вторник, 14. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Корона во АУТ, УЧК и сеништа на војната ИН

Дефинитивно, не е точно дека луѓето престануваат да ги следат своите соништа бидејќи стареат, туку истите тие стареат токму затоа што престануваат да ги следат своите соништа. И да, ние сме жив доказ дека луѓето/народите не ги живеат своите соништа само затоа што ги живеат своите стравови. A се’ што треба, во вакви моменти, е да се сетите на Гоце Делчев, за што сонувал, со полни гради го живеел и за што загинал. Сонот за МАКЕДОНИЈА...
Корона во АУТ, УЧК и сеништа на војната ИН

Во време кога короната така магично „исчезна“ од Македонија и светот, интегративците на сцена го вратија дезинтегративниот албански национал-шовинизам. По новата нормалност на Заев, оваа е најновата на Ахмети. „Ничим изазваним“ или, и не е баш така? Намириса ли некој заедничка шанса за отелотворување на еден „голем “ сон? Голема/Санстефанска Бугарија, голема Албанија, па и голема Србија. А, пустото, вистината е дека само Македонија била голема, најголема, а се’ друго во споредба со неа е ГОЛЕМА, ама заебанција…

Ок, национализмот и не е така лоша работа. Тој е обичен, најчесто и природен излив на љубов кон своето, исконот, кон татковината. Национал-шовинизмот, пак, е друга димензија. Во моментот, тоа второто го имаме на претек. Пршти и блика. Ама од комшиите. Класика, нели? Интересно, од  две страни на кои со ништо не сме им предизвикале таква бедна потреба, а зулуми ко народ уште помалку сме им правеле. Бугари и Албанци, не сите се разбира, барем официјално адресата е кај врхушката на ДУИ и во уште поофицијална Софија. Или, сепак, има повеќе адреси???

Како и да е, велат, еден сон другиот го остварува. Во таква фаза ли се интегративците на Алија, вљубеници во споменици кои сега гледаат шанса да интегрираат еден дел од Македонија кон големиот им сон? Дај Боже да грешам, ама многу работи наведуваат кон тоа дека некој си Ахмети  го вклучува национал-шовинизмот на најјако, а причините можат да бидат две.

Едната е дека „педагогот“ Алија почувствувал дека „децата“ (читај ГЛАСАЧИ) му вртат грб и му бегаат од ДУИ, па мора да удри со стариот добар рецепт, кој е толку бајат и изветвен. Се вика промовирање големоалбанштина, чин кој во минатото носел гласови и враќал изгубени партиски синови. Овој дел е само евтина фора, стара финта која служи за билдање на партиското конто. Се надевам дека и сега е само тоа во прашање…

Втората опција е многу позабегана за „седокосиот“ (прекар на Ахмети кај електоратот) и поболна за Македонците. Оди кон припојување, „шлепање“  на бугарскиот фејк наратив за негација на македонштината, вековната традиција и ништење на историските врски на домицилниот народ со територијата која некому му е толку мила, ем драга. А се вика Македонија. Не’ плаши ли педагогот со швајцарска дијагноза?

Дали додека едни дечки со турко-монголско потекло (така вели нивниот Славејков) ни го осовременуваат и „апдејтуваат“ сонот на милуваниот им Ванчо Михајлов, кој пустиот уште мнооогу одамна сфатил дека не може да не’ анексираат кон Бугарија, па работел од петни жили за некаква си замислена втора бугарска држава (Македонија) и народ кој е троа поинаков од Бугарите и демек се вика „македонски Бугари“ (оп, еве ја вистината за огромната желба  за влез во Уставот), едни други „комшии“ видоа супер-шанса за остварување на сопствениот, колку и да е забеган сон??? Волкот влакно менува, ама карактер никогаш. Замисли, исто да ти било и со орелот и пердувите…

Во моментот кога ќе помислите дека ова е само една од многуте теории на заговор, само сетете се на „непостоечката и измислена“ ТИРАНСКА ПЛАТФОРМА, со која започна македонската голгота во 2016-та и 2017-та, стартувана со најкорисниот идиот Заев и посетата на Берн, продолжена со Алија на баци рака во Тирана, Еди Д’Рама и останатите изведувачи. Шест години потоа, само химната и знамето останаа исти, а се’ друго што беше планирано и најавено си мина. Променето име, Устав, двојазичност, попис…

Во време кога се формира некаков забеган, владино нарачан и демек македонско-бугарски КЛУБ, кој поради присуството на Бучко и Љубчо од едната „страна“ ги има сите предуслови да се вика БУГАРО-БУГАРСКИ КЛУБ,  се шлепа ли Алија на бугарскиот антимакедонски воз на Радев или паралелно одработува своја, лична агенда во прикаската на разнебитувањето на Македонија каква што ја знаеме. На страна, што МАКЕДОНИЈА веќе шеста година и не е онаква каква што ја знаевме. Ајде, да направием нешто за да не испадне да стане таква што не ќе можеме ни да ја ПРЕПОЗНАЕМЕ.

Да, дај Боже да не е така и да грешам. Би бил најсреќен, иако случајности во политиката не постојат. Тоа е описот на Господовото дејствување. Само, за промена, можеме и малку да престанемеда се крстиме во Бога, да изразуваме револт саде на ФБ и се’ да очекуваме од „божјата рака“. Башка, ниту сме во античка драма, нити пак македонска деус екс макина имаме. Да, можеме и ние да сториме нешто, макар понекогаш, за промена…

Затоа што и ние Македонците имаме еден сон. Ненасилен, чистодушен и едноставен. Сон за една наша, вистинска Македонија. Сон кој полека се губи и извитоперува во измаглицата на гневот, бесот и срамот нанесен од северџаните.

И не, не се виновни само лукративно-опортунистичките суртуци. И да, до нас ќе да е.

Дефинитивно, не е точно дека луѓето престануваат да ги следат своите соништа бидејќи стареат, туку истите тие стареат токму затоа што престануваат да ги следат своите соништа.

И да, ние сме жив доказ дека луѓето/народите не ги живеат своите соништа само затоа што ги живеат своите стравови.

A се’ што треба, во вакви моменти, е да се сетите на Гоце Делчев, за што сонувал, со полни гради го живеел и за што загинал.

Сонот за МАКЕДОНИЈА, кој за нас одамна е јаве, сон за кој некој се жртвувал и умирал, но и јаве кое од нас зависи дали ќе остане такво.

Ајде, да не правиме од готово вересија…