа. Наместо да прават генерална на автобуските постојки, на улиците и тротоарите, ѓубрето да се чисти со зголемена динамика, утрово нај мене пред зграда забележав преполни контејнери.
Најзагрижен сум за приватниот јавен превоз и дел од такси возилата. Посебно на линиите 9, 19 и 20, кои гравитираат кон северниот дел од Градот, кон Чаир, Топанско Поле, Скопје Север и Шутка. Прво најголемиот дел воопшто и не треба да се дел од сообраќајот. Во нив стока не треба да се превезува, а камо ли луѓе. Зошто таквите возила се уште сообраќаат, треба да кажат надлежните.
Кога сме кај недисциплината, се уште не ми се јасни луѓето, и одредени угостители, локални шерифи, верски лидери и слични кои сакаат да покажат некаков авторитет. Ти им кажуваш дека не смее да се собира народ поради следните причини, тие тераат по свое. За поздравување е приведувањето и кривичната за угостителот од Гостивар. Тврдам дека не е единствен кој тера по свое. Исто така, не сте ми јасни со петочната џума и со неделната богослужба. Не, не сте големи верници, само сте себични и неодговорни. Прав верник се моли било кода, и обредот знае да го изведе и сам. Толку, немам што повеќе да кажам на оваа тема.
Несериозни ми се и ликовите кои велат дека се во изолација а се собираат кај некого дома по 10-15 души и прават „хаус парти“. Треба некој да им покаже во речник што значи изолација. Луѓе, земете читајте, учете, гледајте филмови, гответе, на крајот на краиштата, најдете погоден термин и возете точак, ако е на отворено, издувајте се, но не правете собири на поголема група на луѓе.
Апсолутно свесен сум дека сево ова доколку продолжи и потрае нема да има толку влијание од самиот Корона вирус, колку од домашна нетрпеливост, психички растројства, анксиозност и слично. Не е време ни за паника, ни за драми. Престанете да си ја труете душата со вести и линкови од сомнителни сајтови. Следете ги инструкциите од докторите кои јавно на телевизија ви даваат инструкции како да се постапува, а не од секој лик кој решил нешто да постира на фејсбук и ви кажува да се клукате со лук, кромид, витамин Це, магнезиум, парацетамол, да пиете пет кила вода или било што друго. Главната инструкција е без непотребни контакти со луѓе, без непотребни ракувања, и висок степен на лична хигиена. Тоа е тоа!
Мораме да научиме да почитуваме ред и закон. За тоа зборувам и пишувам со години. Живееме организирано во заедница, во Град. Мора да има ред и закон. Ако нема, анархијата ќе не уништи. Ако сакате да живеете и терате по свое, одете во планина. Секое противење и терање контра од препораките ја загрозува сигурноста и безбедноста на сите, и очигледно ќе мора превентивно да се санкционира со репресија. Не гледам друго чаре.
Изборите се последното нешто на што во моментов треба да се мисли, иако мој личен став е дека целата актуелна власт, со сите нејзини репрезенти, комплет на куп, треба да се казни за се што вети, а не направи, и за се што направи, а беше контра волјата на народот.
Многу позагрижувачко за мене е тоа што дефинитивно оваа година место раст ќе имаме рецесија пред се поради туризмот и транспортот (се надевам дека нема драстично да се наруши и производството и преработувачката индустрија), а ќе има и бројни отпуштања во приватниот сектор. Доколку државата не смисли модалитет како ќе се санираат штетите, ќе ни претстои болен период.
Еден од џокерите лежи во рацете на банките. Народната банка излезе со некакво намалување на каматните стапки од 0.25 %, но сметам дека тоа ни приближно нема да е доволно. Банките пред се треба да направат репрограмирање на актуелните задолжувања на фирмите и станбените кредити кај физичките лица, затоа што за европски рамки тие се нереално големи, а заради тоа кое што ќе следи, ќе се намали и куповната моќ и на граѓаните и на фирмите. Според мене, по паметно е банките да се откажат од дел од профитите, отколку многумина да останат без своите домови и бизниси, а банките да место пари добијат илјадници станови и други објекти и машини, на кои нема да знаат што да им прават.
Државата за почеток МОРА да се откаже од сите хонорарци и времени вработувања, за жал. Од нова година наваму се примија илјадници нови, со желба да ги анимираат како гласачко тело за пред избори. Освен ако не се во здравството или полицијата, или јавни претпријатија како Комунална хигиена или Паркови и зеленило, и секако оперативци, а не администрација, истите се реално прекубројни и за загрозуваат масата на пари која до крајот на годината ќе биде потребна за задоволување на основните потреби. За жал, скоро да сум убеден дека моите „културњаци“ летово ќе извисат со покачувањето на платите. Нивната наивност, ќе им се удри од глава, се така ми се чини. Дај Боже, да грешам.
Искрено се сомневам дека годинава ќе се реализираат предвидените капитални проекти, и дека наместо чекор напред, ќе имаме два чекори назад. Сите најави дека со влезот во НАТО ќе ни тргне, ќе се покаже дека се смешни и нереални. За ЕУ, не сакам да зборувам. ЕУ има проблем со сама себе. Патем, како што гледам 200 респиратори и помош со санитетски возила ќе ни пристигне од КИНА! Да, таа лошата, страшната Кина. Истата Кина со чиј кредит градиме два автопати, кои ЕУ неќеше да ги финансира пошто не биле рентабилни.
Претпоставувам дека сега сум евроскептик, анти не знам што и про руски, про кинески, про турски настроен. Не драги мои, јас сум реалист, и Македонец, кој од кога национално го клекнаа на колена, го фрлија на буништето, да се снаоѓа како знае у умее. И такви, наведнати, понижени, исфрустрирани, си седиме по дома, чекаме да не стигне Короната, а ако не дојде, да потоа се спакуваме и одиме било каде во светот. Само тоа го слушам од сите. Нема човек кој не ми го вели истото.
За крај на ова мое денешно четиво, ќе ви кажам само едно нешто. Мораме да научиме што е ред и поредок, за се’. За пуштање гласна музика, паркирање кола, фрлање ѓубре, за се’. Да се почитуваме. Да престанеме да шириме раздор и омраза. Да стекнеме работни навики. Место да се потсмеваме и ги сопнуваме попаметните и по учените, да ги слушаме, може и нешто ќе научиме. Да заборавиме на себичноста, земете пример од Атиџе, која иако можете земаше само пола мед, затоа што како што вели „и тие треба од нешто да живеат“. Велат секое општество секоја цивилизација доживува свои подеми и падови, Содома и Гомора. Ние сме на дното! Имаме се, сите западни придобивки и направи ги имаме, но сме иструени во душите. Класичен конзумеризам, селски вредности и ниски страсти. Ако не се реформираме и ресетираме, не поработиме на децата, на образованието, на воспитувањето и манирите, а за почеток на нашата ЛИЧНА ХИГИЕНА, готови сме!
Секој нека почне од себе, и нека не гледа што другиот пари, најбитно е да останеме чисти ред нашата совест!
Александар Ристевски