петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Народот плаќа за грешките на неспособните! Одговорност кога?

Народот плаќа за грешките на неспособните! Одговорност кога?

Дали некогаш некој политичар ќе сноси одговорност за неговите постапки? Постојано кога некоја политичка структура ќе се смени, имаме ситуации кога бројни проекти кое се почнати остануваат на забот на времето, на ниво на карабини или недовршени.

Колку објекти од културата, образованието, здравството се почнати од еве шест години останаа нечепнати? Зградите на ФИНКИ и на Факултетот за спорт на Бит пазар, како и спортската сала зад комплексот факултети. Свети Климентовиот Универзитет во Охрид со сите останати објекти. Театарот во Струмица. Клиничката болница во Штип. Болницата во Кичево. Турскиот театар во Скопје. Спомен куќата на Лазар Личеноски. Скопското Кале и музејските објекти на него. Ова е само мал дел од она за кое ми текнува во моментов, а ги има можеби уште пет пати повеќе.

Што да се каже за објектите кои воопшто не се градат или беа сосечени од старт или откажани, иако план и процедура за нивна изградба имаше? Со одлука на Влада се укина изградбата на нов објект за Националната галерија на Македонија. Се откажа изградбата на нов објект на Драмски театар со завршена постапка и обезбедени пари, и некој се задоволи со крпење на кровот. Нема и нов објект за Театар Комедија. Нов објект за Театар во Прилеп. Нема нов центар за култура во Охрид. И нај ударното, откажувањето на градење на централниот објект на Клиничкиот центар. Објект со готов проект, готов тендер, обезбедени пари, расчистен простор, и овие неспособниве го откажаа. Замислете сега можевме да имаме топ класа интегрирана клиничка болница, меѓу себе поврзана со топли ходници со Гинекологија, Хирургија и уште две три клиники. Одделно ќе беше само инфективна и една две други. Од другите објекти ќе немаше потреба и ќе можеше просторот да се расчисти, да има и повеќе зеленило и паркинг простор, а актуелниот објект ќе имаше и многу подземно паркираше и хелиодром на кровот. Плус со парите со кои ќе го градевме пред 5-6 години, денес не можеме да го направиме ниту до пола.

И што добивме за возврат? Добивме асфалтиран паркинг со кој Шилегов се гордеел како врвно достигнување. Нова болница нема, објектите се крпат и пак се кочина, народот страда и се шета па паркинзите и улиците во Клинички. Згора на ето тоа, фирмата на која и беше раскинат договорот сега тужи и си бара оштета, и ќе наплати милионски пенали. Сега читаме дека Италијанците ќе лапнат 20 милиони евра на име пенали. Зошто? Поради нечија суета, поради нечиј хир. Класичен идиотизам и деструкција. Дали и кој ќе одговара за овие постапки? Кои се можностите тие носители на јавни функции кои ги направиле овие непромислени чекори кои се на штета на народот и државата, да одговараат?

Ако паметите, сличното се случуваше и со одредени патни правци или автопати. Пат речиси готов, па чекаат година, две, па го пуштаат како тие да го направиле, плус сатанизирајќи ги другите дека лошо го правеле па овие како оправале. Или изговор за анекси на договорот, за да има од каде да се „закрпи“. Трошиме ко луди, одговорност нема. Срамота!

Ова не е прв пат да плаќаме за нечии штетни договори. Одговорноста мора да се лоцира. Таа има и датум и име. Се додека се проаѓа туку така, нема напредок. Нема ни ЕУ, ни држава, ни систем, ни подобар стандард. Ќе си останеме балканска баруштија, и сите ќе си подигруваат со нас.

* * *

За крај, поздрав голем од генијалците во ЕВН. Имавме проблем со струјата во зградата пред празниците. Барав контакт за да се јавам и да пријавам дефект. Бројот е со префикс „0890“. Се јавив, ми пуштија музика, дремев на линија повеќе од 5 минути, не добив никого и на крајот спуштив. Ми дојде известување дека ми наплатиле 43 денари. Браво бабуши. Браво цареви. Ем работа не завршив, ем ме заклавте. Сте наплаќале 7 денари од минута. Браво! И благодарам и на државата што не‘ штити од вакви апаши. Арам да ви е!

 

Александар Ристевски