среда, 15. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

„ПРЖИНО 3“ ЗА ДА СЕ ДОПРЖИМЕ!

„ПРЖИНО 3“ ЗА ДА СЕ ДОПРЖИМЕ!

Како на филмска лента се редат настани и одлуки кои ја носат државата Република Македонија и Македонскиот народ во неповрат. Погледнато од временска дистанца, од еден до друг Божиќ, се чини работите повторно се ставени на грешната лента каде најверојатно повторно ќе се рециклираат истите губитнички чекори кои сигурна сум, убедена сум нема да донесат ништо добро за државата и за Македонскиот народ.

Ако минатиот Божиќ бевме принудени како статисти да ги гледаме однадвор стокмените елементи на злосторничката стратегија за распад на унитарниот карактер на државата, на овој Божиќ, или можеби некој ден подоцна (зависно кога ќе се постигне договор во грчката влада за некакво за нив прифатливо решение за „нашето име“!?) повторно во својство на статисти ќе бидеме принудени, гледајќи нанадворда ги следиме новите стокмени елементи на веќе скроената контура на „нашата“ нова држава која е веќе договорено (во европските кулоари и неформални средби!) да произлезе од веќе распаднатата држава Македонија. Распадната држава? Веројатно ќе биде вашето следно прашање. Како распадната држава Македонија? Па Република Македонија и натаму постои, еве ја гледаме, ја има, реалност е.

Ако некој се уште мисли или има некаква надеж дека Македонија е истатадржава од пред неколку години, или дека е нормална и правна држава како сите останати држави во светот ќе мора итно да се пробуди од сонот, или ако не сака да се буди ќе треба итно да посети психијатриски специјалист за да му ги среди халуцинациите и лажните слики.

Македонија, драги мои, ниту е правна, ниту е нормална држава споредено со која сакате друга држава во светот. Зошто? Па многу едноставно. Затоа што дозволивме да и бидат срушени трите столба врз кои се заснова секоја нормална држава.

Првиот столб е територијата, вториот е населението, суверените граѓани, и третиот е од народот избраната власт. Да почнеме од територијата. Формално-правно Македонија има какви-такви дефинирани граници. Но, дали е тоа доволно за да се потврди дека Македонија има своја суверена територија во која суверено владее власта и суверените граѓани? Дали е доволно да се констатира дека со вдолж исцртаните гранични линии кон соседите Македонија може да потврди дека има суверена територија на која суверено ја остварува власта? Не, не, јалнаш е таа слика ипретстава. Македонија може де факто и де јуре да има своја територија не само ако докаже дека има исцртани граници кои ја делат од соседните држави, туку ако со дела докаже дека има автохтон капацитет да ја одбрани својата целовитост од разно-разни политички и други влијанија, како и од реализацијата на некакви идеи содржани во странски договори, скици, платформи, стратегии и слични марифетлуци кои имаат за цел да ја деформираат нејзината целовитост.

Македонија се уште има минимална шанса да докаже на дело дека има своја суверена територија, но само ако застане на патот и ако го спречи договореното раскрчмување, ако го стопира веќе започнатиот процес на скицирање нова територијална мапа и нова територијална распределба на „нејзиното суверено тло“. Иако лично не гледам сила која ќе застане на патот на таквиот процес, не гледам никаква политичка акција, а уште помалку политичка волја која ќе се спротивстави на ваквата ујдурма, сепак нели така велат старите надежта последна умира.

Одиме на населението. Овој втор столб на државата е одамна ставен под знак прашање, посебно по неуспешниот обид да се заврши започнатиот попис во државата за да конечно се преброиме, и да видиме колку сме. Оти бројките од пописот ќе мора да се отсликаат и на параметрите по кои се делат работните места, како се крои и функционира третиот столб на државата-власта. Вистината што ќе произлезе од пописот ќе ја стави на мака „Рамковната“ Македонија од 2001 година, но и директните странски сценаристи-експерименталисти кои ќе треба од почеток да го објаснуваат и оправдуваат деценискиот политички инжињеринг што го правеја во државата. Ќе треба да отпаднат многу од рамковните квоти, ќе треба да се изврши ревизија и на уставните одредби кои ни беа на сила наметнати во системот. Структурите на власта ќе треба да претрпат сериозна реорганизација согласно новиот концепт на поделба на колачот што ќе се наметнекако природен елемент посебно по паѓањето во вода на сите вештачки критериуми кои насила ги „варевме“ последниве две децении. Власта ќе мора да претрпи сериозно декомпонирање. И не е само пописот.

Нормалната држава се цени и според бројни други стандарди и критериуми, а не само по етничкиот критериум кој за жал кај нас е клучен при дефинирањето на учеството во власта.

Нормалната држава се цени и според исполнетоста на демократските стандарди во изборниот процес. Колку граѓаните навистина одлучуваат и ги избираат своите претставници. Колку изборите се ослободени од секакви влијанија, притисоци, уцени, купување на гласови, мито, корупција. Колку изборите се вистинска слика за поддршката што власта ја има кај граѓаните. Во овој елемент, Македонија дефинитивно не е нормална држава.

Понатаму, нормална држава е онаа што ги почитува и заштитува од повреди основните човекови права и слободи на граѓаните. Македонија и по овој параметар не е нормална држава, бидејќи во 21 век дозволува флагрантно кршење на човековите права ни помалку ни повеќе од сопствените државни органи на власта. Државните органи на власта измислуваат обвиненија и товарат невини граѓани за тероризам против уставниот поредок во услови кога самата власт сторува терористичко загрозување на уставниот поредок на државата. Власта пред очите на целата јавност го киднапираше и го силуваше уставниот поредок на државата на 27 април, а не притворените за тероризам. Сегашната власт првоги испогани Уставот, Деловникот на Собранието, законот, кога го исценира и оствари оној злосторнички чин на „избор на претседател на Собранието на РМ“. Тој „избор“ беше кукавички и насилнички чин насочен против Уставот на државата, и против уставниот поредок на државата. Поредок креиран надвор од рамката и одредбите на Уставот не може да се дефинира како уставен поредок. И уште попарадоксално, оние што го изместија уставниот поредок од нормалното лежиште сега имаат образ да ги обвинуваат уставобранителите за тероризам!? За враќање на нормалните патеки, Македонија ќе мора прво да го расчисти овој Гордиев јазол, бидејќи од таму почна се, и од таму мора да заврши се во државата. Ако не се расчисти ова злосторство, Македонија забрзано ќе ита кон пропаст. Многу е важно и како ќе се решава овој процес. Ако се вратиме повторно на чекорите од „Пржино“ мав ни е работата. Ново Пржино ќе ги допржи и доуништи и оние елементи што евентуално успеале да останат живи и нормални од оваа голема политичка играрија што ни се наметна однадвор во земјата. А се ми се чини дека е на повидок некакво ново „Пржино 3“ како капак на и онака растурената Македонија!

За да ни потврдат дека сами си се испрживме, дека никој од надвор не ни е крив!!!