среда, 22. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Паѓањето е случајност, останувањето долу е избор

Паѓањето е случајност, останувањето долу е избор

Рибата смрди од главата, а оваа година на заминување некој ја загуби главата. Да, „лидерот“, макар, лидерувал (водел) во провалија. Ок, да не се лажеме, смрдеата останува сеприсутна и натаму ќе ви ги ремети сетилата, но смрдоносната прогноза вели дека во 2022-та таа ќе биде бааги поподнослива за респираторниот систем на Македонецот. Економски кризи сме прегрмеле сто, всушност, во криза сме отсекогаш, од векот, од раѓање, тоа ни е ко „добар ден“, па веројатно и би ни фалеле ако ги снема. Отрпнати сме на нив, но националното и атакот врз него боли многу повеќе, жари, пече, боли, убива….

Велат дека и најдолгиот пат започнува со првиот чекор. А, Македонија во 2021-та го направи тој долгоочекуван прв, голем чекор во враќањето кон македонштината, кон своето. Факт е дека владејачката североидна болумента, преку своите новинарски и пи-ар гавази и пропагандни потрчковци се обиде да го засени, минимизира и релативизира ова „враќање“ од кое нема враќање назад, но како и се’ што прават и овие суртучки обиди останаа недоквакани, недоносени и никакви. Од кого е, и многу е, нели…

Да не се лажеме, по долго чекање во 2021-та година со најпозитивниот настан во неа започна урнисувањето на прикаската на североидните, насила натурени и ултра-неспособни „владетели“, чин кој најмногу, најачик, го покажаа локалните избори. По долга пауза, победа на Македонија. Тоа не беше пораз, тоа беше тотален, апсолутен дебакл на Заевци и малото муртинско диктаторче. Почеток на тонењето на Заевизмот, иако, не е крај. Фер, нема да биде лесно штетниците да се тргнат од позициите кои ги држат како маѓепсани, затоа што влогот им е голем. Се вика слобода, за многумина од нив, армија северни чеда со лепливи рачиња кои нема да ја загубат само власта, да не се лажеме. Затоа, бидете подготвени дека ќе гребат, касаат, ќе удираат под пазуви, ќе кубат, пиштат и вриштат, лелелкаат. Прво, затоа што поинаку не знаат и второ, затоа што маката им е голема. Таксират северџански…

Апсолутно најникаквиот, најдегутантен и најглупав момент во 2021-та е и ќе остане Заевата оставка, која од природен чин на губитникот „стана“ триумф на недоцрпнатото чедо. Најбеден, мајмизерен, набљак момент, дефинитивно. Она, кога ќе загубиш „ко Грчка“ на времето, кога некој ќе те декласира и потепа на терен, а ти наместо со наведната глава да не знаеш од која врата да излезеш од Владата – со своите медиумски суртуци удираш агенда дека си доблесен и чесен, па даваш оставка која се влече три месеци и оп – ја дефокусираш и отргнуваш единствената вистина – дека си доживеал пропаст, погром, дека никој не те сака и дека треба да си одиш. Не ја даде дека е фер и чесен, не знае за тоа, ја даде заради поразот при кој останаа со саде две поголеми општини. Точка.  Затоа, спинот и извртувањето на прикаската со оставката на Црпко ќе биде најступидниот настан. Во него немаше ни трунка доблест, особено што финишира со најкомичниот и најпатетичен настан во 2021-та: Местенката за избор на неговиот привезок, кој ко стара мома за женење бессрамно на бендис и „упознавање“ ја носеше насекаде. И сега Зоче ќе му команда од сенка на Димитар со прекар Таче, кого кумановци „го викаф“ Ќуран…

За најтажен момент во 2021-та се натпреваруваат два настана. Пожарот во тетовската модуларна болница и трагедијата во бугарска Струма. Изгореа и се задушија вкупно 60-на луѓе, меѓу нив и многу деца, а причината иста – нефункционирање на системот, кој закажа во двете трагедии. Прво, со пуштање во употреба на пеколна стапица во улога на болница, се’ и се“ за да некој се наполни со пари, а во случајот на старотната сообраќајка – пуштање и рушвет за автобус без лиценца кој стотици пати ја минал границата, иако не смеел ни да мрдне од паркинг. И во двата случаи – системските грешки убиваа луѓе. Многу, премногу луѓе. А не/функционирањето на системот зависи од власта, не од пензионерите во Жена парк…

И за најбезобразниот момент во 2021-та имаше голема тепачка меѓу Заевци. Се натпреваруваа Рашко, Димова, Кичеец, Филипче, Бочварски и секако, неодминливиот Зоран. Сите, кој од кој поповрзани и подобри другарчиња со последниот. Сепак, ловориките ги зема Филипче, малку пред Бочварски автобусчијата. И така, со кабелот виновник за тетовската огнена стихија под мишка, лекарот си замина да оперира, оти сфатил дека таму е покорисен. Малку доцна му текна, но подобро некогаш отколку никогаш. Камо, нели, порано да му текнеше, за доброто на Македонците, ама тогаш не би бил другарче со Зоче, нели…

Бугарите, за жал, не се настан од 2021-та, тие се вечни со својот национал-шовинизам, така што на искомплексираните соседи нема да им дадеме простор. Исто ко што нема да им ја дадеме историјата, која можат само да ја сонуваат…

2021, година кога уште илјадници умреа од корона, време кога власта не мрдна ни со прст за нив, време кога патриотите остана да чмаат во занданите, година на нови задолжувања и криминал на врхушката, период на секојдневни политички глупоштии на Заев & компанија, но и година на почеток на нивниот пад.

И додека Заев звоца и со полна уста се вади дека тој не паднал, туку само сакал да го гушне подот, за напатените Македонци честопати испаѓа дека е вистина што понекогаш, кога изгледа дека работите се распаѓаат, тие, всушност, само доаѓаат на вистинското место. За ука. Да, можеби малку чудно се редат пустите дејанија во Македонија. А можеби и на пирејот му треба тренинг, да не се опушти премногу.

Сепак, мора да бидеме фер и да си признаеме, дека и ние паднавме на испитот, траснавме, ама здраво. А она што те дефинира и опишува по падот е како ќе станеш. Некогаш, пак, паѓаш долу за да го најдеш тоа што е таму, нели.  Епа, ајде 2022-та да биде година на „наоѓање“ и на станување, поради нас, поради нашите деца, поради Македонија. Знаете, факт е дека паѓањето и пропаѓањето можат да бидат несреќа, недоразбирање, неинформираност, момент на малодушност, невнимание или случајна комбинација на најразлични фактори. А останувањето долу,  е тоа веќе е избор…