Сево ова кое деновиве се случува дава силна потврда на она кое постојано го повторувам дека нема држава се додека полтрони и лигуши се на високи позиции во оној така наречен втор и трет раководен ешалон, токму оние со кој обичниот работник, административец или општата популација е во секојдневна комуникација.
Почитувани, темелот на една држава е во интегритетот на државниот и јавниот службеник, а неговата сила, моќ, храброст, чест и интегритет доаѓаат од оние кои треба да им се ветар во крилјата, раководителите и директорите. Доколку истите се кариеристи, опортунисти и некадарни, се е џабе! Нема иднина.
Именуваните функции (посебно оние високите политички) се менливи, а и подобро е да се менливи брзо, за да оние кои ги обавуваат не влезат во комфорна зона дека знаат се, и дека тие околу нив се најдобри, но и за да не се доведат во ситуација да бидат лажени и да им се претставува лажна слика за она што околу нив се случува. Во основа, позицијата на еден министер, кој е политички именувана позиција од страна на мандатар на политичка влада е да именува, координира и раководи со одредена програма и буџет, и да оствари резултати на развој. Доколку добро работел, а поради одредени пропусти, политички преговори и било каква грешка која ја погодила јавноста, од икс причини, тој треба да замине, а професионалците ќе продолжат таму каде застанале доколку тоа го заслужиле.
Целава оваа фарса, со бранење на министерот Филипче од страна на еден куп директори, со муабетот „не го даваме“ е смешна и деградирачка. Тоа зборува не само за немањето вербата во себе, но и за полтронството на многумина од нив. Муабетот: „Ако отиде тој, отидовме и ние!“ зборува за психологијата на владеење кај нас, и немањето верба во сопствените квалитети за да се опстане на врвот на одредена установа. Навистина жално и самопонижувачки.
И каде сме сега? Каде е одговорноста, макар и онаа основната, моралната, дури и да нема виновник со кривична одговорност? Уште се на позиција и министерот, и заменикот и двата директори. Сите четворица кои нели си дадоа оставки. Дали истите ќе се ефектуираат, или се чекаат уште 5-6 дена да започне кампања за локални избори, со обид се да се забошоти за следниве месец два, надевајќи се дека нема да бидат до тогаш тема на муабет?
Искрено, јас се повеќе мислам дека оние фронталните во политиката пропаѓаат во оној момент кога ќе се затворат и заградат од критика, и кога ќе почнат да веруваат дека сите оние кои ги караат и критикуваат ги мразат. Кога ќе сфатат дека во основа обичниот народ само сака ред, поредок и правна држава, е тогаш е веќе касно и ги нема, а можно е да се ставиле веќе во позиција и да одговараат за нешто.
Кога бев помлад, веруваат дека генерацијата родена во 90тите ќе биде сплотена, дека Македонизмот ќе вирее од сите нив, дека етничките корени ќе станат небитни, и дека оние кои имаат албанско, турско, ромско, српско етничко потекло и покрај нивните културолошки и јазични разлики, ќе се вклопат во таа македонска приказна. За само триесет години станавме општество во кое сите се делат етнички, верски, јазично, криејќи се зад превезот на права, а делби има и партиски, клановски и какви ли не, само нема делба меѓу способни и неспособни. Нема, затоа што агресивноста и нападноста, но и бројката на неспособните и нестручните, ги потисна или исфрли овие првите.
Време е сите да се освестиме, да сфатиме колку е часот, да престанеме да се криеме зад личните ситни интереси, и да тргнеме во битка за подобра Македонија. А оние на кои им се случуваат хаварии и трагедии, макар и да немаат лична инволвираност, имаат командна одговорност, морална, и затоа ОСТАВКА!
Колумна на Александар Ристевски