четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Нема ништо „европско“ во барањата кои ги наметнува Бугарија

Нема ништо „европско“ во барањата кои ги наметнува Бугарија

Споровите и темите со Бугарија, кои секојдневно се држат актуелни во јавноста, предизвикуваат сериозна поделеноста кај народот и се по истакнат евро скептицизам. Она што преку анкетите со години се прикажуваше дека македонската нација е над 90 проценти за пристап кон Европската унија, на некој начин ги окуражи дел од евро бирократите, а и „соколите“ од соседните земји, да се постават со бројни услови кон било која македонска влада, аргументирајќи дека компромиси и отстапки мора, да се оствари сенародната желба за евро интеграции.

Мислам дека заблудата е голема. Секој жител на Македонија сака ред, закон и поредок. Правна држава и критериуми. Раст во кариерата. Секој сака функционален систем. Наместо тоа, ние станавме земја на квоти, на полтрони и вовлекувачи, на кодоши и шпиони, на медиокритети и забушанти. Искрено, ако нешто добивме позитивно изминатите години, тоа е членството во НАТО. Сметам дека цената која е платена за истото е страшно голема, но ако ништо друго, барем ќе направи чистка во одбранбените и безбедносните структури. Но тоа не е доволно. На ред треба да е образованието (од градинка до факултет), а паралелно и судството. И едните и другите треба да добијат поголеми плати, но мора и да се воведе ред и критериум, кој се ќе биде дел од тие сфери.

Ова што ни се случува со Бугарија е фарса. Џабе му е Харвард на Петков, кога се уште го седнуваат во скут, па тресе зелени, само нели по умерени од тие на Радев, Јотова, Генчовска и другите. Ништо не е сменето. Трифунов, Захариева, Ковачев, Џамбаски, Каракачанов, се уште од позадина роварат и го контаминираат бугарското население со бројни небулози и фингирани податоци.

Зарем не му е срам на еден Претседател на држава, да изнесе податок дека умреле над 10.000 Бугари во концентрациони логори во Македонија? Кои се тие логори и каде се наоѓаат? Кои се тие 10.000 Бугари? Кога се случило тоа? Единствениот логор кој во Југославија како таков постоел бил Голи Оток во Хрватска, а во истиот многу малку биле лица од Македонија, плус таму се одело поради русофилство и поддршка на Јосиф Сталин. Прогоните кои се случувале на индивидуална основа, и кои реално зацрниле многу семејства многу повеќе биле ради македонизам и македонски сепаратизам од Југославија, од колку поради некоја про бугарска идеја.

Оваа излетување кое го направија во Битола, со поддршка на екипа на бивши „антички Македонци“, кои читале и со месеци не спиеле, па станале Бугари, и тоа не било какви, туку Македонски Бугари, е во најмала рака смешно. Со чест на исклучоци, и на мала бројка на луѓе со бугарски корени и бугарска самосвест, повеќето денес во Македонија се Бугари, по професија. Навистина ми е жал, што огромен број од населението на денешна Бугарија верува и мисли дека ние ги мразиме, дека не контролираат службите и дека сме србомани, и дека ни треба ослободување. Голем дел од населението во Бугарија како дел од својот идентитет го влече она зборче „Македонец“, но не може да се ослободи од тоа дека зборот Бугарин му е националност, а не етничка припадност. Етникумот е МАКЕДОНЕЦ. Тоа што пред 100тина години сме морале да се приклонуваме кон држава друга, денес не мора. Државата мајка ни е МАКЕДОНИЈА. Без оглед што сме условени да и додадеме и Северна.

Кога сме веќе кај „Северна“. Не вистина не можам да ја сфатам шизофренијата на бугарските политичари да упорно по сто пати велат Република Северна Македонија, а нас да не ословуваат како Северномакедонци. Очигледно и намерата им е да нема решение, и ние како народ , а и целата нација да капитулираме, или да не влечат пред портите на ЕУ до бесконечност. Со чест на исклучоци за време на КОВИД пандемијата, на луѓе кои градеа некакви мостови, колку толку бугарската држава излезе голема при враќањето на народот дома, од насекаде низ светот преку Софија. Се друго, што е во рацете на политичарите, е само газење и ништење на се што некој пробал да го изгради.

Вучиќ успеа со вакцини на кои и така ќе им истечеше рокот, и со масло за јадење кое комерцијално ни се продаде, по нови цени, да испадне херој во очите на Македонецот, додека официјална Софија место да подаде рака каде може, креира образа и поделеност, која ќе трае уште долго време. Дури успеаја некои нови генерации, кои воопшто не се задоени со национализам и делби, да им створат омраза. Алал да ви е!

Денес читам дека на Македонците во Благоевград (они кои нели не постојат) вчера биле набркани од просториите кои ги користеле, за кои редовно плаќале кирија. Од една страна цела државна делегација оди во соседна држава, поддржува клуб на политички вртикапи, со име кое е негативно и скандалозно и во двете држави, од друга страна, во сопствената држава, крши човекови права на сопствените државјани. Баш „европски“, со сите стандарди!

Бугарскиот народ мора да ги делигитимира политиките на самата држава, затоа што очигледно политичарите ќе се менуваат, но агендата ќе остане иста. Очигледно и ЕУ и САД ќе мора да им дада неколку „васпитни“, затоа што ова однесување нема врска со добрососедски односи. По, Боже мој, словенските просветители Кирил и Методиј, кои ги слави цела Источна Европа, меѓу кои и еден куп ЕУ членки, во Собранието ги нарекоа бугарски. Светски признаен стандардизиран јазик кој се изучува дваесетина универзитети и лекторати, велат дека е дијалект и јазична норма. Негираат историски вистини и факти од Втората светска војна, за кои има дури и видео снимки.

Вака нема да оди! Целосно погрешен пристап. Ги лечите фрустрациите и комплексите од минатото, и покажувате сила на единствената братска земја која можете да ја имате. Од сегде „сардисани“, се силите на Македонија и Македонецот. Срам да ви е! Уште еднаш покажувате дека Бугарија повторно и овој пат е на погрешната страна на историјата.

Никој не ви мисли лошо, никој ништо од вас не сака. Како што и химната наша вели: Македонците се борат, за своите правдини…!

 

Александар Ристевски