сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Македонија – Голи Оток за Македонците

Македонија – Голи Оток за Македонците

Тешко се движи проколнатиот “Пунат” кон крајната дестинација Голи Оток. Тажното брчење на моторите успева да го заглуши силниот молк на Македонците кои врзани еден за друг,патуваат во непозната немилост, за која до сега само слушале, неверувајќи дека ќе им се случи токму ним. Гревовите со кои го заслужија својот Голи Оток се страшни и загрижувачки опасни за северното невреме што ги зафатило…

Овој овде има смртен грев, мисли дека македонскиот јазик е засебна лингвистичка категорија, различна од јазикот што го говорат србите и бугарите, па затоа и казната “превоспитување со тешка северноопштествена работа” му е толку висока. Онаа онаму пак замислите се осмелила да заигра по македонски , да си ја пушти душата и да запее по Македонски…Однесете ја на голиот остров, убијте и го телото, за да и го скршите духот па така беззаба и со потечен јазик никогаш да не пушти вик ниту сличен на Македонска песна !!! Се движи жалниот “Пунат” кон својата крајна дестинација, импровизираното пристаниште во една Голооточка увала…Страшните гласови на чуварите пробиваат до подпалубјето кое веќе мириса на ужасен неспокој..

Излегувајте надвор ! Бандо Македонска ! Овде ќе заборавите се’ ! Вашите имиња, презимиња, вашето потекло, ќе ги заборавите вашите баби и дедовци, вашите песни, вашите ора и имињата на вашите деца !

Ќе останете овде, се’ додека не го ревидирате вашиот ум што не прифаќа географски одредби и кому му смета мразот насобран околу северот во името ! Ќе останете овде се’ додека сметате дека постоите, се додека со лопата не ги самозакопате сеќавањата, знамињата, љубовта и татковината како да никогаш сте ја немале ! Готово е со родендените,имендените, светиите на кои им се молевте и храмовите и иконите што ги целивавте ! Наредбата е да заборавите ! Само така ќе преживеете и живи ќе куртулите !

Ти, како ти е името ? Миле… Спире…Трајко…
Си бил во Македонија на 27-ми велиш. Виновен си! Ќе трулиш! Ќе те дробиме до смрт! Наш суд ќе ти пресуди, наш сведок ќе те обвини. Не е важна вистината, важно е ти да трулиш.

Километарски “Шпалир” од отсутни погледи на луѓе кои му ја продале душата на нечистиот, се испружил до недоглед, за да ги “пречека” Македонците на својата новосоздадена “Виа Долороса”, кон уште еден Голи Оток кој треба да се преживее. Светнуваат шлаканици, боксови и клоци кон проколнатиците кои никако да се откажат од себе си. Искршени аркади и исплукани заби отскокнуваат по вжештената патека по која се движат Македонците. Благодарение на новите “Неразбрани трговци” едни Македонци повторно убиваат Македонци, овојпат за Северна Македонија. Проникливоста на Панко Брашнаров и дескриптивната моќ на Венко Марковски исто така жртви на еден од минатите Голи Отоци, се немоќни да и дадат смисол на братоубиствената бесмисленост што завладеала денес во Македонија…

Само полињата со марихуана мирно се лелеат на ветрот…