За жал, ќе морам да констатирам нека сме никакви како генерација. Дека сето она што го направила преродбата, комитите, партизаните, комунистите, ние го уништивме за 30тина години. Триесет години во историски контекст се ништо. Но ние како македонски народ, заедно со севкупната македонска нација, успеавме на ги поларизираме нештата, да ги усложниме, сплеткаме, заплеткаме, до таа мерка, што искреиравме еден чвор, што ни Господ нема да знае да го отплетка.
Се поделивме идеолошки. Па, партиски. Па, етнички. Па, верски. Па, граѓани/селани. Па, скопјани/„провинција“. Па по населби, општини, згради, маала. Веќе ни јас самиот не знам што се не дели. А всушност, не знаеме ни самите што не обединува. Е па, драги мои, токму тоа е поентата на една држава. Она што не обединува. Она што не сплотува, и не прави еднакви, исти.
Морам да кажам дека тоа во моментов е единствено фудбалот, а под фудбалот мислам на националната селекција, не на клубовите во лигите. Апсолутно ништо друго! И доколку тоа успееме да го одржиме такво, без контаминации и национализам, а продолжат успесите, ќе биде одлично. Само во фудбалот хероите се обични деца од села, од предградијата, кои станале ликови со огромни плати и статус на ѕвезди. Тие покрај фудбалската игра, имаат и одговорност што ќе кажат, како ќе се претстават, и засега се супер.
Да се вратиме на самата држава, на системот, на политиката. Целосно потфрлање, апсолутна неспособност. Се изнагледавме хиени, кои доаѓаа на позиција како голтари, со скинати гаќи, си одеа неславно, а по години ги гледавме како бизнисмени, газди, инвеститори. Распродаваа се што е државно, уништија се што претходниците создале. Во делбата не се гледаше кој колку граба, па лакомоста за пари направи етничко/партиски кланови. Албанците и другите помали, од денешна перспектива, имам впечаток дека не се бора за права, туку за дел од колачот. Како инаку да му објаснам јас лично да просечен Албанец од Чаир дека нема денар, дека живее во фавела во која нема ред, закон, урбанизам, а дека има негов градоначалник веќе 17 години, и дека во моментов повеќе од пола Влада е со министри Албанци? Значи не е ни до јазикот, ни до застапеноста, ни до ништо туку од политичката волја и капацитетот на луѓето кои водат, и тимовите кои се креирани да сработат, да воспостават ред и поредок.
Етничките Македонци потонаа во еуфоријата за тоа што значи да се има сопствена држава. Заборавија дека не се сами во државата, заборавија дека има и соседи кои не им мислат секогаш добро, заборавија дека да бидеш голем во однесувањето е доблест, а не мана. Ми се враќа филмот кога бев средношколец и оние протести околу Педагошкиот факултет, па дивиот Универзитет во Мала речица, гледаш денес има 5 6 универзитети на албански, од кои два државни… И? Место да се потенцира и посочи дека дел од истите треба да има и македонски јазик, ради подобрувањето на комуникација, дека треба кадрите и студентите на сите Институции да се борат за знаење, за “know how“, ние буквално на сите универзитети станавме тезга за дипломи, звања и позиции, како во скечевите од пред 20 години на К-15.
Потонавме севкупно. Не само ние етничките Македонци. Потонаа сите! И Албанците, и Ромите, и Турците, и Власите, и Србите, и Бошњаците… сите! Дозволивме морони и хиени да се наполнат со пари, да генерираат моќ и да не прават сите будали. Собранието се развива на хартија, му се разубавува објектот, а внатре трулеж. Трујат како и секогаш оние кои се на власт, и оние „сончогледите“ кои менуваат страни за ќар. Собранието е деградирано затоа што и самите кои се во него не сфаќаат што значи како моќ лице избрано од народот. И пак ко за инает, работат контра народ. Жално, но вистинито. Се уште гласаме за партии, и голтаме што ќе ни наредат на ливчето.
Владата е исто убава, внатрешноста прекрасна, професионалци и оперативци тон, и имате три генерални секретари кои државата ги гонела или ги гони. Министри и ликови од кабинети кои им е битно да имаат превоз и за јадење за ситни пари. Каква отчетност, каква одговорност, ништо од тоа! Место да се тресат пред судот на јавноста и народот, тие гледаат да ги импресионираат странските амбасадори и политички претставници. Криво ми е што морам да констатирам дека свесно се бираат такви фаци. Затоа и тонеме.
Процесите за наша про западна интеграција се тешки и болни. Тоа што оваа структура потпиша не е толку лошо, колку што е лошо што не остава ништо зад себе за да тие лоши договори ги тампонира. Ред, закон, хиерархија, институции, инфраструктура, градинки, лекторати по македонски, примена на јазикот и заштита на истиот во институции, медиуми и други, знамето, грбот, химната, инвестирање во кадри, во струки, професии… ништо од ова драги мои! Кажете ми институција и име на директор, дајте ми ден два, и ќе дознаам по сработеното до сега, што наредно ќе прави. Кој ќе превработува, кој ќе задолжува, кој ќе гради, кој ќе троши…
Се партизиравме, се поделивме, се тоне… оваа Влада не задолжи дупло од тоа што го имавме со претходната, и продолжува да не заглавува уште толку. Ретко кој гледа со визија, сите се „купи/продај ден“.
Обичниот Македонец гледа, се нервира, пати, се јаде. Го има и тука. Во центарот на Скопје, во предградијата, низ државата, по градовите и селата, а бога ми и низ белиот свет. Ставовите ги артикулира како знае и може, ама истите не се поклопуваат многу со политичките елити. Тие се занимаваат со дневна политика, и неретко слушаат ограничени или мрачни ликови, а не космополити и визионери.
Оваа замка во која влеговме, каде виткаме кичма и внатре и кон соседите е очигледно нешто што вака или онака некој ќе не принуди да се истера. Во одредени сфери поледиците ќе бидат големи. Наше е, а секој добар и честит човек да инвестираме во знаење и владите.
Да скенираме и објавуваме книги, да го промовираме македонскиот јазик, да ја промовираме пишаната реална историска вистина, да вложуваме во домашно производство на се (храна, вода, струја, енергенси, репроматеријали), да си ја заживееме државата, селата, да го негуваме државното знаме и химната, народната музика, фолклорот, нашите изведувачи и уметници, спортистите, но и мајсторите, занаетчиите, докторите. Сите оние без кои не можеме, а ни се селат или се се’ помалку.
Мора да покажеме почит кон секој оној кој работи, се труди, а прави да бидеме држава со темел, со вредности.
Доста е од кодошење, роварење, етикетирање, делби. Да се биде Македонец е лична определба. Определба по корени и гени, но и по јазик, по брачен другар, култура, но и едноставно по личен избор. Религијата, политиката, сексуалната определба, местото на живеење не ве прават повеќе или помалку Македонец.
Македонизмот е прашање на инклузивност, не ексклузивност.
Секојдневието ни е труло и грдо, но сега е вистинското време секој од нас и како индивидуа и како семејство, да направи план како напред. Почнете од себе! Читајте,информирајте се, и борете се! Секој ден е битка, борба на идеи, ставови и гледишта.
Сите се палите на Гоце Делчев. Чим толку многу го сакате, потрудете се да ги спроведувате неговите максими, идеи и мисли.
Сепак, Македонецот се бори за своите правдини!
Александар Ристевски