Навистина не можам да го сфатам однесувањето на функционерите и политичарите кога во обид политички да поентираат, го малтретираат народот!
Нај актуелно е ова со градскиот превоз во Скопје. Имало бомба подметната, па ќе штрајкувале, Владата презела обврска за учениците, па не плаќа заостанати побарувања… Си се местат меѓу себе, се роварат и си прават опструкции, а жртва е народот. А бе, несреќи едни, знаете ли како е на сабајле да во паника народ врти телефони по познати, по такси компании, и шпарта со километри пешки за да стигне на работа? Ви се случило ли вас лично тоа? Обичен работен народ ли ќе малтретирате? Како не ви е срам!?
Поздрав и до новиве испорачувачи на топлинска енергија „ЕВН не знам какво“! Здрави ли сте со малтретирањево? Сите 60.000 корисници да дојделе да потпишуваат нови договори во три пункта во цел град. Што ви е бе вам? Мислите дека светот околу вас се врти, дека народ нема што да прави во животот, па ќе се мава по пунктови и шалтери? Оној „лепотанот“ од Регулаторна рече сметките се зголемени за 14%. Зошто тогаш мојата сметка е поголема за 25%,а парното е ладно, поточно млако, само два три саати наутро? Ама навистина не ми е гајле што правите, како правите. Престанете да тормозите народ. Сметките редовно ви се плаќаат, какви и да ги пратите, испорачајте топлина и не замарајте со задачи и задолженија.
Навистина никој не го интересира за вашите функционерски маки, проблеми, предизвици. Избрани сте за да се справите со нив. И локална и централна власт. Ако не сте кадарни,одете си. Кукање и плачење, дома! Ако некој ваш претходник крадел, злоупотребил, оштетил, ревизија и документите до обвинителство, или вие со пријава по службена должност. Станува смешно да се слушаат само јавни напади, а нема завршница.
Треба да сфатите дека народ не ви верува. Јас не можам да сфатам некој толку цврсто да се бори за столче во моменти кога ништо не му поаѓа од рака. Ова пред се го мислам за централната власт, но и за дел од „локалците“. Оние кои ги бива молчат, работат и испорачуваат резултати. Другите плачат, се местат и не знаат ни самите каде тераат.
Секојдневно најголемата опозициска партија излегува со податоци за непотизам, проневери, неправилности во работењето, распродавање на националните добра и ресурси, а Собранието е целосно парализирано, и добро е што е така, во спротивност ќе се продадеше и отуѓеше се живо. Дали сте виделе колку Македонија е задолжена во изминатите 5-6 години? Ајде сега кажете ми што ново е изградено? Речиси се што се испромовира, е направено или беше во завршна фаза од претходната структура. Оваа лошата, нели, што не чинеше!
За крај и збор два за одговорноста. Секој пат кога јавно ќе се изнесе црно на бело како некој директор или функционер прави злоупотреба, еден куп луѓе почнуваат со битка етничка, партиска, професионална , стручна и се случува целосна делба на два табори, за и против. Дали новинарот или редакцијата чини или не чини, дали оној кој ја прави злоупотребата е крив или не. Па драми, лелекање, па вадење дипломи, „лајф стори“, гарантирање за кредибилитетот, така до бескрај.
Драги мои, злоупотреба на службена должност нема врска ниту со стручност, ниту со етничка, полова, партиска или верска припадност. Има со тоа дали правите злоупотреба, која е против законска, или не. Дури и да е законски покриена, доколку е неетичка, не принципиелна, исто така се сноси одговорност.
Законите се јасни, и МОРА да важат за сите исто и еднакво. Да си исплаќаш сам себе пари, да трошиш јавни средства за хирови и кафани, да користиш службено возило приватно и вон работно време, па плаќаш на блиски лица, пријатели и роднини, да трошиш без тендер, да пренаменуваш средства без причина, да трошиш на разни хонорари и договори итн, се само дел од она што во секоја втора установа е секојдневие. Затоа што, доколку сме функционална држава, а некој законски определил што може и смее, а што не, секое прекршување треба да се санкционира, и да се поднесе одговорност. Тоа во никој случај не значи дека некој ја доведува нечија стручност и компетентност во прашање, или му води хајка по било која основа. Едноставно не секој кој е стручен или професионалец е добар менаџер.
Денес , како никогаш до сега имаме лоши менаџери, кои својот лош менаџмент го покриваат со интензивен пи ар и со куртоазна слаткоречивост. Од надвор мед и млеко, од внатре мувла и скапано.
Народот ќе мора да престане да молчи и преќутува кога го газат и кога едноставно оние кои треба да му го олеснат животот му го загорчуваат. Контролните механизми во државата ќе мора да покажат дека се токму тоа за кое постојат, контрола и квалитет на работењето и почитување на стандардите. За жал, имам впечаток дека е е на пријателска основа, конекции, врски, лобирање, и покривање на едни со други. Тоа е добро за личен интерес на поединци, но е лошо за државата.
А државата тоне. Се помалку деца, а младите се селат. Не дозволуваат медиокритети и хиени да им кажуваат како треба и не треба.
Да видиме до кога обичниот човек ќе биде монета за поткусурување на големците.
Александар Ристевски