Навистина не знам што попрво да помислам кога ќе ми текна на се она што Македонија преживува како притисок од соседите во изминатите 30 години.
Се согласувам и свесен сум дека не така мал дел од вината е и наш, како нација. Тоа што се ставивме во ситуација да сме внатрешно разединети, народот да е контаминиран со небулозности, но и да има вршители на државни функции (актуелни и поранешни) кои поддржуваат ставови кои се косат со ставовите на народот, но и со севкупните национални интереси. Нај интересно е што се токму тие носители на функции се ликови со „црно под ноктите“, со бројни случаи и обвинувања во фиока.
Навистина е болно кога тројца од вкупно пет македонски Премиери плукаат по се она што е корен и основа на државата. Навистина болно и потценувачки. Се има впечаток дека единствено што сакаат е да си ги покријат сопствените задници, ништо повеќе. Класичен макијавелизам. Терајќи го сопствениот интерес, го газат сопствениот народ и ја трујат македонската нација.
Политиките кои ги води бугарската држава, се очекувани. Имено, се она што повоена Бугарија во првите 10тина години во Втората светска војна го прифати и примени, во изминатите 60тина години го контаминира и погази. Треба да се гледа и од нивните појдовни позиции и причината зошто се поставени сите овие барања.
За кои барања всушност зборуваме?
- Барање да окупацијата во Втората светска војна всушност била ослободување, а дека присуството на Бугарија тука било административно.
- Дека македонскиот јазик не е засебна јазична целина, туку западна дијалектна форма на бугарскиот јазик.
- Дека историјата помеѓу бугарскиот и македонскиот народ пред АСНОМ е заедничка, во смисла дека Бугарите и Македонците се едно, т.е. дека до тогаш сите сме биле Бугари.
- Националниот идентитет на македонските револуционери, преродбеници, интелектуалци да се прогласи за бугарски.
- Откажување од борбата за своите права на македонското население на територија на денешна Република Бугарија.
Оваа современа форма на инквизиција, овој хибриден фашизам кој сега се искажува, само ги поткопува и на долг рок нарушува односите помеѓу Македонија и Бугарија. Да се разбереме, обичниот народ меѓу себе нема проблеми. Македонецот и Бугаринот слободно патуваат, летуваат, зимуваат, јадат, пијат, водат бизнис, склопуваат бракови. Ова што сега го прави Бугарската држава е повампирување на некои идеи за големи држави и нации, а ускратување на основните човекови права на луѓе со македонска свест и идентитет, токму во нивната држава.
Зошто токму сега, зошто баш вака? Патот за македонското интегрирање кон Европската унија е трновите процес кој во најмала рака би траел меѓу 5 и 7 години, а објективно околу 10 години. Попатно Бугарија ќе има можност да преговара, разговара или блокира доколку нема одредена усогласеност. Со ваков ригиден и ултимативен став тие само прават да се сее омраза помеѓу обичниот народ и да се поларизираат односите.
Треба да престанеме да бараме непријатели и да се генерира конфликт,а македонските власти за почеток треба да престанат да ја дефокусираат јавноста од тоа што се случува во државата, бројните афери и недоследности во владеењето, и партизираното и поделено општество. Со најави дека ќе рушат споменици и слични будалаштини кои не престануваат, напред, нема одење.
Очигледно е дека со сево ова што Бугарската држава го прави во моментов е обид да се прикријат многубројните историски вистини, но и да не се разниша митот за етничката монолитност, исто како што е случајот со Грција. Националните митови за големи и силни нации, етнички чисти, поготово на Балканот е смешен. Се согласувам дека има теми за кои може да се анализира и зборува, да се бара говор на помирување, но Бугарија е таа која ќе мора да ја прифати и етничката и националната и јазичната реалност. Анализирањето кој што бил етнички во историјата е во најмала рака смешно. Видете што зборувал и за што се борел. Како стои во документите неретко е ирелевантно.
Александар Ристевски