недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Отпорот е должност и света обврска!

Отпорот е должност и света обврска!

Какви порази сме морале да издржиме,
какви срамови,
какви поруги.
Боже, умот дури ми се свртува!
Ни помагало нешто, нè крепело нешто,
некаква смешка, некаква површност, –
и по сето тоа
во нас
некаква надеж, некаква желба,
некаква скриена смисла
безрасудно
пак изртува!

Историјата се повторува ли повторува. А, можеби токму затоа и северџаните сакаат да ја избришат? Не, не бадијала, горенаведената песна „Преживување“ на великанот Блаже Конески децении и децении потоа е толку јасен и пластичен опис на денешницата. Безвремски стихови на човечиштето кое е неизоставен дел од културната меморија на македонскиот народ. Онаа иста меморија која Бугарите, сега потпомогнати од лицемерниот Брисел се обидуваат да ја избришат. Велам, се обидуваат, затоа што и ова ќе остане само еден антимакедонски јуриш во обид. „Статива“ и класика. Бадијала е и толку сесрдната помош на домашните квислинзи, алијас северџани, со големо „ура“ и поддршка од албанските опортунисти со закани за војна и меѓуетнички ескалации, испреплетена со елегиите на болумената лукративни експерти и суријата тажни, црнопојни новинарски пера. Повраќаници…

Не сфатија пустите суртуци, дека секогаш ќе си имаат работа со една вонвременска македонска алхемија и разбуден народ кому сега пак му дојде преку глава. Да, бугарскиот демек француски предлог ја прели и онака преполнетата чаша со антимакедонизам, злодејанија,  поруги и понижувања од кои цели ПЕТ години умот ни се свртува, како што вели и Конески. Но како и во песната на Македонецот, повторно преживуваме и се свестуваме затоа што сакале да признаат ил не нахалните северџани, наспроти нивната приземност и понизност во македонскиот воздух и почва има нешто невидливо, моќно и надземно кое не крепи, некаква надеж, желба и скриена мисла која безрасудно, пак и пак и пак изртува! А со неа и македонштината. Оти, зад сето ова стои МАКЕДОНИЈА.

Не сфатија, неоти некогаш и ќе сфатат ајваните безрбетни, дека ова е еден цикличен процес кој се повторува низ историјата. Процес на катарза и прочистување на организмот наречен нација, во кој според старите правила на опстанокот и еволуцијата, опстојуваат и преживуваат само најсилните, најупорните и најжилавите, оние кои до последно остануваат луѓе, наспроти процесот на шарена дееволуција која од луѓето прави послушни корисни мајмуни (а од државите протекторати) битија кои остануваат слепи и неми на грдите антимакедонски собитија, ликови пресреќни што можат катадневно и без пардон да ги задоволат своите хедонистички ултра-северџански пориви, без трунка духовност и образ во целата прикаска.

Ќе загубите, чеда фаустовски, затоа што кога ќе се одродиш, остануваш без корен, а потоа ветрот е многу лесно да те оддува. Веројатно, затоа им е и несфатливо што толку денови во низа една река убав народ не отстапува од улица и протести, не разбираат шапшалите чуму по инфилтрирани качулки имаше двојно повеќе народ, зошто по вадење пиштоли и камења денеска ќе има уште и уште повеќе од претходно. Како и утре, задутре, прекутре. Затоа што овде сме биле, тука сме и ќе бидеме. За навек. Па пукнете си од мака, ама не остапуваме.

И пуштајте ги и натаму тие ваши ушмркани и глупандерски екими со „идентитет-форте“ капсули да не’ лечат, не можете бре да спречите и излечите нешто што не го разбирате раснети ко бубрези во лој на јаслите на антимакедонизот. Истите вие кои во турско бевте јаничари, во српско најСрби, поголеми Бугари од Бугарите во време на војната, па станавте Југословени по неа. Сега, пак, едвај чекавте да најдете нешто за да не бидете Македонци, па станавте демек Европјани, кои соочени со долгиот процес на иницијација и одбивање на цицката од Брисел, полека се трансформираа во Северџани.

Сфатете, тестот дали си Македонец или не е повеќе од едноставен, одамна го поставивме, но не е лошо да го повторме: Ако добиваш инстант нагон за повраќање кога ќе чуеш Северна, Македонец си. Ако не, нит си бил, нити си, ниту некогаш ќе бидеш. Точка.

Како може некој воопшто и на крај ум да помисли дека можете, бар малу да сфатите дека протестираме за нашата чест, иднина, гордост, историја и достоинство? Како, кога вие сте толку успешно сороспијски оперирани од истото? Како да им зборуваме за Македонија на индоктринирани неолиберални ликчиња и апатриди кои ја гледаат саде како територија на која се родени за да им биде средство и отскочна даска за правање пари? И не, не се чудиме што веќе триесет години тргувате со идентитетските одредници кои не ви значат ништо, што немате срам, ниту скрупули, најмалку емпатија за болката која им ја нанесувате на своите сограѓани.

И како човек да допре до вас мозочно миените и да ви објасни дека во ова време невреме ОТПОРОТ Е ДОЛЖНОСТ И ОБВРСКА КОН МАКЕДОНИЈА! Невозможна мисија.

Не, не ни мислиме, нити можеме да ви објасниме, бадијала и да ви нацртаме,  ќе ви објасни едно друго место. Се вика улица и отпор. Можеби, гледајќи катадневно стотици илјади убав народ, ќе сфатите дека нешто се случува. Па, барем, за секунда ќе се замислите така суртучки оптегнати со пивцето в кафеана…

Се гледаме пред влада и собрание, секој ден.

Да не’ има, за да не не’ снема!!!