четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

НЕ ИГРАЈТЕ СИ СО ДАНОЦИТЕ!!!

НЕ ИГРАЈТЕ СИ СО ДАНОЦИТЕ!!!

Статистичките податоци за неповолните движења кај економските периметри ни алармираат за значително влошување на состојбите во економијата , во сите сектори без исклучок, оваа година. Се наоѓаме во ситуација каде немаме раст, а притоа имаме галопирачка инфлација. Причините за тоа се неправилните одлуки за вложување и прогрес, и се е сведено само на елементарно одржување на стратешките ресурси и капацитети во државата.

Секојдневно, не само што се соочуваме туку и ги преживуваме апсурдните ситуации кои ни се приредуваат. Не треба да имаме натприродна моќ за да забележиме дека справувањето на Владата во време на криза е исклучително несоодветно и крајно погрешно. Мерките коишто се презедоа не ја дадоа очекуваната поддршка на стопанството, а со тоа индирекно не се одржа стандардот на граѓаните. Државниот завод за ревизија тоа недвосмислено го потврдува во своите извештаи. Процентот на искористеност на мерките е сериозно низок, што укажува на тоа дека донесените мерки не се правилни, уште помалку суштински, допонително, не се ниту искрено донесени за поддршка на стопанството и граѓаните.

Бројот на затворени фирми минатата година е 6995 правни лица, факт кој алармира дека стопанството е доведено до работ на бездната. Уште полошо е во првото тримесечие од годинава, кога се затворени дури 3920 правни лица. Кај најголем дел од нив дејноста им била трговија, тука е и преработувачката индустрија, како и градежните компании.

Ова се само последиците од непосветеното работење и погрешните одлуки коишто се носеа, без притоа сериозно да се стави фокусот на економијата и стандардот.

Ако само малку имаа слух за стопанството, ќе го слушнеа гласниот крик од стопанските комори за одржување и вложување во капацитети за производство на енергија поради  зголемување на цената на енергесите уште пролетта 2021 година. Секако, заради оправдување  и релативизирање на ситуацијата, создадена од ненавремените и неправилни одлуки, нивните недоследности во економските политики се прокнижија на контото – прогласување енергетска криза.

Кога стопанството во услови на зголемување на цената на енергенсите и репроматеријалите алармираше за инфлација уште во 2021 година, за неа навремено не се презедоа соодветни мерки и активности. Но и овојпат оправдувањето го припишаа на инфлацијата создадена од нарушување на економските текови поради војната во Украина.

Постојаниот крик на стопанството за стабилна даночна политика со цел обезбедување некаква сигурност за бизнисот, односно во деловниот свет воопшто, во услови на голема неизвесност и непредвидливост е сѐ погласен. Најавите за новодизајниран модел на оданочување се сѐ позачестени од страна на претставниците од Владата, што не е најсоодветно во услови на криза и тешка состојба во економијата.

Глинениот гулаб е веќе летнат во воздух! Реакциите од јавноста, како и досега, ќе се „мерат“, а оправдувањата и објаснувањата за тоа, по 5 години практикување власт, се содржат во 5 приоритети. Кога ќе ги прочитате, си го поставувате прашањето – а што правеле досега?

„Поголема праведност во оданочувањето преку ново дизајниран модел“. – Па нели тоа беше целта при носење на моделот за прогресивно оданочување? Дали промените се само за да има некакви промени или со нив се сака само да се негира постоечкиот систем, кој, пак, самите го донесоа?

„Поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите преку поефикасна борба против нерегистрираните дејности и затајување на данок и зајакнат институционален капацитет, анализа и доуредување на даночната основа и намалување на заостанатите даночни обврски“. – А нели тоа е основната функција на неколку институции и какви ефекти од работењето оствариле за кои и досега биле надлежни?

„Трет приоритет е зголемена даночна транспарентност, подобрување на размената на информации меѓу даночните органи и други субјекти.“ – Па периодот од 5 години за размена и соработката меѓу институциите затаила или…? Нели и досега беа најтранспарентни?

„Четврт приоритет е подобар квалитет на услугите.“ – Досега ова не беше приоритет и што е тука направено во изминатиов период?

„Петти приоритет е воведување еколошко, односно „зелено“ оданочување со цел стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување и/или активностите кои придонесуваат за загадување.“ – За жал, зелената агенда е највидлива за време на избори, кога сите други „џокери“ се потрошени во претходните кампањи!

 

НЕ, НЕ ТАКА! Не, затоа што овој народ поминал многу кризи и знае да ја процени искрената намера на донесените мерки за нејзино надминување.

НЕ, НЕ ТАКА! Не, затоа што овој народ кога гледа посветеност и искрена намера, тогаш кај него има уште поголема надеж и упорност да создаде подобро место за живот.

 

Кризата со пандемијата неочекувано брзо нѐ воведе во ерата на дигитализација. На економиите низ целиот свет им се наметна можност за дејствување и функционирање без просторно ограничување. Овој пазар на труд не познава национални, државни, верски и културолошки граници. Овој пазар на труд нуди можности, слобода, креативност, напредување, добра плата и што  е најважно за државата – ги држи младите дома. Илјадници млади заработуваат на онлајн платформи.

Она коешто го прави Владата изминативе 5 години: нестабилната политика, ретерирање од сопствените политики, воведувањето повисоки даноци, се услови кои ги тераат младите да се иселуваат.

Создавањето услови и мерки – како пониски даноци и здрава клима за живеење во државата – е императив со цел интелектуалната работна сила која дисперзирано оставрува приходи надвор од земјава да ја задржиме.

ЗАДРЖУВАЊЕТО НА МЛАДИТЕ – тоа е најголемата одговорност што треба да ја има една Влада!

 

Анастасија Илиеска