вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

ПОПИС со ПОтПИС на Заевци

ПОПИС со ПОтПИС на Заевци

И натаму се чудите зошто нема зејтин? Еурека! Владата го откупила целото производство, им требале тони и тони зејтин за да ги подмачкаат „резултатите“ од пописот. Бадијала, на сето подмачкување и натаму никој не им верува…

Сериозно, ѓаволот одамна ја однесе шегата од Македонија, но можете ли да си замислите дека им требаа цели шест месеци за да ни соопштат вакви  „резулати“ од Пописот, кои ТВ 21 така „случајно“ ги доби? Замислете, цели над 180 дена некој ја тупел и си ја мавал главата од ѕид за да ни ги презентира нарачаните бројки кои малтене (плус-минус  2 насто) беа познати уште пред истиот да почне? Во право бевме, ќе заштедевме милиони и могу малтретирање на народ, а ќе имавме исто, недоносено пописно дете. Требаше само да ги дадат и онака готовите, стокмени цифри, ќе беше фер. Името на Грците, историјата на Бугарите, власта и пописот на Албанците. За Македонците и онака не им е гајле ниту на самите Македонци. Пофер здравје…

Ви текнува на изјавите на Бујар и Артан, дадени пред пописот воопшто и да почне? Оние дека нема да го признаат ако се под 20 насто? А последната на Груби, толку нежен на цифри пустиот, беше дека бројките на пописот ќе биле онакви какви што рално се? Ццццц, рекоа Македонците…

Туку, зарем мислевте дека Заев ќе си замине без да му врати на Алија за 2017-та, за онаа победа без победа, кога стокмија влада без победник? Зочето со истите тие гласови стана премиер, смени и име, устав, донесе и двојазичност, илјада тендери, две аболиции, не внесе кај што не внесе. И така, ЗЗ ќе си оди, ќе раководи од сенка, а Али ќе остане со куси ракави?! Мало сутра, би рекол истиот тој Заев. Алија уште погласно…

Знаете, многу е смешно кога знаете нешто што ќе се случи, а не сте Баба Ванѓа. А го знаете само и само благодарение на проѕирноста и предвидливоста на политичките дилајли, натопорени од некого да владејат, од народот никогаш. А кај истите тие суртуци важи едно правило. Мора да ја вратат услугата кога биле пред затворање на СДССС дуќанот. А тука, Алија саглам ги услужи, прекина норми заради кои Грујо го набрка Тачи од Влада, смени игра и стана дезинтегративец. Не дека не му одговараше. А и ЗЗ никогаш немаше да биде толкава антимакедонска дилајла без Ахмети. За потсетување, кога она „заврши“ демек-пописот кој реално заврши пред да почне? На 1-ви октомври лето Господово 2021-во?!?!? Симптоматично, наскоро по тој датум, Заев почна да се „пакува“ да прави попис на инвентар во СДССС…

Да, овој фејк-попис е само еден беден гудбај-подарок на Зоче за Алија на заминување. Попис за отпис на долгови. Да му се оддолжи црпнатото чедо, за фактот што „седокосиот“ го црпна од опозиција и го направи премиер човечето за кое, според „ај-кјуто“ и ерудицијата, и портирницата на таа влада била поим.

24,7%? Ви требаа цели шест месеци за Попис чии вистински резултати беа познати веќе следниот ден, на 2-ри октомври? Дечки, ајде да не се лажеме, 180-дневна битка не се бие за процент-два, мора да била јака дупката. А, знаете кога ќе ја чуеме вистината? Сега не, гарант. Покрај Украина, не било време за „таласање“, од никој аспект. Сега за сега, вистината ќе трпи…

Почекајте, за година-две и по промена на власта, некоја птичка ќе пропее и ќе ја каже реалната слика. Прашање на време е. Со Господ напред, затоа што сега го играме „тешкото“ и повеќе одиме назад отколку напред. Како и со бројот на население.

И покрај се, со Заевци, 65 насто Македонци е многу (132.000 или 7,2% непопишани се Македонци). Имајќи предвид дека нивната цел и задача е да не дотераат до НУЛА, добро се држиме. Не, не прадлагам блех-оркестар и журка на плоштад.

Ги победивме Германија и европскиот актуелен шампион Италија? Епа, можеме и Заевци. Со или без попис со автентичен македонски потпис да им смениме на владејачко работно место опис, ама по пропис.

А за тоа, требало улица…