Очигледно, да се каже „Не“ знае да биде ослободувачки. Веќе не е битно за што се однесува тоа „Не“. На оваа корумпирана и неспособна клика „Не“, очигледно е единствениот начин да сфатат дека наишле на ѕид, и дека се што до сега правеле и се навикнале да фукнционираат веќе нема да може.
Најмногу боли што го лажат народот, и тоа без усул. Што му ветуваат блескава иднина, некаков си европски сон, иако забораваат да кажат дека доколку вакви никакви, дури и утре да станеме дел од ЕУ, вакви никакви какви што сме, со корупција до плафон, со неспособни кадри на раководни функции, со вработено и шуто и рогато по етнички и партиски клуч, на Европа не и требате.
Не уште не сме научени на пазарна логика, ниту пак на контрола на квалитет. Јадеме помии, увезуваме токсични материи и отрови, имаме фиктивни закони, никаква регулација, а сето тоа е така поради килавиот правен поредок и судски систем. Постапки кои се влечат, нема медијација, се е „алаш вериш“, „на ти, дај ми“. Која црна Европа.
Ете Германија со декларација ќе ни го гарантирала јазикот и идентитетот.
Хахахаххахахахха …да, да!
И Америка не призна како Македонија во 2004та година, за да не успее референдумот против актуелната територијална поделба. Какви општини имаме изминатите 18 години, гледате и самите, така? Општо, прашање до народот, пред се во западниот дел од државата: Дали подобро се живее денес во Тетово, Гостивар, Кичево и Струга или пред 18 години? Не гледајте низ призма колку згради се изградиле. Обичен народ згради не гради. Туку дали има повеќе ред, паркинг, мир, водовод, канализација, зеленило, исчистено ѓубре. Интересно е тоа што има многу повеќе објекти, а помалку народ. Народот или во Скопје, или во странство.
„Не“ е, и треба да биде, воспитна мерка за сите. За ненаситната власт, за дволичната меѓународна заедница, за лицемерието и анти македонската политика. „Не“ не е гласот на опозицијата. „Не“ е гласот на народот, на она огромно мнозинство кое чека да паднат овие паразити кои не лажат и распродаваат.
Опозицијата едноставно го слуша народот. Треба да го слуша. Мора да го слуша. Во спротивно, која е поентата на нејзиното постоење.
Како човек во сферата на културата, секојдневно на настани и приеми гледам како функционира комуникацијата на дел нашите властодршци со претставниците на дипломатскиот кор и меѓународната заедница. Странците или не приметуваат или не сакаат да видат дека овие кои ги дочекуваат прават само шоу. Привидно шоу за функционалност и некаков обланда успех, опкружени со своите полтрони и јаничари, прикажувајќи се себе си како некаков општествен фактор, а всушност живеејќи во стравот од тоа „што утре“.
Тоа е така затоа што се владее со страв, со репресија, со лажење и сплетки, а без суштина, знаење, стратегија и визија. Се тераат партиските агенди, тесно етничките каузи, битно е пара да се врти, да има удобство и привилегии, па додека трае, трае.
Исчезна секоја вредност денес. Доколку мислите дека некој денес има чест и образ, се згрешиле. Порано беше битно да бидеш „дете од фамилија“, да имаш образ, презиме. Денес ништо тоа не вреди. Денес се живее во фиктивна реалност, на ласкање и комплименти, секако од тие кои од блискоста со вас сакаат да наплатат. Судирот со реалноста доаѓа дури од кога ќе паднете. А тогаш доаѓа судството, обвинителството. Истото она кое работело за вас, утре ќе биде против вас.
Неколку јунаци министри деновиве рекоа дека ако не се договореле со Мицковски како лидер на ВМРО ДПМНЕ, ќе терале на друг начин. Кој е тој друг начин? Со пари, со апсења, со уцени? Па споредби кој која лига бил, па чалам покажување. Браво! Па лажење, па лепење етикети за про руско, анти европско влијание, бла бла бла…
Толку беше другарчиња! Џабе вработувате и шуто и рогато кога тонете. Џабе преку Собрание со просто мнозинство именувате ликови на значајни функции за кои народ се смее. Секој кој малку разбира политика знае што правите. Тоа се вика политичка евакуација. Згрижување на незадоволните, за да се ублажи ударот. А не сфаќате дека само креирате уште толку омраза, уште толку револт и уште толку основа за кривичен прогон.
Смешни се и некои европски и светски емисари кои доаѓаат. Срам ми беше кога ја слушам словенечката Претседателка, заедно со Перхан, како не убедува дека промената на уставот во Словенија за купување имот било исто како и нашето. Ама заборави да каже дека тие ги уценуваа Хрватите за територија. Знаејќи кај кого е во посета, како човек оговарач и пластелин во карактерот, човек кој народот го викаше стока, а рече дека Гоце бил бугар, се ми е јасно.
Дечки, наши, ваши, странски, домашни, владини, невладини,… сфатете! Едноставно „Не“!„Не“ за памет, „Не“ за васпитна! „Не“ за да падне предавничкава багра! „Не“ за да сфатите дека не сме мајмуни и мекотели! „Не“ за да покажете малку повеќе почит! „Не“ едноставно за инает!
Не проаѓа ни заплашување, ни закани, ни квази конфликти, ни тензии, ништо! „Не“! Доста ви беше! Инаку македонскиот народ нема ништо против Бугарите. Има против бугарска политика, и ништењето и негирањето на Македонецот.
Македонецот сака и ќе влезе во Европската унија, ама со исправена глава и горд, а не подвиткан и понижен. Кога тогаш! А Европа нема да ни воведе ред тука, ќе мора самите. И не, не ни е потребен камшикар. Потребни ни се лица со став и критериуми.
Македонија е се што имаме!
Александар Ристевски