вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Нова година, стари македонски проблеми

Нова година, стари македонски проблеми

2022-та замина исто како што и ќе ја паметиме. Бледо, тивко, неприметно. Ко крадец. Благодарение на економската и енергетската криза и повеќе на кризата на националниот дух, деновите пред и по неа не се ни чувствуваа како новогодишни и славенички. Онаа, грда и пластична опипливост на 50-те нијанси на македонското сивило. „Расположение“ кое од стартот на истата таа година го наметна одродената влада на заминување. Која, пустата, никако да замине…

Година во која народот и државата нагло осиромашуваа, а арамиската власт како да не видела пари се богатеше на наша сметка, 12 месеци преполни со функционерски скандали, 365 дена набиени со инфантилни афери, интензивни 8,760 часа грди национали предавства, 525.600 минути индолентен владин апашлук, 31.536.000 секунди во кои крвта на Македонецот одново татнеше и зовриваше во дамарите…

Ок, преживеавме како народ и држава. Барем, сега за сега. И пак си се крстевме во тоа дека Македонија е вечна и дека сме пиреј, го слушавме Штајнмајер како ни ја погани смислата и значењето на истото, го гледавме Таче како се подмочува и кљафти ко недозреан кога армија странци даоѓаше да не’ кандиса за нова национална капитулација и правење ќеф на Бугари, го издржавме истиот тој Ќуран како со дигнати рачиња во собрание мазохистички славеше прифаќање на антимакедонски Француски предлог, се будевме и протестиравме со денови за да наеднаш не снема и повторно заспиеме ко зевезеци, трпевме бугарски шовинисти како среде Широк сокак и во балканскиот Ерусалим ни отвораат клубови со фашисти, гледавме немо како еден национално осакатен пишпирик награден со академик титула ни продава историја и средновековие, молчевме забезекнати од цените кои удрија во плафон, не сфаќавме како еден суртук-претседател може да менува став на 5 минути како волшебникот Тарара, се потсмевавме со Тачевци кои промашуваа знамиња и тресеа зелени ко навиени, пишуваа по учебници дека Албанија ни е на исток, дигаа планини за 20 км и правеа разно разни сеири, чуда и тендерашки врагови.

И што ќе паметиме од годината во која Ковачевски со кумот стокми 26 милиони евра од струја-бизнис, Ахмети целосно ги запоседна владата и обвинителството, а СДССССС судството, Маричиќ ручкаше ли ручкаше, лето Господово во кое сопругата на Ќуран со свои пари бизниси милионски тераше заедно со колегите – синчињата на Црпко и Али, а  Заев изигруваше филантроп и човекољубец?  Ќе речат, година за заборав. Јок…

Годината во која реално оваа влада падна, ама ја дигна еден киднапиран суртук и ја продолжи еден наметнат хохштаплер и престолонаследник кој не заслужува ни портир да биде во истата, таа влада и период  мора да се запаметат. До зборче. За да не се повтори. Не знам дали сфаќаме дека уште две-три вакви години и можеме да си се поздравиме и да си ставиме клуч на државата, нацијата и историјата. Не повеќе, толку ќе ни биде доволно за довршување на одамна започнатато национално харакири предводено од Црпковци и со две раце поддржано од Дуевци.

2023-та нема да биде ништо поинаква доколку останеме неми сведоци како во 22-та. Ајде, во годината во која ќе славиме 120 години од Илинденското востание тоа да го направиме како што треба, не со Таче на Мечкин Камен,  Стево на Пелинце и Таљо во Скопје.  Ќе ни ја уништат прославата, како и секогаш. Ај, да не ги мачиме да бараат заменски форми за МАКЕДОНИЈА и МАКЕДОНЕЦОТ во своите ступидни говоранции во кои ко слонови во пижами ќе глумат загрижени патриоти.

23-ката е света за Македонецот, не бадијала Денот на македонската револуционерна борба, денот на ВМРО е токму на 23-ти. Аирлија да е годинава, ајде конечно да се разбудиме, ама сите. Не ни требаат анкети за да сфатиме дека врие, дека искрат очите и гори душата на со години понижениот Македонец. Доста беше, ајде годинава да ги испратиме во историјата која толку многу ја мразат затоа што знаат што идните генерации ќе учат за антимакедонските марионети.

Велат, човек 2 години учи да зборува, а му требаат 50 за да научи да слуша. Натопорените северџганистански спахии ни 100 години да владејат нема да научат да го слушаат народот, па ајде да ги спасиме од маката, дунстериве не ги бива за учење. Не ги бива за ништо, освен за виткање кичма…

И оваа година, како и минатата, најголем проблем на Македонецот не се Бугарите, Грците или Албанците. Повторно, главен проблем на Македонецот е Македонецот. Или барем, тие што тврдат дека се Македонци, оние неспособни, опортунистички и лукративни припадници, одроди од кои истиот тој народ си пати од век и веков.

Да, лошото време го прават лошите луѓе, вели Лазор Ночески во антологискиот „Пиреј“ и додава – На селаните, среќата им е променлива, а несреќата постојана.

Да, така и на Македонците…

Но истиот тој народен мудрец на Петре М. Андреевски  знае да каже и друго, нешто што насушно треба да го сфатиме во 2023-та за да излеземе од калта и тињата во која беспоговорно тонеме. ВелиСтравот е страшен само за оние што му се плашат. И да, дефинитивно Кога човек се плаши од пушка, тогаш пушката повеќе пука.“…