среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Никој не е вечен!

Никој не е вечен!

Фасцинантни времиња. Обично актуелната власт среде лето ги правеше сите можни подметнувања, гласања, афери, сплетки и мајмунлуци, летово излезе обратно…им излегоа еден куп афери, криминали, тендерски ујдурми, непотизам, злоупотреби… се‘ на купче!

Дури и за луѓе за кои јавноста сметаше дека се сериозни, одговорни, принципиелни, професионални, во оваа 2023 направија еден куп глупости кои кога тогаш ќе им бидат извадени низ нос и за кои ќе мора да одговараат. Незаконски трошења, наместени тендери, бројни договорци, неразумни вработувања, плаќања на непотребни авторски договори… се она што е обележје на власт и структура која тоне.

Чекори кои се прават при евакуација, каде се мисли само за сопствениот задник, а онаа армија на партиски послушници, кои трчале за одредени политичари, а реално не се за државата и институциите додадена вредност, или се пикаат на места кои не се потребни, или само има се даваат времени договори за да се смират на краток рок, а вината и одговорноста да ја пренесат на некој следен.

Токму тоа се случи по промената на власта на локално ниво пред нешто повеќе од година и половина. Општините и јавните претпријатија беа натоварени со фиктивни вработувања и разни договорци, со кои актуелната власт изминативе година дена ги полни државните институции. Ништо од она кое го ветуваат во 2016 и годините пред тоа не остварија.

Единствен кој нешто оствари е ДУИ, а тоа што го остварија, не е она што нивното гласачко тело го бара, туку само задоволување на желбите на партиските активисти и одредена група од нивното бизнис лоби. Обичниот народ е лажен и маргинализиран, и мафтосуван со муабети околу знамето, јазикот, сметките за режиски трошоци, социјална помош и партиските вработувања кои им се продаваат како етничка квота на застапеност.

Се уште во делови од државата има модерни робови кои работат прекувремено, и во недела и за празник, дење/ноќе, криминалот цвета, здравството не е достапно за секого, како и можноста за основни услови за живот.

По територијалната поделба од 2004 година, многу од општините се поделија по етнички клуч. Што доби обичниот народ од тоа? Апсолутно ништо! Само доби нови газди, кои го толчат. Ниту доби инфраструктура, ниту по достапно здравство, школство, знаење, урбанизација…. ништо! Доби само мегаломански пренатрупани приградски и селски населби, во кои секој гради и прави што сака, и место тие да се метрополизираат, се случи обратно, се посељачија градовите.

Велат, секогаш победува онаа култура која е посилна. Очигледно сељачкото медиокритетско лоби е по силно и по агресивно да дојде до тоа што го сака.

А народот? Народот ко го… „тркала“!

Народот масовно се сели. Народот бега од оваа медиокритетска банда која лаже и краде. Приучен кадар, со дипломи, а без знаење. Неизживеан, злобен, пакосен, зајадлив, и кој кога е фатен на дело глуми жртва.
Цела оваа структура која централно владее со државата, мора да си оди. Цела комплет. Дури и тие малкумина кои нешто вредат, и тие со нив, затоа што самите си дозволиле да бидат дел од екипа која работи на штета на македонските национални интереси, а само за личен бенефит.

Ова што ни се случува ме потсетува на „ел дорадото“ 1996-1998, периодот кога се случи ТАТ, еден куп улични пресметки, кога народот беше клекнат на колена. Задолжување на државата до максимум, трошење без усул и смешкање. Многу смешкање. Кисело и лицемерно. И од време на време со хистерични испади. Сегде, низ цела држава. И секако, секој е крив, освен неспособнава елита.

Наскоро оваа квази елита ќе се соочи со реалноста дека ќе нема пари за трошење, можност за плаќање на име на фирма/институција. Ќе нема службени коли, службен бензин, службени патувања. Нема да има канење по коктели, приеми, митинзи, средби, отворања, промоции. Наскоро маските ќе паднат, лажните насмевки ќе закиселат, лажните ветувања ќе испливаат на површина, а ќе се осети празнината.

И како што и обично бива, ќе дојдат доспеаните побарувања, ќе дојдат контролите и ревизиите, неплатени фактури, лошите договори, и се она до што немало да дојде да некој знаел кога и колку му е доста, и да бил свесен дека НИКОЈ НЕ Е ВЕЧЕН.

Дека човек во животот треба да е вреден, упорен и професионалец во се она што го прави, а дека политиката е како вртелешка, час си горе, час не си, ни никој не е горе вечно, а умешност е да знаеш да слезеш долу, за да пак се искачиш горе, но со неизвалкан образ.

Се надевам дека народот научи од грешките. Очигледно добар дел од ликовите во политика ништо ниту научија, ниту им е јасно. И секако, сите им се криви, освен тие самите!

Александар Ристевски