недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Место европеизација, евро скептицизам!

Место европеизација, евро скептицизам!

На моменти имам впечаток дека концептот за Обединета Европа, е закочен токму од самата Европа. Не знам инаку како да ги протолкувам добар дел од нивните постапки, посебно оние кои се однесуваат на проширувањето на ЕУ, интеграцијата на Македонија , но и севкупниот Западен Балкан.

Првото нешто во кое Европа, но делумно и САД, потфрлија е самиот начин на решавањето на спорот со Грција. Ова, кое предавничката квинслишка влада на Заев го потпиша, е нешто кое делумно ги задоволи хировите и апетитите на Грција, но повампири некои други кои токму сега ги чувствуваме.

Во ниту еден случај компромисот не смееше да биде било каква придавка на зборот Македонија пред името, туку единствено со објаснување во уредувањето на државата или додавка по зборот Македонија. Да се разбереме, јас цврсто стојам зад ставот дека промена на име на држава под притисок на соседна земја е невидена репресија и фашизам, но доколку било што се потпишеше и договореше, ова што ни се наметна не смееше да биде опцијата, во ниеден случај.

И што добивме? Наметната буква Н пред името, идентитетот, регистарските табли. Го изгубивме она чистото Македонец, сега сите помали етнички заедници се повикуваат на своите народи и нации, а нам срамно ни стои она „Граѓани на Република Северна Македонија“.

Не осакатија и јазично и историски, и системски, и секако.  И што сега? Тој процес нема крај. Сега  имаме една апартхејд ситуација во државата, една своевидна репресија и политичка мајоризација врз Македонците. Фиктивно и козметичко е влијанието на мнозинската владина партија, која дава буквално се за да купи уште некој ден на власт, трудејќи се да исполни буквално се што ветила дека ќе направи, а истовремено го уништува целиот систем со своите чекори и постапки.

Апсолутно ништо не е направено за да добиеме функционална држава. Се уште има страшна политизација и партизација на се, посебно на државните и јавните установи. Се уште има илјадници фиктивни вработени. Нема значајни инвестиции во многу сектори. Културата доби само зголемени плати, но без надополнување на упразнетите битни места, со вработување на непотребни кадри, а со скратена проектна програма и без развој. Здравство пред колапс, образование поделено и јазично и етнички, како никогаш до сега. Земјоделие на колена, со празни села, празни ниви, а субвенции според матни критериуми. Фиктивни мерки во екологијата (како оние со кесите), а се контаминираат и водите, и почвата, и воздухот.

Битно некој со време си ги смени политичките бои во зелено, па сфаќаме дека само намирисале каде се парите, а не дека нешто ќе се среди.

Е оваа мутава, неспособна и корумпирана структура, која безидејно владее, Европа ја поддржа и одбра. Структура која нема поддршка од мнозинството граѓани, која не може да се појави дури ни пред сопствените гласачи. Структура која дојде на власт со своевиден државен удар и политички пресврт, а си обезбеди некој минорен легитимитет на матни и сомнителни избори среде лето и среде пандемија, со постапки предизборни, исти такви поради кои поранешните носители на јавни функции беа прогонувани и судени.

Следствено на тоа Европа и не смее да биде зачудена што прв пат во триесет години поддршката за неа под 50%. Овие бројки се само почеток на негативниот тренд кој сами го предизвикаа, и кој во периодот кој следи вртоглаво ќе оди обратно од посакуваните бројки.

Се сеќавам на години кога поддршка за ЕУ беше 90%. Дури и при промена на претходната владејачка структура, беше околу 80%. Колку од се му се има згадено на народот, штом поддршката сигна на само 49%, а загрижена треба да е токму Европската унија. Нејзините пулени си владеат, потпишуваат се што им се бара, и тераат по свое.

А народот гледа! Народот неќе да биде рекетиран, уценуван, заплашуван. Народот неќе да поради критички зборови кон една целосно неспособна структура, биде прераспределуван, уназадуван и потценуван на работното место. Народот молчи и им го собира. Колку што афери излегоа овие неколку години за криминали, пропусти и проневери, немало од ‘91 навака, иако се уште се форсира тезата дека секоја претходна влада била полоша, праксата покажува обратно.

Отворете дел од фејсбук групи и страници околу работа во странство. Народот се помага и бара чаре. Се евакуира во странство и не бира начин тоа да го стори. Фиктивно се мажат, женат, даваат искази и изјави за да си обезбедат подобар живот. Најлесното решение е: Пиши се Бугарин!

Токму затоа одамна велам дека во Македонија да се биде Бугарин е или професија или дијагноза (сo цела должна почит кон оние кои се дел на бугарскиот народ во Македонија). Токму затоа е онаа дискрапанца во бројките помеѓу оние кое се чувствуваат како такви, и оние кои имаат документи. Нема тука дискриминација, само личен интерес и спас од власта која  Европа ја аминува.

Доколку самата Европска унија, но и Велика Британија и САД, не решат да дозволат народот самостојно да одлучува кој ќе ги води, дополнително ќе тонеме, а Македонија ќе стане една флека во Европа, која ќе биде дувло на криминал и корупција, загрозувајќи ја стабилноста на целиот регион. Цела оваа структура на СДС и ДУИ, заедно се еден куп политички привезоци, а општествени маргиналци, за вратија земјата дваесет години назад. Фиктивниот раст на платите не покажува колку е намалена куповната моќ и квалитетот на живеење.

Жално е кога ги гледате една Алијанса на Албанците и Алтернатива како погазуваат се во кое веруваат и се залагаат, за да нели, наводно влегуваат во Влада заради евро интегративниот процес, кога всушност само гледате гладни луѓе, желни за власт, макар било тоа година две, надевајќи се дека на брзина нешто ќе наплатат, вдомат, ќарат. Сами се доведуваат во ситуација да бидат обичен приврзок на ДУИ, по што секако, токму тие ќе бидат оние кои ќе станат политички маргиналци, како што тоа беше случај со ПДП, ДПА, НДП и еден куп други партии. Се разбира, се на штета на интересите на македонските Албанци, на обичниот народ.

Европо, со овие ликови и во централната, и во законодавната, и посебно во судската власт, напред нема! Овие нема да не свесат никаде, никогаш! Колку побргу го воочите и вие тоа, толку подобро!

И да, сите оние кои ви се претставуваат како вредни, успешни и способни, со кои се сликате и смешкате, прашање е на време кога ќе им излезе „црното под ноктите“, па ќе почнете и вие да бришете слики или срамите од контекстот во кој ве спојувале.

На Македонија и треба реална евро интеграција. Со вредности, критериуми, стандарди, со правилна селекција и со среднорочни и долгорочни планови, а не ден за ден. На Македонија и требаат вистински родољуби и патриоти, идеалисти и професионалци, а не клиентелисти, полтрони и северџани!

Од авион се гледа инженерингот, и околу тоа кога ќе бидат следните парламентарни, и за тоа како да се избере претседател. Ништо не се стори ни околу изборниот модел, нешто за кои уште пред три години пишував и тоа со конкретни предлози и идеи, кои се во интерес на народот, а не на политичките елити, кои и да се.

Ќе се издржи и ова! Македонецот трпел се и сешто со векови, па научил да се адаптира, прилагоди и опстане. Македонија била и ќе биде!

 

Александар Ристевски