Денес е денот, кога се празнуваат Светите бессребреници – браќата Кузман и Дамјан. Денес е Денот на докторите. Денес е и Светскиот ден на дијабетесот.
Се прашувам: дали и колку Македонија е посветена на македонските доктори?!? Дали и колку Македонија им оддава почит и признание за нивната улога во општеството?!? Дали и колку докторите во Македонија заслужиле вакво невнимание и непочит од страна на здравствените актуелни власти?!?
Пред 34 месеци сите „паднавме“ во рацете на овие луѓе. 34 месеци потоа Македонија остана на врвот по бројот на починати од ковид-19 (околу 10.000 починати лица). И, оваа висока бројка не се препишува на докторската негрижа, туку на распаднатиот здравствен македонски систем. Пред некој ден и од устата на премиерот излезе изјава дека системот не ни функционира. А, кој е виновен за ова?!? Докторите, секако дека не. Ги впуштивме голораки во војна со непознат противник. Многу од нив и починаа. Многу од нив и ден денес живеат со траумите од оваа „војна“. Многу од нив, заедно со останатиот здравствен персонал, веројатно се чудат кога слушаат ваква очајничка изјава од првиот – одговорен за распаднатото ни здравство. Министрите се менуваат, ама останува системот, да сведочи за комплетната негрижа. А, ветуваа бесплатно ЕУ здравство, ветуваа 100.000 денари плата за специјалистите, ветуваа и ваучери за сите вработени на инфективните клиники и оддели ширум Македонија.
Гостиварските и струмичките инфективни одделенија до ден денес ги немаат добиено ветените ваучери. И, не се работи само за парите, кои денес веќе ја имаат изгубено нивната вредност. Се работи за манипулацијата со нивната жртва и хуманост. Се работи за тотално изневерување на нивните вистински вредности.
Што се однесува до условите во јавното здравство, за нив се потребни минимум 100 колумни, како би можело да се опише катастрофалната средина за работа на луѓето кои минимум 10 години посветиле за нивното школување. Условите во кои тие работат, како и услугите кои ги импровизираат кон пациентите, се слика на децениската запоставеност на здравството, но оваа запоставеност достигна кулминација последниве пет години. За жал, во овој период ни се случи и ковид – пандемијата, кога најсурово сите се соочивме со уште посуровата реалност.
Затоа, кога доаѓа ваков Ден и кога истиот треба да им се посвети на вистинските херои, треба најмалку да ни биде срам за се’ што можевме, а што не направивме. Напредокот и успешноста на една држава секогаш се гледа и низ призма на организираниот здравствен систем. Кај нас не можеме да се пофалиме на оваа тема, како и на никоја друга. Кај нас чекалните по здравствените установи наликуваат на запуштени депонии. Кај нас ординациите се импровизирани, а пациентите крајно изреволтирани и бесни. Најболното е што својот бес го истураат врз здравствениот персонал. Да, можеби има и таков кој заслужил да добие критика, но најголемата критика за ваквите услови треба да оди до здравствените власти. Да, можеби и има персонал кој дополнително наплаќа за услугите, но и за ова треба сите да се замислиме која е причината?!? Дали, доколку здравствениот персонал е реално платен и уважен, ќе помисли на вакво нешто?!? И дали, пациентот ќе биде приморан да дава мито и да молчи, доколку верува дека има институција која би го заштитила, доколку реагира?!? Сите теории кај нас се, не помешани, туку испревртени. Кај нас и чуварот на болницата може да ви наплати, за да ве однесе преку ред кај докторот. Кај нас и најитната операција во јавното здравство може да се наплати, за да се изврши веднаш. Кај нас Хипократ одамна виси само на ѕидовите, а пајажината врз него ги има заматено сите негови постулати. Кај нас Хипократ одамна е заборавен, со секоја чест на исклучоците.
Македонија не смее да ги заборави докторите. Македонија мора да ги задржи во Македонија. Македонија треба најитно да превземе тотална реорганизација на македонското здравство, започнувајќи од средното образование, преку високото, до постдипломските едукации и специјализации. Македонија има кадар, ама нема интерес. И, кога овде ја именувам Македонија, денес најмногу мислам и прст вперувам во актуелната власт. Ветуваше многу, а не реализираше ништо. Остана на првата предизборна програма од 2016-та и до ден денес каска меѓу последните во светот. Барем во здравството можеше да се докаже и покаже. За жал, здравството за актуелната власт беше само одлична можност за огромна заработка на поединци и нивните пријателски фирми. Заработка, на сметка на нечиво здравје, па дури и живот. Ги испонижи докторите, ама и сите пациенти, а со тоа и сите граѓани.
Време е за нова здравствена власт и за нова извршна власт. Власт, која конечно ќе изгради нов Клинички центар. Власт, која акцент ќе стави прво врз јавното здравство. И, конечно, власт која ќе ги вреднува и исплаќа докторите според нивната вредност и заслуга, а ги имаат премногу. Едноставно, докторската грижа нема цена, но кај нас не е ниту бесценета, ниту преценета, туку е на маргините на опстанокот. Да го сопреме извозот на наши квалитетни доктори и да започнеме со најголемата реформа во Македонија, а таа е здравствената. Колку побрзо ова се случи, толку поскоро и ќе станеме рамноправни аспиранти за влез во ЕУ. Ова ќе се случи единствено и само со промена на оваа досега најкорумпирана власт, особено во делот на здравството.
Нека е честит Св. Козма и Дамјан на македонските херои и нека секој ден за нив биде Ден на нивна гордост (затоа што има луѓе кои се’ уште ја ценат нивната жртва) и пркос (кон сите нивни дисквалификации и омаловажувања)! Вие не смеете да бидете заборавени и затоа овој тежок период уважете го како една тешка битка во вашата долга и хумана борба. Борбата за квалитетно здравство мора да заврши со победа.
Дафина Стојаноска – пратеничка