среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ОД МИНИМАЛНА ПЛАТА ДО МАКСИМАЛЕН ХАОС

ОД МИНИМАЛНА ПЛАТА ДО МАКСИМАЛЕН ХАОС

Решавањето  на било кој проблем е позитивен процес , се додека истото не прави и актуелизира нови проблеми. При решавањето на еден проблем  потребно е да  ги имате и решенијата за сите проблеми , кои се тесно поврзани со основниот проблем. Со актуелното решение за зголемување на минималната плата се направи спротивното,се генерира  максимален хаос. Владата реши проблем со кој создаде еден куп проблеми кај синдикатите,фирмите ,работниците.

Во кои сфери  се создаде  хаосот?

Хаос заради вештачко зголемување на минималната плата

Природно е да се субвенционираат мерки кои би ја зголемиле продуктивноста, па на тој начин да се зголемат и платите на работниците вклучително и зголемување на минималната плата. Во ситуација кога подолг период немаме раст на продуктивноста, а имаме вештачко зголемување на минималната плата  се создаваат одлични услови за инфлација.Начинот на кој ќе се зголемува минималната плата со субвенционирање на придонесите, на разликата од зголемувањето од страна на Владата е вештачки и популистички и со тоа создава хаотични услови во економијата.

Демонстрирањето на грижа за работниците на популистички начин е од политички порив и во никој случај оваа социјална мерка не може да се карактеризира како економска.

Хаос во математиките кај работодавачите

Повисоките цени на репроматеријали, поскапата  енергија  и повисока минимална плата повлекуваат  зголемени цени на крајните производи, кои пак влијаат на зголемување на стапката на инфлација. А инфлацијата приказна за себе, како лизгање по удолница , по која тешко се намалува брзината, а уште потешко се застанува.Поскапите истовремено помалку конкурентни производи предизвикуваат намалување на бројот на работниците.

Какви се прераспоредувања и реорганизирања  ќе им бидат потребни на работодавачите со цел   да ги исплатат работниците соодветно на сложеноста на нивните задачи, усогласувајќи се со  минималната плата, а притоа да останат продуктивни?

Хаос при исполнувањето на условите за субвенционирање

Субвенционирањето од владата за компаниите ќе трае само шест месеци ,а обврската за задржување на работникот за кој фирмата примила субвенција е една година од месецот за кој е примена.

Правните лица  во стечајна и ликвидациона постапка, правни лица кои што ги немаат подмирено обврските за даноци,придонеси и плата , како и за секој вработен за кој претходно е искорисено друго ослободување, не ќе можат да ги користат субвенциите за минимална плата.

Бројот на работниците за кои фирмите имаат обврска  за исплата 18.000 ден. минимална плата  ќе биде далеку поголем од бројот на работниците  кои ќе ги исполнуваат условите за субвенционирање.

Проблемите власта ги решава на начин што на крајот обврската ја префрла на грбот на даночните обврзници , кои  преку плаќање даноци го полнат буџетот и ја крепат економијата . Но оној што е во функција да  ја управува економијата и да креира економски политики, тоа не го прави со  стабилни мерки кои ќе  го подобрат стандардот и економијата.
На крајот тежината од зголемувањето на минималната плата ќе биде на работодавачите, кои во овој период на здравствена и енергетска криза преживуваат, посебно малите фирми кои се најбројни.

Хаос меѓу платите на работниците во приватниот и јавниот сектор
Зголемувањето на минималната плата треба да биде како во приватниот ,така и во јавниот сектор.Доколку не се случи скалесто зголемување на сите плати процентот на вработени кои примаат минимална плата на државно ниво од 13,8% ќе се зголеми на 18%. Во таков случај ќе се предизвика демотивираност кај вработените и нерамноправност при исплата на плата според коефициентот на сложеност на секое работно место.

Дополнително за да биде целосна мерката  и сериозна намерата за зголемување на минималната плата потребно е да се донесе ребаланс на буџетот,со кој ќе се зголемат дотациите на општините од страна на Владата.

Зголемувањето на платите во јавниот сектор реално треба да се случи без одолговлекување ,како и скалестото зголемување што е неопходно потребно. Паралелно на тоа секојдневието  е се поскапо .

Решенија секогаш има,но она што е важно е дека истите треба да бидат суштински и да ја придвижуваат економијата ,а не да и бидат товар.Дел од нив се намалување на даноците,придонесите,акцизте,намалување на парафискалните давачки,стимулирање на градежништвото… начинот на кој се грижиш за својот народ,на тој начин се сака  својата држава.

 

Анастасија Илиеска