четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

МОЈОТ БРЕНД Е МАКЕДОНИЈА

МОЈОТ БРЕНД Е МАКЕДОНИЈА

Деновиве повторно стана актуелно брендираното однесување на поединци од власта. Шалот на Мила кој чини повеќе од нечива месечна плата беше само еден клик на нејзината ароганција и надменост кон оние за кои таа е назначена да биде министерка. Додека наставниците и професорите мака мачат во фаќањето чекор со нејзините реформи во образованието и се во неизвесност до кога ќе бидат на платните списоци во образовните институции, додека учениците и студентите не можат да се снајдат во нејзиното далечинско учење, додека нивните родители се чудат од каде толку „иновативност“ кај неа, Мила обвиена со Гучи мува не ја лази и стои цврсто на ставот дека нејзиниот план ќе почне да се реализира од 1-ви септември оваа година.

Не така одамна, и надмената Радмила знаеше да се истакне со нејзините брендирани парчиња облека или очила, за сметка на руинираната ни Армија, а пред тоа и за сметка на неизодениот европски пат со нејзините брендирани чевли.

Народот во Македонија едвај врзува крај со крај од првиот до последниот ден во месецот, но затоа Мила и Радмила се тука со нивните елегантни и грациозни појави, да ги засенат латиците на облеките, да го потценат скромниот живот на своите граѓани и да покажат како се тие модни икони на македонската политичка сцена.

Бадниковата вечера некои ја поминаа навистина посно, во согласност со традициите, но и во согласност со можностите. Постат луѓето на Македонија, не само за Бадник Македонците, туку и секој ден Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Црногорците и Бошњаците. Постат, зашто животот им стана преживување, а надежта последна опомена дека оваа власт ја премина секоја мерка на сочувство и емпатија кон ближните.

Филипче гради хациенди, а пациентите се лечат во субстандардни услови. Некои од нив остануваат оштетени за цел живот, без притоа никој да одговара или Филипче да покрене иницијатива за тоа. Некои завршија фатално, но затоа Филипче продолжува со неговата агенда на ветување фрижидери без вакцини и соопштување прво на бројките на оздравени, а потоа на бројките на починати од корона-вирусот.

Не така одамна беше и газењето по црвениот тепих од страна на Николовски, тогаш министер за земјоделие, а сега вицепремиер за борба против корупцијата. Земјоделието го „оправи“, па сега се зафати и со корупцијата. И, замислете, оваа година ја прогласи за година без корупција. А, претходните „беа“ години на економијата и на човечкиот капитал, се сеќавате?

Можам уште многумина да набројувам со нивните брендови и манири на искомплексирано однесување и стилизирано облекување. Можам уште толку примери да давам како оваа власт се издигна во облаците, газејќи по маките на сопствениот народ и истовремено ветувајќи му мед и млеко. После четири години на вакво однесување, народот на Македонија остана со своите пусти маки и разочарувања. Оние, на кои им беа доделени ваучери, веќе одамна истите ги истрошија. Приватните бизнисмени во голем број ги затвараат своите фирми, нивните вработени остануваат без работа. Земјоделците не знаат што да прават со нивните мачно сработени производи. Пензионерите не веруваат дека нивните пензии се зголемени за фантастични 130 денари. Веќе и не се зборува за 100-те илјади денари плата на докторите, ниту за 500-те евра просечна плата.

Во меѓувреме, се раскрчмува и она што остана од нашата Македонија. Нашите соседи си тријат раце од успешните договори за нив, а нашите брендирани властодршци со нивната вештачка насмевка се’уште не’ убедуваат дека се на прав пат. Правиот пат е само за нив, а никако за Македонија. Правиот пат е за нивните џебови и семејни фирми, а никако за народот на Македонија. Тој се’ повеќе осиромашува, како во новчаниците, така и во духот. Е, тоа е и последната агенда на оваа власт – да го ослабне духот на Македонецот. Зашто, само така смета дека ќе успее во нејзината крајна цел. Но, не знае власта дека духот на Македонецот не е бренд и дека тој не се купува со стотици и илјадници евра, а уште помалку со мизерни ваучери. Духот на Македонецот е Македонија. Духот на Македонецот е македонската земја и култура, македонската историја и традиција. Духот на Македонецот е во неговата издржливост кога е најтешко. Тој не се крши така лесно и евтино. Можеби е сега ослабнат, но знае да се издигне над сите кризи и предизвици. Знае да никне од пепелта и да се исправи, кога најмалку се очекува.

Затоа, нека продолжи само вака власта. Нека се брендира и ашикува на сметка на народот, ама истиот тој народ знае да се охрабри и знае да се спротивстави на овие понижувања во континуитет. Тоа веќе се чувствува и гледа, само некој не сака да види или не може, од преголемата доза на самобендисаност. Додека некој, со брендот на себе, мисли дека е многу возвишен и попаметен од оној до и околу него, тој до него има само еден бренд на и во себе, а тоа е Македонија. Брендот Македонија е во секој чесен и напатен Македонец. Токму тој бренд нема цена и ќе ги сруши брендираниве властодршци. Доаѓа денот кога тие ќе останат со брендираните алишта на нив, ама и денот кога за сето ова ќе одговараат.

Дафина Стојаноска – пратеничка