четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Лилипутанците и феноменот на „зеленото џамче“

Лилипутанците и феноменот на „зеленото џамче“

Викинзите крајот на светот го замислувале како момент кога небото ќе им падне врз глава. За Црпковци крајот на светот е кога ќе паднат од власт. Северџански армагедон или поверојатно АРАМгедон, апокалипса при која дилајлите ја губат магијата (читај судство, обвинителство, МВР и тендери) и остануваат она што се. Евтини демагози, политички и национални Лилипутанци, лукративни опортунисти зачинети со троа комплекс на „виша“ вредност и многу ниски страсти. Викинзите сонувале за Валхала, Црпковци за Тендерленд. Сегашна Македонија…

Кај бандата на Црпковци на највисок пиедестал е воршипот или идолатријата кон светото „зелено џамче“. Торжествениот им објект со кој вршат и иницијација на новоцрпнатите им чеда од партијата, а од умешноста во „баратањето“ со него ви зависи и позицијата во црпковската каста. Кој поубаво бричи со „зеленото џамче“, тој е погоре, а ако можеш мижечки – ајт кај црпковските брамани, под итно. Што попослушен кон врховниот муртински Црпко Прима, толку поголеми шанси за успех и кариера. Небото е граница, како што им рече еднаш Шеќеринска на пилотите. Тресна. И замолче…

И затоа, не чудете се што станавме сервилен протекторат во кој премиери на соседни земји патетично телефонски реагираат за скршени џамчиња на киосци, сопственост на од нив платени антимакедонски дејци. Уште помалку, што престолонаследникот на врховниот Црпко падна во транс за истото тоа пукнато џамче во Битола. Од каде да знаеме, па можеби, пустото било зелено??? Па и да не било, тука секогаш е она нивното „зелено џамче“ со кое мајсторски ќе им учинат на дечките од меЏународна и  соседството, па ќе си останат да си владејат. Оти цела комуњарска историја така и само така егзистираат ајваните – забричи ваму, угоди таму, забричи онаму, продај знаме, додај име, брични подолу, смени територијална организација, забричи погоре, прифати двојазиност, искасапи Устав, ресчеречи историја, додај Бугари во Устав, брични десно, откажи се од Македонци во Грција, брични лево, па избриши ги Македонците во Бугарија. Само зеленото џамче да „игра“ и да не застанува. И си владејат пустите…

И така, Таче стана брачен советник. Маестрално достигнување на северџанската дипломатија. Нејсе што ова е негов несебичен влог во новата кариера по премиерската, незаслужена позиција на која дури и кумановски Ќуран знае дека кусо ќе остане. А кој си има занает, нема гајле, злато е тоа, велат старите. Така, Ковачевски по решавањето на брачните проблеми на битолската бугаро-македонска раскарана двојка, влегува со голем успех и топ CV во светот на брачните советници. Велат, Заев му спремал советнички „офис“ во „Глобал“. Во знак на благодарност што му ускокна кога најмногу му требаше, до офисот ќе имало и хидрант за гаснење пожари…

И додека поради лудата цена на горивата Македонците беќари почнаа сериозно да си бараат девојки од маало, во 22-та година од 21-от век Црпковци за државен празник го прогласија денот кога авион слетал од Софија во Скопје. Невиден успех, ново чудо на Заевци. Патетиката да биде поголема, токму Гуливер ги „возеше“ македонските политички и национални Лилипутанци. Можеби, пак, Лилипутанците на Заев не ни чуле дека првиот лет над Атлантикот е изведен уште во 1919-та година, но „кратењето“ на ТРИЧАСОВНА „вожња“ со автомобил на 40-минутен лет до истата дестинација СКОПЈЕ – СОФИЈА, со вкупно ТРИЧАСОВЕН лет кој заедно со доаѓање до аеродром, половина или цел час минимум пред летот, полетување, слетување и процедурата по него (три часа НАЈминимум) е неверојатен успех за следбениците на ликот и злоделото на ЗЗ. 170 км воздушна линија, 270 км со автомобил. Во најава е и следна трогателна и срцепарателна авио-дестинација од 72 км, ДЕЛЧЕВО-БЛАГОЕВГРАД. И за неа ќе следува срцепарателна Лилипутанска журка до зори, со фанфари и задолжителната и неодминлива медиумска помпа. Мал чекор за човештвото, огромен за Црпковци и армијата Лилипутанци од владата. Непребол…