понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

На север ништо ново

На север ништо ново

Таљо пак го прегази Уставот. Вредностите се’ уште се маана. Црпко повторно тресе зелени и се прави паметен. Стево Стокиќ и натаму мавта со рачињата кога зборува како да ја презентира карате катата Хејан Шодан. Власта тера бизнис со националните одредници, народот осиромашува. Алија си го трие мешето од рушвет. Македонците и натаму повраќаат кога ќе чујат северна…

Да, на север ништо ново…

Дефинитивно, цели пет години како маѓепсани зомбија тапкаме во место во еден волшебен круг во кој благодарение на услужноста, сервилноста и исполнителноста кон интересите на поголемите и посилните, една банда корисни идиоти непречено си владее и прави антимакедонски зулум по зулум.

Отфрлањето на иницијативата за Референдум против бугарскиот диктат наречен „договор“ е само последната капка во поплавата на ненародни дејанија на Заевци. Да, Заевци затоа што Таче е само избраник и алатка на Црпко, кој сега навистина успеја во животот. Она, кога истовремено можеш да уживкаш на грчка плажа, да продаваш македонски интереси на Бугари и да им удоволуваш на Албанци од тендер-коалиција. Полна муртинска капа и невиден успех. Грејт сексес, што би рекол Борат…

Ова „дежа ви“ чувство на веќе видено не е така случајно. Го гледаме и според соседите. Една Албанија и Бугарија за кои до неодамна бевме „закон“ на секое можно поле сега се далеку подобри од нас. Се’ се менува и оди на подобро, само Македонија со Црпковци тапка во место, небаре заглавена на временската скала со муртински супер-лепак. Само кај и за нас не важи „панта реи“. Секаде, се’ тече и се менува, само ние 5 лета левитираме и стоиме во место на сите полиња, одвреме навреме и назадувајќи.

И додека Македонија го игра „Тешкото“, со сета симболика на спорите движења на играорците, севeрната владејачка болумента постојано ја игра улогата на успешен социјален редуктор и дополнителен успорувач на општествените, политичките, економските и политичките раздвижувања, анатемисувајќи, исмејувајќи и минирајќи се’ што е прогресивно, национално и со идеи и ентузијазам за работа и поместување на умртвеното македонско општество.

Земјата во која само диазепамот и алкохолните пијалаци не доживеаја ценовен скок до небо, почва на која најдобро виреат рамнодушноста, апатијата и фејсбук патриотизмот. Држава во која власта секојдневно поднесува курбан на олтарот на новокомпонираното божество наречено Бојкот. Ок, и Мамон им е на цена…

Вистинското прашање е до кога во земјата во која пример за успешен човек е измамникот со IQ33, Црпко Минхаузен, и која толку многу го „зацементира“ идентитетот што забранува користење на МАКЕДОНИЈА во името на здруженија, фирми и организации, до кога народот ќе ги трпи овие неолиберални глупоштии и повраќаници, сервирани и испрани од пропагандната машинерија и армијата лукративни новинарчиња и аналитичари „на копче“?

Референдумот, и покрај сите маани и наспрема сета скепса и отпор на негативците на кои им „легнаа“ бојкотот и фејсбукот, беше одлична, нова шанса за анимирање на македонската јавност, за раздвижување на заспаното, дрогирано општество, за будење на македонштината врз која суртуците од паралелниот универзум и имагинарен северџганистан постојано се изживуваат и ја уништуваат.

И сега? Среќни ли се оние кои беа против Референдумот? Им се погоди ли Таљо? Ќе се вратат ли пак на омилената летаргија и УПМ штракањето по ФБ, со лезет залегнати во удобните фотелји пред компјутерот, навикнати да плукаат по се’ живо и диво?

Како и секаде, така и на Референдумот требаше да не’ има за да не не’ снема. Последните злодејанија не помагаат во оваа битка. Особено во земја во која нема иницијатива ни за лек, а секоја идеја и иницијатива за што било е повеќе од добредојдена. Оти, да не се лажеме, доста беше лелекање по дома, силење и јадење бубрези по анти/социјални мрежи, кои во реалноста завршуваат со сентенцата „Ајде да бегаме, тие се двајца, а ние сме сами!!“

Констелациите на светската моќ се менуваат, секојдневно, со секој минат час се преобликува целиот свет. Она што вчера било на цена, денеска е за бадијала, слично ко риговите за копање биткоини. На цена се’ повеќе е националното, суверенитетот, своето. На страна што со оваа неспособна сурија не очекува национална, енергетска, здравствена, образовна и економска нај-бездна. Затоа, ајде,  да не дозволиме заглавени во временскиот континиум со временската машина на бандата на Црпко само ние да му контрираме на светот.

Во спротивно, останавме без историја, без јазик, без револуционери, дејци и светци. Останавме без Македонија. Ова не се фрази, затоа што полека, но сигурно, црните сценарија стануваат грдо, македонско јаве.

Време е за револт, за акција, конкретна и мобилна, изворна и семакедонска. Каква и да е. Време за будење. Крајно…

А, можеби, вистинската порака за нас и за нив е во „Песна“ на Конески.

О, пеј ми, пеј ми!
Каква песна!
За едно пее,
за друго збори:
„Се’ што си рекол,
се’ што си сторил,
случајно не е,
простено не е.”