петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Очигледно само кај нас, пописот е трка!

Очигледно само кај нас, пописот е трка!

Еве, и тоа шоу заврши. И како и секогаш, неславно а скандалозно. Обичниот народ е збунет, политичките партии поларизирани, етнички поделени, верски разделени, и секој ни е крив само ние самите, не!

Едно од по интелигентните нешта кои директорот на Завод за статистика, Апостол Симовски, го кажа пред некоја година, беше дека има намера да не се прашуваат луѓето за етничката припадност. До негде и логично, од проста причина што правата, етнички и јазични се законски регулирани и гарантирани. Тогаш, сите би биле граѓани на Република Македонија (по ново со додавката Северни) или Македонци, според државјанство. Внатре во државата, секој ќе се изјасни и за јазикот мајчин, а малцинските и етничките права ќе ги бара низ институциите на системот. Тогаш веќе ќе можевме да зборуваме за нација. За жал, и самиот ретерира и влезе во битката на политичарите за пребројување.

Што имаме сега? Сега имаме политички партии кои први удрија да се пофалат дека растат Албанците, а нема Македонци. Реалноста е дека тука во Македонија, за разлика од пред 20 години, и Албанци процентуално има помалку. Драстичен е падот кај Македонците. Секако, за тоа придонесе генијалната идеја на некои „усијани“ глави да го бојкотираат пописот. Имено, тие на крајот се броеја, но без етничка припадност. Доколку ги соберете бројките на резидентното население, од најголемите 6 етнички заедници, заедно со се Македонците, се добиваат вкупно околу 90 отсто. Другите испаѓа дека немаат етничка припадност. Претпоставувам, дека по дифолт Бугарите ќе ги сметаат за свои. Така да, драги мои бојкотирачи, алал да ви е, што да ви кажам. Историјата ќе ве памети.

Слично, ништо по различно е кај дијаспората. Токму со попишаната дијаспора, бројките уште толку вртоглаво се менуваат. Само 260 илјади се попишале од дијаспората од кои 2/3 се етнички Албанци. Значи, имаме 2.500.000 државјанства, а 400.000 од нив не се попишале ниту тука, ниту дека се некаде низ светот.

Благодарност до сите тие 400.000 носители на македонско државјанство. Чим еднаш на 10 години не се потресоа да се евидентираат, макар и на 5 минути преку веб страница, тоа доволно говори како ја перципираат својата матична држава.

Медиумите се такви какви што се. И таму каде нема проблем го создаваат. Го поларизираат народот, пописот е своевидна трка, само јас не сфаќам кој каде сака да стигне. Порано од земјава се иселуваа луѓе од село и работничка класа. Сега се иселуваат богати, учени, способни. И не се селат ниту за плата, ниту за престиж, туку ради душевниот мир и просперитетот на своите деца. Ова е доволна порака за сите во земјава.

Ако ги погледнете бројките од минатиот попис пред 20 години ќе сфатите дека не паѓаат како бројка само Македонците. Делумно се намалени и Албанците, и Ромите, и Србите, и Власите. Само Турците се исто, а единствено пораснале Бошњаците. Секако, тука се 9 или 10 отсто кои не се ништо. Тие во најголем дел се оние кои не се попишаа, па се внесени како жители на Македонија без етничка припадност. Со нив бројките ќе беа сосема поинакви.

Сигурен сум дека и кога ќе се објават бројките за верската припадност, ќе има значајни промени. Поентата е што никој не прашува дали некој е верник кој ја практикува верата, како и кога. Јас одговорно тврдам, без оглед која е бројката официјална, дека бројот на атеисти е неколку пати поголем од оној кој се прикажува. Само како илустрација, на пописот во 2002 само 0.5% рекле дека се атеисти. Тоа е помалку од 10 илјади. Јас ви тврдам дека толку атеисти има само во Карпош.

Иако сите веруваат дека Скопје расте, во реалноста не е така. Само за 3.6% има повеќе нови скопјани. Но затоа има 30% повеќе станови од претходниот попис. 500 и кусур илјади жители, а 200 и кусур илјади станови. Народот е тој само има повеќе коли и станови. И секако, сите се во Аеродром, Центар и Карпош напикани.

Имаме 207 раселени места. 207 места во кои никој не живее. Претпоставувам уште три пати повеќе места со не повеќе од 10 жители. Субвенциите растат, земјата е необработена. Каде одат парите, Господ знае. Се делат субвенции,а место да се купува модерна механизација, рајата купува коли и станови, а големците имот и фирми.

Внатрешноста тоне! Некои фабрики и универзитети, кои претходната власт ги овозможи и направи, колку толку го спречија егзодусот. Во другите места, хаварија целосна.

Еве за крај, ќе ви кажам зошто народот се сели: Ради непотизам, невладеење на правото и хаотичното судство, локални насилници и шерифи, етничка и верска дискриминација, злоупотреба на трудот на работниците, бучава, урбанистички хаос, лошо образование, корупција, партиски реваншизам, немање на Мерит-систем, заради лажните ветувања на политичарите, квалитет на живот (улици, водовод, канализација, парно).

Народот не е глуп, и веќе е уморен. Вашите проценти и бројки можете да ги ставите таму каде што не ви заоѓа сонцето. За начинот на кој (не) функционираме како држава, сме криви сите, и себе си се вклучувам во групава. Се караме и делиме. Не живееме едни со други, туку едни крај други. Не знаеме ни на фудбал да се радуваме. Ни на Евровизија, ни на ништо. А тоа е така, затоа што сите сме свесни дека некој во позадина нешто мати, и дека резултатот е секогаш извесен. Е така драги мои нема напред.

Пописов по мене, не е ни успешен, ни неуспешен. Пописот е шамар за сите, затоа што никој не ги слуша другите бројки, никој не извлекува поука и не анализира кои се проблемите, туку сите се фатија ударно за тоа колку се пишале Македонци, а колку Албанци. Мислам дека повеќето сме будали, ама што знам пак јас!?

 

Александар Ристевски