Навистина не ми е јасно, како некој се осмелува да ни подметне термин „загуба на струја“? Каде се губи истата? Системот е целосно автоматизиран, точно се знае на која трафостаница и на кое место има проток на електрична енергија кој или не е фактуриран воопшто, или е фактуриран, а не е платен.
На вистина на секому е преку глава да плаќа туѓи трошоци. Веќе не проаѓаат муабетите кој во каква состојба бил, дали имал пари или не, и мешањето на сопствената етничка или верска припадност, па географската (кој од кое село или град бил и истото дали и колку е развиено).
Познавам еден куп луѓе на кои во Центар, Аеродром или Карпош струјата им била исклучена за неколку задоцнето платени сметки, па повторно плаќале за вклучување. Дома седеле со свеќи, готвеле на плински боци, едноставно, се снаоѓале! И никој не правел драма, никој не протестирал или глумел жртва.
Јас ја поддржувам идејата за скалесто плаќање. Но, дури тогаш ќе има распад систем. Затоа што сите овие кои велат дека е струјата скапа, неретко живеат во големи семејни куќи и се грејат токму на струја. Затоа и добиваат големи сметки. И секако, најлогично решение е: не плаќај!
Доколку државата сака на народот да му помогне, не треба да дава по 10 или 20 евра за сметка струја, затоа што на тој кој му дошла сметка до 6000-7000 денари 600 денари ништо не му менуваат. Државата треба да субвенционира, или да овозможи со плаќање на 48 или 60 рати купување на машини за перење, шпорети, фрижидери и клими со најмалку А ++ класа, па дури и со А+++. Да мотивира и стимулира сите да преминат на лед осветлување, и третото е поставување на прозорци и врати од квалитетни материјали и енергетско ефикасни фасади. Ем ќе ја раздвижат економијата, ем ќе стимулираат работни места, ем луѓето ќе добијат пониски сметки за струја. Вака како што е, само тонеме, а цехот го плаќаме ние кои си ги подмируваме на време сите трошоци. Гледам дека Влада исто така, дава вакви препораки, но не гледам мерки.
Да се навратиме на коренот на проблемот. Знаете ли зошто тогашните премиер Владо Бучковски го продаде делот дистрибуција, подоцна наречен ЕВН, на Австријците? Затоа што се велеше дека поради политички причини во одредени средини има поларизација на меѓуетничките состојби, и дека државното Електростопанство не може да наплати. Дека со странска компанија која е приватна, нема подигрување, и дека или ќе се плати или следи исклучување.
Доколку компанијата ЕВН не е во состојба да си ги наплати побарувањата, тоа нејзин личен проблем. Доколку има проблеми на терен во било кое место од државата, може да побара асистенција од полицијата, и секако наплатата да си ја врши преку извршители или суд. Но да се казнуваат цели населени места, во ист кош да се ставаат и плаќачи, и неплаќачи, е недозволиво.
Исто како што нема логика упорно да се крева цена на струја, затоа што имале „загуби на електрична енергија“. Не драги мои, вие немате „загуби“. Вас струјата ви ја КРАДАТ. И тоа крадењето нема ни верска, ни етничка припадност. Нема врска ни дали е некој богат или сиромав. Има врска со граѓанска непослушност и со изигрување на законите. И ако продолжите со овој двоен морал, едни да плаќаат други не, само ќе го поларизирате цело население никој да не ви плаќа. Јас лично не сакам да плаќам ни еден денар за нешто што не е мој трошок.
Едно нешто навистина не сфаќам: Зошто индустриска струја плаќаат образовните институции? На вистина ми е целосно неразбирливо. Штедење може да се направи со оптимизација на часови, таму каде има физички услови настава во една смена, скратени часови… Но, да ги уништуваш општините со нездрави давачки, повеќе ми личи како политичка борба во која ќе пати само народот.
ЕВН доколку не се кадарни да ја водат фирмата слободно може да ја продадат или државата да ја откупи назад, да ја национализира. Самата цел и објаснувањето за продажбата пред 16 години беше токму тоа. Иако, од се ова што го читам и гледам сфаќам дека ЕВН е најмалиот дл од проблемот. Многу поголем е ЕЛЕМ, по ново ЕСМ, затоа што не произведува ни приближно струја како што тоа се правеше до пред 6 7 години. Исто така проблем се и трговци со струја кои овие неколку години направија милиони евра ќар, секако на грбот на обичниот народ.
Целото општество е раб на пропаст. Фирми се затвораат, бизниси пропаѓаат, институциите се пред колапс, а секоја фамилија со страв ја дочекува секоја следна сметка.
Едноставно, цела неспособност, цело импровизирање овие неколку години, конечно ни се удира од глава.
И да, се уште не лажат и „мафтосуваат“ за сонот за ЕУ. Уште Бугарите во Устав… а да, и историјата… и малку јазикот …и вработувања по балансер …и промена на учебниците без семејни вредности… а бе само уште малку! Тука сме, на работ, само што не сме влегле! Ете кај е 2030 година. Така ни рекоа на телевизија!
Освести се народе, разбуди се! Сево ова, крај нема!
Александар Ристевски