Нешто што е во „жижа“ на јавноста изминатите недели е токму огромниот тендер, кој се однесува на изградба на автопатските делници низ Македонија, кој Владата деновиве го распиша.
Се однесува на автопатски делници со 6 ленти на патниот правец Тетово Гостивар, Прилеп Битола, Гостивар Кичево, и крак од автопатот Кичево Охрид, кон Струга и кон граничниот премин Ќафасан.
На ист начин како што со стратешки договор се направи позајмување од кинеската Ексик банка, се направи директен договор со кинески изведувач за тогашните два патни правци (Миладиновци Штип, и Кичево Охрид) овој пат истото се направи (директна спогодба, без меѓународен тендер) со американската Бехтел и турската Енке, со тоа што овој пат нема кредитирање, туку сервисирање на средствата директно од буџет во следните 5-6 фискални години.
Сумата која се најавуваше пред неколку години беше 500, па 800, па околу 1 милијарда евра, за да на крајот испадне 1.3 милијарди или 1300 милиони евра. Потребата за сиве овие патни правци, е и тоа како потребна, прашањето е дали толку ќе чини, дали ќе се запази квалитетот и дали реално постои било каква можност истите да се градат со кажаната динамика.
За почеток околу цената. Износот од 1.3 милијарди и нема да е толку страшен доколку патиштата се направат на ниво како слични на нив во соседството, со ист квалитет. Прашањето е дали тоа е единствениот трошок и дали ќе се остане на истите цени до крај, или за некоја година ќе почнат да се трупаат анекси, како што актуелната власт направи за патниот правец Кичево Охрид, каде што иако се задолжи за уште 35% од вредноста на патот, туку и речиси не мрдна со пред еве скоро 7 години од промената на власта, и не се гледа крајот во догледно време.
Да кажеме дека париве за кои зборуваме се само за изведба. Плус тука е и надзорот, кој деновиве е исклучително скандалозен. Прво поради лицата кои фигурираат во позадина зад кои има бројни „опашки“ од минатото во разни тендери зад кои има недоследности во постапки и гонења, но и тоа кој кога извади лиценца, одобрение и слично. Многу аспекти поради кои ваквиот тендер би паднал и би се поништил. Потоа минатото на дел од фирмите и дејноста која ја вршеле. Фирма која правела гаќи, сега ќе контролира изградба на автопат. Навистина креативно. Потоа како тој конзорциум ги дели парите, и секако астрономските хонорари кои сигурен сум дека нашите стручни лица за кои се наменети тешко би ги заработиле на било кој друг проект или пак, прават своевиден „кеш бек“, некому?
Пото, да не заборавиме дека се уште ниту е направена, ниту пак исплатена експропријацијата или обесштетувањето и откупот на приватното земјиште по кое би се движела трасата. Колку што прочитав се работи за сума од 250 до 300 милиони евра, а самата процедура, договарање и исплаќање е нешто што ќе одземе време, а можеби и дополнително ќе ја зголеми сумата.
За временската рамка од четири и пол години, јас лично и најмногу се сомневам. Дека за тоа време ќе се направат Тетово Гостива и Прилеп Битола, можеби, ќе оставам простор и верба дека тоа ќе се случи. Дека можеби ќе ги решат имотните спорови, расчистување на траса и изведба. Но, дека другите две траси ќе ги направат, за кои треба еден куп мостови и тунели, како и бројни клучки, искрено се сомневам. Би сакал да грешам, но праксата говори нешто сосема друго.
Најавите велат дека се очекува да започнат со работа кон крајот на април 2023. Според таа нивна планирана динамика, сите 4 автопатски делници треба да се готови и предадени во употреба до крајот на 2027 година. Доколку тоа се случи, јас јавно ќе се извинам на цел актуелен владин состав. Искрено, мислам дека и да се започне, ништо од ова (можеби делови) нема да финишираат до 2030 та, а колку ќе чини, допрва ќе видиме.
Кога сево ова ќе го земеме во предвид, излегува дека уште сега цената не е 1.3 милијарди (или 1300 милиони евра), туку веќе сега е над 1.6 милијарди (над 1600 милиони евра), а земајќи во предвид како тука се тераат работите (балкански секако, со далавери и скриени трошоци), прашање е дали сево ова ќе се заврши и со 2 милијарди.
Однесувањето и триумфализмот кој дел од актуелната власт го искажа остава впечаток на луѓе кои се спремаат за опозиција, а обезбедиле своевидна „тезгичка“ за годините кои следат како план за евакуација. Би сакал да грешам, но сите истражувања, стории и анализи кои излегоа изминатите денови говорат за тоа дека во периодот кој следи ќе излезат еден куп „опашки“ од овој мега проект.
Уште еднаш потврдуваме дека не знаеме да работиме сложно, дека се’ се прави зад кулисно и дека на крајот се испоставува дека зад секој голем тендер или јавна набавка, во преден план не се државните, туку личните интереси.
Прашањето на одговорност секогаш било второстепено. И речиси секогаш, прстот останува вперен и да покажува кон некои маргинални ликови кои на крајот ќе бидат колатерална штета, а оние кои гледаме дека ја водат „шарадата“ ќе стојат со фаци: „Ја нисам одавде!“.
Тоа се тие балкански правила!
Александар Ристевски