Ако некој нормален се’ уште веруваше во валидноста на пописот, пиши-бриши „пермутацијата“ на апостолот на Заев, Симовски, ја закопа и таа ретка верба. Ок, верба пораритетна и од пандата, пандан на розов слон, имагинарно животинче за кое дел од инструираните северџани и натаму биле цврсто убедени дека лета. Исто ко што и Македонија некогаш ќе биде северна. Логиката им е едноставна, ако можеа магарињата на Димова да летаат, синчето на Рашко од мекици да гради хациенди за тате, а Ковачевски да биде премиер, па чуму да не верувате и во пописниот розов слон на Апостол?
Арно ама, ова со „пермутацијата“ силно потсети на едно слично недело кое ја урна довербата во легитимитетот на изборите во 2020-та. Да, оној симптоматичен „пад на системот“ кој само го потврди и онака силниот сомнеж дека нешто опасно смрди во државата македонска. Така, првпат во живот и лузерот Заев „победи“. И не, тука не важеше „и ќорава кокошка да клукне некое зрно“, ова беше теледиригирана кокошка, гарант од невенчаниот сопруг на Царовска…
Како да се чувстувате во држава за која знаете дека институциите ги „црпнуваат“ и местат пописните резултати? Што да мислите за „направија“ во која обична статистичка операција станува политикантска желботека, на страна соопштена со фанфари пред дипломатски кор, небаре ја откриле Америка? Како би оквалификувале систем во кој пребројувањето функционира по принцип на нарачка, започнува со закана за непризнавање ако некој е помалку од толку и толку, а завршува со честитки од истиот тој кој се заканувал дека поинаку нема да го признае?
Која е тајната формула за 355 атеисти да станат 8764? Како некого да „зголемите“ за скоро 25 пати? Па со пермутација драги мои, прашајте го апостолот на Заев, тој ја знае тајната. Неофицијално, му подготвувале и Нобелова награда за математика, по урнек на онаа зевзечката за мир за ЗЗ.
Логиката е повеќе од едноставна. Епа, ако со „обична“ компјутерска грешка, можеше за два дена да се сменат резултати кои ги „квачеа“ 180 дена и небаре на абакус ги собираа оние македонски милион и осумстотини резиденти, чуму да не можело бројките да се дотераат и наместат по желба во текот на тие просто неверојатни 6 месеци? Да, ступидната пермутација стана силна причина за диксфалификација на компромитираниот процес кој од стартот беше осуден на неуспех и недоверба.
Најсериозната причина за „црвен картон“ пак е математиката. Да, математички гледано, ако го користат методот на Симовски за „пребројување во рекордно време“, на Кинезите би им требале околу 390 години и 6,5 милијарди евра за да се попишат. Замислете само како во 25-от век со амбасадорите од Марс и Плутон се радуваат на сознанието колкумина биле во 21-от…